Конфликтот во Украина станува се покомплексен
10 февруари 2015DW: ОБСЕ (Организацијата за безбедност и соработка во Европа, н.з.)во Источна Украина има повеќе од 400 надгледувачи. Дали знаете кои се навистина противниците на украинската армија?
Ламберто Заниер: Ние имаме луѓе во Доњецк и Луганск. Некои од нашите набљудувачи дури беа уапсени од сепаратистите и задржани подолго време. Значи, во меѓувреме многу добро сме информирани за овие многу различни групи на борци во Источна Украина. Многу од нив ни велат дека доаѓаат од Русија - тие на борбите гледаат од свој посебен агол, што го прави конфликтот уште покомплексен.
Не загрижува тоа што гледаме како во борбите се уништуваат воени средства, а постојано се појавува ново оружје. Тоа, за жал, не престанува. Ја регистрираме и високата цена што мора да ја плати цивилното население за овој конфликт. Многу артилериски орудија се поставени во населени подрачја. Спротивната страна врши напади врз нив, кои предизвикуваат премногу цивилни жртви. Токму затоа прво што барам е сите групи да ја повлечат својата артилерија и другото тешко оружје од населените подрачја.
ДВ: Каква е ситуацијата на украинско-руската граница? Колку е пропустлива границата и што се случува таму?
Заниер: Ние имаме тимови кои непрекинато набљудуваат два гранични премина. Но, тоа се само два од вкупно осум гранични премини, кои не се под контрола на украинската власт. Границата може лесно да се премине, не постојат природни пречки. За потполна контрола на границата би била потребна скапа операција со многу луѓе и перфектна техничка поддршка.
Имаме два дронови, од кои едниот неодамна настрада. Значи, нашите можности за набљудување на границата се многу ограничени. Имаше и обиди со истрели да бидат соборени нашите дронови. Дури и снимивме како сепаратистите се обидуваат да ги соборат. Забележавме и попречувачки сигнали, кои требаше да влијаат врз управувачкиот систем на дроновите.
ДВ: Оваа година ОБСЕ ќе наполни 40 години. На конференцијата во Минхен имаше многу пофалби за вашата организација. Но, ни ОБСЕ не можеше да ја спречи анексијата на Крим од страна на Русија, како и војната во источна Украина. За што ни е всушност потребна ОБСЕ?
Во источно-украинскиот комлициран конфликт ОБСЕ беше единствената организација, која успеа да стационира набљудувачи на лице место. Ние раководиме со оваа голема акција, во која учествуваат сите држави-членки на ОБСЕ, вклучувајќи и Русија. Руските набљудувачи работат заеднички со американските и, според мое мислење, тие добро си ја вршат работата. Тие ни го олеснуваат одржувањето контакт со сепаратистите. А од тоа моментно, сметам, сите учесници имаат интерес.
Има работи кои ние можеме да ги направиме, меѓутоа веројатно не постои организација, која би била во состојба да спречи конфликт како овој.
Ламберто Заниер е генерален секретар на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ). Пред италијанскиот дипломат да дојде на оваа функција во 2011 година, три години раководеше со привремената мисија на Обединатите нации на Косово.