Заострен законот за странци во Германија
18 март 2011
Странците кои доаѓаат од земји што не се дел од ЕУ во иднина можат да добијат трајна дозвола за престој во Германија само ако успешно го завршат курсот по интеграција, кој подразбира и положен тест по германски јазик. За да го положат тестот, на странците им се продолжува дозволата за престој максимално за една година.
Принуден брак = кривично дело
Освен тоа, со законот се заострени мерките против принудните бракови. Жените од странство кои биле со сила донесени од татковините или биле таму принудени на брак, добиваат право на самостоен престој во Германија, доколку се добро интегрирани. Освен тоа, еден брак мора да опстои три години, пред партнерот странец на тој начин да стекне сопствено право на престој во Германија. Принудниот брак, со новите одредби, се третира како кривично дело, со можност за затворска казна во траење до пет години. Министерот за внатрешни работи Ханс-Петер Фридрих вели:
„Јасниот сигнал што го испраќаме гласи: кој сака да принудува млади жени на брак, или поддржува вакви дејства, не може да се брани со тоа дека има поинаква културна или верска традиција, туку со тоа чини неправда која е казнива. Нашето општество не е подготвено тоа да го толерира.“
Организацијата за права на жените „Тер де Фам“ проценува дека во Германија секоја година над илјада девојчиња и жени се жртви на принудни бракови. Тие не потекнуваат само од исламски земји како Турција, Албанија, Мароко или Нигерија, туку и од хиндуистички и христијански општества како Грција, Индија, Виетнам или Шри Ланка.
Добро учиш, имаш шанси да останеш
Она што се менува во иднина во законот за странци е и делот за регулирање на престојот на младите. Доколку младите се добро интегрирани, и покрај тоа што не се полнолетни, на пример, имаат право на самостоен престој во земјата. Досега, доколку семејството на ваквите деца беше протерано од земјата, протерувани беа и тие, иако се добри ученици и имаат желба и натаму да се образуваат и живеат во Германија.
Автор: ЕМФ/ГЧ/дпа/дв
Редактор: Симе Недевски