1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Закрепнување“ на Курдите

Свен Пеле / Е.М. Фиданоска12 декември 2014

Германски војници би требало да обучуваат курдски борци за борба против милициите на „Исламска држава“ (ИД). Гаранција за успех на актуелните мисии на обучување меѓутоа нема.

Ausbildung kurdischer Soldaten in Hammelburg 02.10.2014
Фотографија: Reuters/Wolfgang Rattay

„Мора воено да ги победиме терористичките милиции“, рече јасно германската министерка за одбрана Урсула фон дер Лајен за весникот „Билд“ осврнувајќи се на борбата против ИД. Германската влада сега дава свој придонес со испраќање војници во северен Ирак кои треба да им дадат поддршка на Курдите во борбата против ИД.

Околу 100 војници, според наводи на Министерството за одбрана, треба да се погрижат за обука на пешмерга-борците во автономниот регион на ирачките Курди. Според информации на „Шпигел онлајн“, веќе на почетокот на 2015. повеќе десетици војници би требало да ги обучуваат курдските борци во Ербил, меѓу другото и како да ракуваат со апарати за откривање мини и за деминирање.

Планираната мисија за обука треба да се координира во рамки на меѓународната алијанса против ИД, изјави портпарол на Министерството за одбрана. Германија, инаку, веќе им дава поддршка на курдските пешмерга-единици. Бундесверот од есента доставува оружје, воена опрема и друг вид помош.

Обуката како стратешки концепт

Сојузната влада со планираната мисија на обучување посегнува по добро испробан рецепт во меѓународното решавање на кризи, т.н. „закрепнување“. Зад тој поим стои помош за самопомош, вклучувајќи и воена. Во Авганистан, Сомалија, Мали, или сега во Ирак сеедно - безбедносните сили на тие земји се обучуваат за да станат способни со сопствена сила да се грижат за безбедноста и мирот во земјата.

На почетокот на годинава дел од министрите и Сојузниот претседател се изјаснија за тоа Германија да преземе поголема одговорност во меѓународни рамки - надворешнополитички, но и воено. Фондацијата Наука и политика во еден нов документ ја опишува германската позиција: Германија сака да преземе поголема надворешополитичка одговорност, но колку што е можно повеќе да не биде директно воено активна. Оттука, мисиите на обучување се блиски до германските интереси, меѓу другото и затоа што директни воени акции од страна на германската армија внатрешнополитички се „продават“ значително потешко. Веќе самото доставување оружје на пешмерга-борците предизвика безбедносно-политичка дебата.

Мисијата на обучување би била придонес кон стабилизација на земјата, оценува и експертот на Зелените за безбедност, Агњешка Бругер. Меѓутоа, според нејзе, притоа треба „многу внимателно да се измери колкава е опасноста знаењето или оружјето да бидат употребени за заострување на конфликтите“. Освен тоа, нагласува таа, фокусот при „закрепнувањето“ е ставен премногу на воениот аспект, а политички владата во Ирак нема идеи и концепти.

И во документот на фондацијата Наука и политика се констатира дека „вооружување и обучување“ е рецепт кој не мора да значи смирување на ситуацијата. „Зголемени финансиски средства, тренинг и опрема сами по себе во одредени околности не само што не мора да имаат дејство, туку среднорочно дури може да бидат и контрапродуктивни“, се вели во документот. На пример, во 2013 година борци во Мали кои беа обучени од страна на САД преминаа во редовите на исламистичките групи и потоа се бореа против избраната влада. И во Ирак голем број бивши војници се борат на страната на ИД.

Министерката Урсула фон дер Лајен во посета на војниците кои обучуваат курдски борци во ГерманијаФотографија: picture-alliance/dpa/D. Ebener

Кујат: Мора да има подготвеност за помош

Поранешниот генерал Харалд Кујат за ДВ оценува дека нема алтернатива за помошта за курдските борци: „Се наоѓаме во итна ситуација. Не може едноставно да се гледа отстрана, туку мора да се биде подготвен да се помогне“, нагласува Кујат за ДВ. „Оние кои во моментов се во состојба навистина да преземат нешто против ИД се пешмерга-борците, доколку не се сака испраќање копнени сили, а тоа очигледно не го сака никој.“ Владата, меѓутоа, смета Кујат, е обврзана да ги расчисти сите правни пршаања во врска со мисијата.

Тоа кабинетот, според најавите, сака да го заврши до средината на наредната недела, по што за испраќањето на војниците треба да одлучува Бундестагот.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми