Закон за оружје: Обама доживеа пораз
18 април 2013Тежок пораз за американскиот претседател Барак Обама - во Сенатот, каде инаку доминираат неговите демократи, не помина предлогот за заострување на Законот за оружје во земјата.
Видливо тешко разочаран, претседателот пред Белата куќа (на фотографијата горе) рече: „Ова беше прилично срамен ден за Вашингтон.“ Тој истовремено упати уверување дека нема да се откаже од борбата за заострување на законот: „Ова е само прва рунда“, порача Обама. Тој го обвини лобито за оружје во САД дека лажело за да го торпедира менувањето на законот. Освен тоа, Обама ги обвини сенаторите кои рекоа „не“ на измените дека блокираат „разумни“ реформи поради страв од тоа да не бидат казнети на наредните избори од гласачите кои го застапуваат ставот дека во делот на оружјето не треба да се менува ништо.
При давањето на изјавата Барак Обама беше опкружен од роднини на загинатите во Њутаун, каде пред четири месеци момче уби 20 деца и шестмина возрасни. На крајот од неговата емоционална изјава претседателот прегрна една од мајките на убиените деца која плачеше.
За заострување на контролите за оружје гласаа 54 сенатори, а против беа 46-мина. За да се донесат промените беа неопходни 60 гласа. „Вашингтон пост“ напиша дека против заострување на законот биле и четворица демократи, но затоа од редовите на републиканците, кои традиционално се противат на построги закони за оружје, четворица гласале за заострување. Промените, меѓу другото, предвидуваа заострени контроли за лицата кои купуваат оружје, односно проверка на тоа дали тие претходно биле осудувани или можеби страдаат од тешки психички заболувања. Исто така требаше да се врши засилен надзор над трговијата со оружје на интернет.