Замките на евтината нафта
26 декември 2014
Секаде каде што се троши нафта, дизел или бензин, веќе со недели владее добро расположение. Полн резервор на автомобил е денес поевтин отколку на почетокот на годината, а слично е и со маслото за домаќинство. И покрај данокот, кој чини добар дел од малопродажната цена и тоа дека цените на пумпите многу побавно паѓаат отколку на берзата, нафтените компании пресметаа оти германските возачи за гориво потрошиле дури 5 милијарди евра помалку од минатата година. Тие „заштедени“ пари се трошат за други работи - значи, позитивно за конјуктурата во земјата. И германските извозници имаат причина за радост поради еврото, чија вредност паѓа. Тоа значи дека нивните производи се поевтини на светскиот пазар. А сето тоа заедно наведува се’ повеќе економски стручњаци и институти оптимистично да ги корегираат своите прогнози за економски раст наредната година. Ги чека ли Германија и целата еврозона добра 2015. година?
Тоа не би можело да се каже, посебно ако цената на нафтата остане ниска. Веќе сега светските пазари се исклучително нервозни и тоа го покажа и силната осцилација на вредностите на берзите во измнинатите недели. Ако цените и натаму паѓаат, еврозоната би можела уште подлабоко да пропадне во замката на дефлација, кога парите се всушност повредни од стоката. Со други зборови, луѓето одложуваат големи купувања, фирмите своите инвестиции - бидејќи се’ би можело да биде уште поевтино. Поради намалената побарувачка, цените се’ повеќе паѓаат - се заканува втора фаза на стагнација. Предупредувачки пример за тоа во моментов е Јапонија, третата економија во светот.
Криза во Русија
Притоа се заканува уште една опасност и тоа од земјите каде што се експлоатира нафта. Се закануваат сериозни турбуленции, на пример во Венецуела или во Русија, земји кои се зависни од приходот на нафта уште повеќе од другите. Кога станува збор за Русија, мешавината на санкции и падот на цената на нафтата веќе покажува силно дејство. Националната валута беше во слободен пад, од земјата масовно се повлекуваат пари, а инвеститорите загубија доверба во економијата на земјата.
Но многу се лажат оние кои мислат дека банкротот на Русија на Путин ќе биде без последици за Запад. Целата состојба сериозно потсетува на кризата на земјите во забрзан развој од крајот на деведесеттите години на минатиот век, кога ММФ и Светска банка и’ помогнаа на Русија со многу милијарди долари. Такво нешто денес и од политички причини би било невозможно, со тоа што и тогаш многу од тие милијарди пропаднаа во мрачните руски канали.
Значи, ако Русија објави дека е платежно неспособна, тогаш споменатите стручњаци ќе мораат своите убави прогнози на економски раст повторно да ги корегираат. Тоа важи и за САД, кои од почетокот на фрекинг процесот се значајни производители на нафта и кои придонесоа за преголема понуда на светскиот пазар, па со самото тоа и за падот на цената. И тука се заканува вистинска опасност: фрекинг-концерните за финансирање на скапата технологиија земаа и големи и скапи кредити. Меѓутоа, постои граница по која таквата технологија веќе не се исплаќа. Ако овие фирми банкротираат, тогаш би можело да дојде до сличен финансиски пад како во 2008. година, кој беше предизвикан од меурот на станбени кредити во САД.
И тука не е крајот
Уште еден предупредувачки знак: министерот за нафта на Саудиска Арабија за првпат призна дека оваа нафтена супер сила мора да се „погрижи“ за своја доминација на пазарот за нафта. Ако цената паѓа, нека паѓа, други можат да бидат веќе на колена, а Саудијците да не почувствуваат ништо... Така звучат воените крици.
Без разлика колку е убаво што е евтино горивото, не убаво тоа што на патиштата се враќаат жедни монструми. Одамна немало толку голема побарувачка по теренски возила како што е Хамерот. Лесно забораваме дека нафтата е суровина која ја има се’ помалку и оти мораме да се погрижиме за модерни видови погони и нови видови енергија.
Поради сето тоа, ни останува да се надеваме дека цената на нафтата ќе се стабилизира во наредните години и ќе биде напуштена оваа зона на апсурдна евтиност. Ако тоа не се случи - а во моментов не изгледа дека ќе биде така - тогаш немирот од последниве недели е само благо навестување на бурата која не‘ очекува во наредните години.