1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Законот за абортус на референдум: За што се гласа во Ирска?

Рахел Клајн
25 мај 2018

Во Ирска денеска се гласа на референдум за начинот на кој ќе се третира абортусот во иднина. Во строго католичката земја досега на сила беше еден од најстрогите закони за абортус во цела ЕУ. Што точно вели Уставот?

Scwangerschaftstest positiv künstliche Befruchtung
Фотографија: picture alliance/dpa Themendienst

Во изминатите години постојано имаше протестни маршови на противниците и бранителите на законот. Што всушност предвидува постоечката законска регулатива во Ирска?

Абортусите во Ирска отсекогаш биле забранети. По референдумот во 1983 година „Правото на живот на нероденото дете“ се најде и како човеково право во ирскиот Устав преку воведување осми амандман. Во него на ембрионот му се припишуваат истите права на живот како и на мајката. При абортус на жената ѝ се закануваат до 14 години затворска казна.

Што се случува ако жена остане бремена како последица на силување или пак фетусот не може да преживее?

Во двата случаи во Ирска е забранет абортус, па дури и во случај на инцест. Жените сепак смеат да абортираат во странство, што според британското министерство за здравство секоја година го прават повеќе од 3.000 жени. Од 1980 до 2016 повеќе од 170.000 жени ја искористиле таа можност. Поголемиот дел од абортусите е спроведен во Англија. Многу жени нарачуваат и апчиња за абортус кои илегално ги примаат по поштенски пат.

Има ли исклучоци во законот?

Од почетокот на 2014 година абортусите се дозволени во случаи кога животот на мајката е во опасност. Според ирското министерство за здравство во 2016. имало вкупно 25 такви потфати во ирските клиники. Основа за тоа е „Protection of Life During Pregnancy Act“, кој беше донесен од ирскиот парламент во 2013. година. За ситуации опасни по животот на мајката во кои е дозволен абортус, се смета и ризикот за самоубиство на мајката.

Во октомври 2012. почина 31-годишна жена откако лекарите ѝ забраниле да абортира. Савита Халапанавар во 17-та недела од бременоста добила инфекција на плацентата која довела до почеток на предвремено пораѓање и сепса. Со оглед на тоа дека срцето на бебето сѐ уште биело, лекарите се повикале на Законот за абортус и не презеле мерки. Дури откако срцето на бебето престанало да бие, го отстраниле мртвиот фетус од утробата на мајката. Халапанавар кратко потоа починала од труење на крвта. Случајот предизвика масовни протести во Ирска против законот за забрана на абортус и ја стави владата под притисок да направи измени во законите.

За што се гласа денеска?

Во референдумот се гласа за укинување на осмиот амандман. Според анкетите, предност имаат поддржувачите на укинувањето. Доколку забраната се укине, владата потоа ќе поднесе нов закон кој беше предложен од Здружение на граѓани. Според новиот предлог, абортусите треба да бидат легализирани до 12-та недела од бременоста. По исклучок, кога на пример животот на мајката е во опасност, или пак при абнормалности на фетусот, абортусот може да биде одобрен и до 22-та недела на бременоста.

Кои се аргументите на поддржувачите на абортусот?

Тие велат дека жената треба да има право да одлучува за своето тело. Додатокот во Уставот не спречува абортуси, туку го поттикнува „туризмот за абортирање”. Во извештај на организацијата за заштита на човекови права Амнести Интернешнал се вели дека жените се третираат како „машини за раѓање". Советот за човекови права при Организацијата на Обединетите Нации забраната за абортуси во Ирска во минатото повеќепати ја оквалификува како „злобна, нечовечна и понижувачка" и бараше од ирската влада да работи на измени на законот.

Што велат противниците на либерализацијата на абортуси?

Тие пак предупредуваат дека абортусот се третира лекомислено и ја нагласуваат заштитата на неродениот живот. Општеството, според нив, не смее да прифати „еден човек да има право да одлучува да го заврши животот на друг човек“, вели претседателот на Биоетичката комисија на ирската Конференција на бискупи, Доран фон Елфин. Во заедничкиот став на Конференцијата се вели дека и по силувања и при тешки оштетувања на ембрионот не смее да се заборави оти „децата се невини и имаат право на најдобра поддршка и грижа“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми