1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заминува ли Заев доколку не добие почеток на преговори?

БГ
16 октомври 2019

Премиерот Заев не одговори директно на прашањето, но најави дека ќе преземе одговорност доколку на самитот на ЕУ лидерите Северна Македонија не добие согласност за почеток на пристапните преговори.

Mazedonischer Premierminister Zoran Zaev Rede vor dem Europaparlament
Фотографија: Reuters/V. Kessler

На двапати денеска премиерот Зоран Заев на драматичен начин апелира за почеток на преговори со ЕУ, и по малку исплашено најавува „темнина“ во земјата доколку тоа не се случи. Во неговите изјави дадени во Брисел и Виена, меѓу редови може да се прочитаат најава за заминување од функцијата и пад на владата. Владини извори ја смируваат топката и тврдат дека тоа не е случај.
Заев, придружуван од шефот на дипломатијата Никола Димитров и вицепремиерот Бујар Османи, од денеска е во Брисел во обид да лобира за промена на позицијата на Франција која го блокира стартот на преговорите.
На заедничката прес-конференција со еврокомесарот Јоханес Хан попладнево, македонскиот премиер најави дека „ќе треба да се преземе одговорност“, доколку не се исполни ветеното.
„Во такви околности секако ќе треба да се преземе одговорност. Јас го кажувам тоа што го чувствувам, јас бев тој што разговарав со пратениците и ги убедував дека е вредно дури да ги смениме нашиот Устав и нашето уставно име за нашата иднина во ЕУ и европското семејство. И ние тоа и го направивме“, рече Заев.

Загубени во темнината?!

Претходно од Виена, како и во изјава за агенцијата „Танјуг“, Заев порача дека негативниот став од Брисел ќе значи дека „неговата влада наскоро ќе биде мртва“, иако дополни дека земјата нема да се откаже од патот кон ЕУ.
„Ќе дојдат некои други и ќе го продолжат тој пат“, вели Заев.
Владини извори појаснуваат дека изјавите на Заев не се најава за негова оставка од функцијата, доколку земјата не добие зелено светло.
„Не значат најава за оставка, туку потврда дека не бега од одговорност“, велат владини извори кои инсистираа на анонимност.
И во однос на стабилноста на владата, истиот извор објаснува дека изјавата значи оти ќе се намали актуелното мнозинство во Собранието.
Заев денеска од Брисел практично апелираше до скептичните земји и лидери да ја прифатат земјата.
„Не ги гасете европските ѕвезди за нас, не станувајте пречка за нас“, рече тој, додавајќи дека доколку „се изгаснат светлечките ѕвезди ќе се изгубиме во темнината".
Недобивањето зелено светло за почеток на преговорите несомнено ќе ја усложни политичката состојба во државата. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ бара оставка на владата и предвремени избори. Партискиот лидер Христија Мицкоски денеска оцени дека „владата ќе биде делигитимирана“, а нејзиниот потпретседател Александар Николовски вчера критикуваше дека „владата на Заев има катастрофално неспособна дипломатија, затоа што со променето име, штетен договор со Бугарија и со сите национални концесии кои ги направија не може да добијат датум за преговори, а камо ли да почнат со преговори за членство во ЕУ“.

Што потоа?
Паралелно со барањата за оставка од владата ќе се отвори и дилемата: Што потоа? Интеграцијата во ЕУ беше клучниот сегмент, покрај влезот во НАТО, во наративот на актуелната коалициска влада. Иако Заев вели дека ЕУ останува без алтернатива,прашање е дали владата ќе продолжи да инсистира на таа приказна, и во спроведувањето на реформите, без јасна иднина во тој правец. Доколку денешната одлука за зголемување на минималната плата е некаква најава во тој правец, веројатно може да се очекува период на масовно субвенционирање и минимално придвижување кон повисоки стандарди во областите на демократијата и владеење на правото. Политички аналитичар кој инсистираше на анонимност за ДВ вели дека не очекува оставки, ниту пад на владата, но не исклучува заострување на конфликтите на политичката сцена и засилени популистички мерки од „Илинденска“.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми