1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Законот за легализација на дивоградби на ремонт

ДТЗ
19 мај 2021

Владата отвара дебата за законот по реакциите во јавноста. Се предлага во него да се вметне одредба со која нема да се легализираат обекти во заштитените подрачја.

Mazedonien Gebäude Regierung
Фотографија: DW/P. Stojanovsk

Владата не се откажува од закон за легализирање на дивоградбите, но е подготвена да се направат одредени измени по реакциите во јавноста. Според првичните најави, во законот се предлага да се вметне одредба со која со легализацијата нема да бидат опфатени дивоградбите во заштитените подрачја. Со цел да се исправат спорните точки од законот, Владата отвара дебата во врска со предлог-законот за легализација на бесправно изградените градби. Овој закон е вратен во Собрание по одлуката на претседателот Стево Пендаровски да не го потпише Указот со кој овој закон требаше да стапи на сила.  
По вчерашната владина седница, на која била отворена широка и темелна дебата, е договорено согласно законските процедури за вакви ситуации, Владата да поттикне јавна расправа со засегнатите страни, како и консултации со пратеничките групи во Собранието и со претседателите на парламентот и државата за да се дојде до најдобро законско решение.

-повеќе на темата: Пендаровски ќе стави потпис на законот за дивоградбите доколку пак биде усвоен во Собрание

„Во таа насока ќе бидат отворени за доработка и најдобри решенија на предлозите кои се однесуваат на временскиот период со кој треба да биде опфатена легализацијата на дивоградбите, потоа реалната дистинкција меѓу објектите кои се за лично домување и оние кои се изградени како станбени згради за профит, како и прашањето за категорична и јасна законска одредба дека со легализација нема да бидат опфатени бесправно изградените објекти во заштитените подрачја, како и сите други укажани прашања на кои посочија јавноста и граѓаните“, сооошти Владата. 

Реакции

Законот што го гласаа пратениците од власта и опозицијата предизвика жестоки реакции во јавноста. Претседателот минатата недела одби да го потпише законот кој предизвика жестоки реакции во јавноста. „Мојата одлука да не го потпишам Указот за прогласување на законот ја донесов врз основа на детална анализа на текстот, при што утврдив дека тој е во спротивност со некои од темелните вредности на Уставот, како и со уставни одредби кои произлегуваат или се во врска со темелните вредности на Уставот. Исто така, сметам дека текстот на законот нема општествена оправданост, односно не е во насока на заштита и промоција на јавниот интерес, што е основна задача на секоја институција на јавната власт“, рече Пендаровски образлагајќи на својата одлука.

-повеќе на темата: Втора шанса за законот за дивоградби - ќе претрпи ли измени?

Ако Собранието по вторпат го усвои законот за легализација на дивоградби, со потребното мнозинство од 61 пратеник, претседателот Стево Пендаровски вчера најави дека ќе го потпише. Тој вели дека тогаш ќе мора да го потпише указот за стапување во сила на законот за постапување по бесправно изградени објекти, бидејќи со првото непотпишување се исцрпуваат неговите уставни надлежности.
„Немам намера да не го почитувам Уставот, да изигрувам некаков претседател кој има т. н. џебно вето, да не се произнесувам. Ако тој закон биде изгласан со потребното мнозинство по вторпат, истиот ден ќе го потпишам, иако имам серија забелешки“, вели Претседателот. Тој се надева дека ќе бидат разгледани и земени предвид забелешките за законот, но тука завршува неговата уставна надлежност. 
 Според надлежните, во Македонија има околу 50.000 дивоградби, чиј статус мора да се регулира. Со законот се предвидуваше легализација на објекти изградени и во националните паркови, а од него беше изземен само Охридскиот регион. Антикорупциската комисија најави дека ќе го оспори законот пред Уставен суд. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми