1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто критиката им е неопходна на концерните?

Клаудија Лашчак/ Зоран Јордановски11 декември 2015

„Комплајенс“ - законитото однесување, очигледно потфрли кај Фолксваген во скандалот со манипулираните издувни гасови. Како се однесуваат кон таа тема големите концерни во Германија?

Фотографија: Reuters/K. Pfaffenbach

Кога во септември дојде на чело на Фолксваген, Матијас Милер објави дека концернот ќе постави „највисоки стандарди за раководење и за законито работење и однесување“ во целата автомобилска бранша. Големи зборови и ветувања - но никој во концернот не сака да ни даде интервју на оваа тема.

Прашања кои сами се наметнуваат: Зошто манипулациите толку долго не биле забележани? Немало никакви индиции? Наводно, според иследниците, многумина соработници знаеле, повеќе стотици. Но никој ништо не кажал. Барем не толку гласно за да може да биде слушнато. Зошто е, всушност, толку тешко да противречиш, да му се спротивставиш на системот?

За инженерите во Фолксваген веројатно бил преголем интерниот, групен притисок, преголем стравот од репресии и губење на работата. Во претпријатието владее култура на молчење, велат критичари како Јоханес Лудвиг од здружението „Мрежа на свиркачи“: „Во Фолксваген имаше свиркачи, но тие беа интерно запрени“. Пензионираниот професор, кој е и член на раководството на здружението, нагласува: „Уште не знаеме подробности, но ќе беше подобро за Фолксваген да била дозволена критика. Сега би заштедиле милијарди евра, но првенствено би избегнале штети за имиџот“.

Фотографија: picture alliance/dpa/J. Stratenschulte D. Roland/AFP/Getty Images

Сименс како предизвикувач

„Беше како војна“, се сеќава Клаус Мосмајер, кој бил сведок кога во 2007. година иследници од полицијата и обвинителството стигнаа пред централата на концернот Сименс во Минхен. Тие извршиле претрес во десетици канцеларии и однеле повеќе кутии со акти. Тоа беше почеток на една од најголемите корупциски афери во германското стопанство. Со години менаџери на Сименс ширум светот плаќале милионски суми за подмитување, за концернот да добие вносни зделки.

Никој ни не насетувал колку големи биле тие црни фондови и колку бил разгранет системот на корупција во еден угледен германски концерн. Сименс мораше да плати повеќе од двеипол милијарди евра како надомест за причинетата штета. „Многумина соработници, кои беа вплеткани во скандалот, велеа: ’Не го сторивме тоа за нас лично, туку за Сименс‘. Тоа е погрешен одговор; морам да се прашам дали сум лично подготвен да преземам одговорност“, вели Клаус Мосмајер. Тој денес е шеф на одделот за борба против незаконито однесување и корупција во Сименс. „Комплајенс-одделот“, во чие формирање и самиот учествувал, е востановен дури по скандалот.

Концернот има 350 000 соработници во целиот свет - за Мосмајер тоа е како голем град, во кој неговиот оддел е полиција. Поединечни случаи, вели тој, не можат да се спречат: „Но, ние мораме да сузбиваме систематско недозволено однесување. Секој треба да се постапува како да е тоа негово сопствено претпријатие“.

Се разбира дека мора да се почитуваат законите. Но Мосмајер првенствено сака да создава култура на интегритет. Вели, секој треба да си се праша, „можам ли ова што го сторив за време на работата, да го раскажам на мажот ми, на сопругата, на мајка ми, на ќерка ми, а без да се срамам поради тоа?“.

Фотографија: Reuters/L. Barth

Кој се осмелува да каже НЕ?

Плаќање мито, еколошки гревови, црни фондови - долга е листата на кршење на правилата од страна на германските претпријатија. Порано не се обрнуваше толку внимание на оваа тема, но скандалот на Сименс беше повод за многу фирми последните години да воведат такви, таканаречени „комплајенс оддели“ и да ги заострат директивите. Се променија сфаќањата во општеството - можеби и поради тоа што се промени и правосудната практика.

До 1998. година беше легално германски фирми да плаќаат мито во странство. Дури тогаш беше законски инкриминирано и стана казниво. Дотогаш постоеја и даночни олеснувања за парите дадени за подмитување! Плаќањата честопати одеа преку трети фирми или како хонорари од консултантски договори. Во големите концерни многу бавно се развиваше свеста дека тоа веќе не е легално.

Кај Сименс соработниците можеа по телефон, онлајн или преку електронски систем за пријавување анонимно да пријават нерегуларности во работењето. Минатата година имало повеќе од 600 пријави. Секое укажување се проверува. Кој претпочита личен разговор, може - исто така анонимно - да им се обрати на надворешни омбудсмани. Еден од нив е адвокатот Андреас фон Мариаси: „Тие знаат дека јас не сум Сименс. Понекогаш од дискусијата произлегува дека тоа всушност не е тема, понекогаш пак мора пријавувачот да се растовари од грижата дека можеби ќе предизвика нешто страшно“, вели адвокатот.

Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Kneffel

Свиркачите треба да бидат заштитени

Свиркачите, кои откриваат инциденти и ги изнесуваат во јавноста, влегуваат во голем ризик. Денес, навистина, никој веќе не мора да се чувствува како денунцијант, но кој „од мерак“ влегува во конфликт до колегите или претпоставените? Многумина се плашат дека ќе ја загубат работата.

Мариаси ја презема функцијата на омбудсман за Сименс пред една година. Тој нема слушнато дека некој информант бил отпуштен, но и не сака сосем да го исклучи тоа. Инаку, има и заштитна програма за соработници кои, на пример, сакаат преместување на друго работно место.

„Комплајенс“ сепак не е само прашање на правила и закони, туку првенствено станува збор за отвореност и транспарентност. Во претпријатието мора да биде создадена атмосфера во која соработниците ќе се осмелат да кажат нешто. Клаус Мосмајер тоа вака го формулира: „Со комплајенс не може да се контролираат соработниците, нив морам да ги придобијам за него. Комплајенс не смее да се смета за противник на бизнисот“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми