1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Тероризам

Заложничката драма во Келн - неуспешен напад?

ЖА / агенции
16 октомври 2018

Истрагата не исклучува терористички мотив зад заложничката драма во Келн. Нејасно е дали пронајден личен документ на Сириец припаѓа на грабнувачот, кој се наоѓа на интензивно болничко одделение.

Deutschland Geiselnahme im Kölner Hauptbahnhof
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Becker

Вооружениот напаѓач на главната железничка станица во Келн вчера околу пладне запалил Молотов коктел во ресторан за брза храна и потоа со еден заложник се забарикадира во блиска аптека.

Специјална единица на полицијата вчера попладнето упадна во аптеката, при што грабнувачот е тешко ранет во стомакот од куршум. Заложникот претрпел полесни повреди. Во блискиот ресторан за брза храна претходно било повредено 14-годишно девојче од Молотовиот коктел фрлен од напаѓачот, а уште еден човек доживеал шок. Истрагата смета дека системот за автоматско гаснење пожар со силните млазови вода го принудил напаѓачот да го напушти ресторанот, по што тој се забарикадира во аптеката земајќи за заложник една жена. Тој бил вооружен со мали плинска боци и запалливо средство.

Напаѓачот беше забарикадиран во аптека со еден заложникФотографија: picture-alliance/dpa/O. Berg

„При влегувањето во аптеката, според изјави на минувачите, напаѓачот извикал дека припаѓа на терористичката група Даеш, што е арапско име за терористичката милиција Исламска држава. Но, натамошни докази во оваа насока нема“, изјави раководителот на истрагата, Клаус Ришеншмит синоќа. Истрагата мора да го утврди и точниот идентитет на грабнувачот. На местото на инцидентот е најден документ на 55-годишен Сириец, кој има дозвола за привремен престој во Германија до средината на 2021 година. Сопственикот на документот е релативно познат од 2016 година поради различни деликти, како кражби и закани. Се вели дека постои висока веројатност напаѓачот да е сопственикот на документот.

Железничката станица во Келн остана блокирана со часови, патниците евакуираниФотографија: picture-alliance/dpa/M. Becker

По драматичните часови на заложничката драма, истрагата е насочена и кон тоа дали делото евентуално има терористичка заднина. Преку Твитер полицијата утрово ги повика сведоците да испратат фотографии или видеа поврзани со настанот, ако евентуално располагаат со такви.

Повеќе: 

Заврши заложничката драма во Келн, грабнувачот повреден

Заложничка драма во Келн

Од целосната блокада на железничката станица во Келн поради инцидентот, која траеше до доцните синоќешни часови, засегнати беа илјадници патници и стотици возови. Од утрово железничкиот сообраќај повторно се одвива редовно. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми