1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Законот за референдум плаче за итни измени

26 јуни 2018

Законот за референдум е застарен, нејасен и содржи само основни одредби. Владата итно треба да предложи негови измени во скратена постапка, вели поранешниот претседател на ДИК, Александар Новаковски.

Kommunalwahlen in Mazedonien
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Високиот цензус е најголема пречка за реално да се пробројат граѓаните кои се „за“ и „против“ договорот со Грција, сметаат аналитичари, и предлагаат партиите да се договорот за намалување на цензусот, како што тоа се направи за претседателските избори. Ваквиот став го презентираше комуникологот Петар Арсовски, а со сличен предлог се огласи и професорот и поранешен амбасадор Ѓорги Спасов.

„Оние 200 до 250 илјади граѓани, кои од разни причини не би излегле на референдум, со тој чин, преку бојкот, можат да ја негираат апсолутната политичка волја на мнозинството граѓани во Македонија и да тврдат дека Владата мора да го прогласи за неважечки потпишаниот договор со Грција. И тоа нема врска со каква била демократија. Тоа е само доказ дека кое било политичко малцинство со таков референдум може да ја негира волјата на големото мнозинство и да диктира релевантни политички одлуки од судбоносно значење за иднината на земјата од позиција на малцинство“, потенцира Спасов.

Поради тоа, тој сугерира итна измена на Законот за референдум, со цел цензусот од сегашните 50 отсто за успешен референдум, да се сведе на нивото кое е потребно и за избор на претседател на државата, односно на 40 отсто. Дотолку повеќе што во Македонија учеството на избори и на референдум е само право кое може, а и не мора да се искористи.

„Па, ако на една од поголемите партии не ѝ се бендисува, на пример, референдумското прашање, или неосновано почне да обвинува дека нема услови за фер изјаснување, односно дека постои опасност референдумот да биде фалсификуван, таа може во последен момент да повика на бојкот на референдумот и да се случи поради недоволна излезност референдумот да се прогласи за неуспешен, во случајов, дека граѓаните не го одобриле потпишаниот договор со Грција, и оттаму тој станува неважечки“, укажува Спасов.

За референдумот да биде успешен треба да има излезност од околу 900.000 гласачиФотографија: DW/F. Schmitz

Законот е застарен и нејасен

Правната рамка за спроведување на референдум се Уставот, Законот за референдум и граѓанска иницијатива, и Изборниот законик.

„За да се промени цензусот треба промена на Законот за референдум и граѓанска иницијатива“, вели поранешниот претседател на ДИК, Александар Новаковски. Но, тој посочува дека и самиот Закон за референдум е прилично застарен и неусогласен со други закони, поради што неопходни се итни измени.

„Законот за референдум и граѓанска иницијатива е застарен и содржи само основни одредби. Тој не е усогласен со Копенхашкиот документ и Советот на Европа. Законот е нејасен. Треба да содржи детални одредби околу спроведување на референдум или јасно да упатува на примена на членови од други закони. Во него треба да се вклучат одредби за јавната пропаганда, бидејќи одредбите од Изборниот законик не може да се применат во оваа област. Треба детално да се одреди улогата на Собранието. Да се усогласи со Изборниот законик во деловите кои се однесуваат за референдум. Да се прецизираат одредбите за набљудување и овластени преставници. Во целиот овој контекст ќе се дискутира и прашањето за цензус, предлагачи, овластени претставници. Да не се остави простор ДИК со подзаконски прописи да се справува со овие дилеми, туку да биде само технички организатор“, порачува Новаковски.

Според него, во случајов тоа е многу важно, бидејќи се  работи за одлучувачки референдум и тој е задолжителен.

„Некои сакаат да толкуваат закони според досегашните референдуми на државно ниво, но тоа е сосема несоодветно. Владата треба итно да предложи измени на Законот во скратена постапка, но да се прецизира секоја одредба. Сите коментари кои ги слушам прават забуна, па може да замислите што ќе се случува ако се оди на референдум без измени. Тогаш значи дека се остава простор за сѐ“, предупредува поранешниот претседател на ДИК.

Седумте нови членови на ДИК треба да бидат избрани до крајот на јуниФотографија: DW/P. Stojanovski

ВМРО-ДПМНЕ не го отвора картите

За да се направат сите овие измени неопходен е меѓупартиски договор. Во опозициската ВМРО-ДПМНЕ не откриваат дали ќе поддржат евентуални предлози за намалување на цензусот и измени во Законот за рефрендум.

„Нашата политика за тоа каков треба да биде рефрендумот, ја темелиме на Уставот и законите“, кусо одговараат од партијата, одбивајќи да ги коментираат сугестиите за нужни измени за регулативата.

Иако премиерот Заев најави дека последниот збор за договорот со Грција ќе го кажат граѓаните на референдум, во опозициската партија постои сомнеж дали тој ќе се одржи. Тоа во тв-интервју го соопшти потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.

„Во договорот пишува дека тој стапува во сила кога се ратификува во Собранието или кога ќе се организира референдум, со тоа што после зборот референдум, повторно има запирка и пишува - доколку втората страна (Македонија) така одлучи!“, потенцираше Николовски.

Лидерот на партијата Христијан Мицкоски веќе јавно изјави дека на референдум би гласал „против“ договорот со Грција, со што директно потврди дека ВМРО-ДПМНЕ нема да биде против рефрендум. Но, партискиот молк околу инцијативите за потреба од законски измени со кои навреме би се решиле одредени празнини и дилеми, создава сомнеж: дали евентуален отпор за прецизирање на застарената регулатива има за цел однапред да му „пресуди“ на референдумот? Особено, што од партијата молчат за чекорите и методите што ќе ги користи опозицијата во обид да го спречи договорот со Грција.

Повеќе: 

Столтенберг: Полноправно членство во НАТО само по успешен референдумЗа договорот, името и изборот

„Немам намера три месеци однапред на Заев да му кажувам како ќе постапиме и какви методи ќе користиме. Граѓаните да бидат спокојни. ВМРО ДПМНЕ ги гарантира националните интереси“, изјави Николоски.

Во членот 73 од Уставот е предвиден праг на излезност од 50 проценти плус еден гласач за референдумот да биде успешен. Во Избирачкиот список има околу 1 милион и 800.000 гласачи. За референдумот да биде успешен треба да има излезност од околу 900.000 гласачи, а повеќе од 450. 000 да го поддржат договорот. Се очекува парламентот да го распише рефрендумот кон средината или втората половина на јули, а прашањето најверојатно ќе биде конципирано во насока дали граѓаните се за прифаќање на договорот со цел членство на Македонија во ЕУ и во НАТО. Претходно се очекува да биде избран новиот состав на ДИК. Седумте нови членови треба да бидат избрани до крајот на јуни, а ќе имаат мандат од шест месеци сè до новите измени на Изборниот законик.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми