1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Западен Балкан во Брисел: Неформален оптимизам

Марина Максимовиќ
25 мај 2017

„Зачувување на мирот и стабилноста, регионална соработка и членство во ЕУ како заедничка стратешка цел“, тоа е реченицата која во еден глас ја повторуваа шесмината лидери од Западен Балкан. Барем додека се во Брисел...

HRVP Mogherini trifft Premierminister des westlichen Balkans
Фотографија: European Union

Собрани на заедничка маса во Брисел, на иницијатива на шефицата на ЕУ-дипломатијата, Федерика Могерини, западнобалканските лидери, по повеќемесечни „препукувања“ на далечина, дигање тензии во своите држави и преку границите, но и предизвикување фрустрации меѓу функционерите на ЕУ кои се задолжени за регионот, синоќа седеа очи во очи и разговараа.

„Сите присутни покажаа целосна посветеност кон работата на ЕУ-интеграциите, ја нагласија приврзаноста кон добососедски односи и продлабочување на регионалното разбирање преку меѓусебно почитување и соработка“, беше пораката на Федерика Могерини по петте часа поминати во билатерални разговори, а дел на заедничката работна вечера. 

Пред овој состанок ЕУ-Западен Балкан, во Брисел ја нагласуваа потребата од охрабрување на заедничката работа на државите во регионот, но и регионот со ЕУ. Средбата требаше да биде еден вид продолжение на разговорите кои лидерите од балканската шесторка ја имаа со шефицата на ЕУ-дипломатијата на почетокот од март, кога Могерини беше во посета на регионот и кога, според оценката на шефот на словачката дипломатија, Мирослав Лајчак, од Балкан „се врати фрустрирана“. Иако овојпат состанокот беше неформален, без заеднички изјави пред медиумите, Могерини се потруди веднаш да дознае какви пораки испратија лидерите од Брисле во своите држави и регионот. Она што овојпат го чу шефицата на ЕУ-дипломатијата од Денис Звиздиќ, Иса Мустафа, Зоран Заев, Душко Марковиќ, Александар Вучиќ и Еди Рама, беше музика за нејзините уши. 

Што е реален оптимизам на Западен Балкан?

„Она што е најважно од сѐ езачувување на мирот и стабилноста на Западен Балкан, а сите се сосем јасно определни во таа насока“, истакна претседавачот со Советот на министри на БиХ, Денис Звиздиќ, додавајќи:

„Без оглед што одвреме-навреме од Западен Балкан доаѓаат и загрижувачки гласови и изјави, што зборува дека се соочуваме со политички опструкции, тензии и блокади, сепак успешно ги надминуваме и упорно и напорно работиме на реализација на сите активности кои ќе го динамизираат нашиот пат кон ЕУ“.

Неговиот оптимизам не го делат сите, на прво место граѓаните од регионот кои во сѐ поголем број се иселуваат од Западен Балкан во потрага по подобар живот. Оние кои остануваат често се жалат дека не гледаат крај на процесот на евроинтеграции, односно почеток на живот според стандардите на ЕУ. Црногорскиот премиер Душко Марковиќ, за чија земја се смета дека предничи во евроинтеграциите, го изнесе на пример очекувањето неговата земја „најмногу за пет години“ да ги заврши пристапните преговори:

„Немаме скриена агенда и сакаме силно да чекориме по тој колосек, концентрирајќи се на реформи и усвојување на европските вредности“. Тој го повика регионот помалку да се потпира на посредништвото од ЕУ, а државите од Западен Балкан повеќе да работат заеднички во совладувањето на предизвиците во регионот и на европскиот пат.

Федерика Могерини очекува кажаното во Брисел да се спроведува на Западен Балкан Фотографија: picture alliance/dpa/G. Vanden Wijngaert

Разликата меѓу „бриселскиот“ и „домашниот“ јазик

Најголемо внимание и најмногу прашања од новинарите, сеедно дали е тоа добро или лошо, добија српскиот премиер Александар Вучиќ, албанскиот-Еди Рама и македонскиот мандатар, Зоран Заев. За Заев ова беше прва псоета на Брисел од именувањето на мандатар за состав на нова влада. Идниот премиер и двајцата премиери во заминување, кои имаа меѓусебни несогласувања во минатите месеци на релација Белград-Тирана, Скопје-Белград, па и Скопје-Тирана, наоѓајќи се заедно во Брисел, како да најдоа, барем привремено, и заеднички јазик.

„Ми се чини оти добро се разбравме дека нашата работа е зачувување на мирот и стабилноста, напредување на нашиот европски пат и меѓусебна соработка“, истакна Александар Вучиќ. Српскиот премиер во заминување и иден претседател на државата вели дека со колегите од регионот се договорил „да се разговара за конкретните проблеми, работите да не се туркаат под тепих“ и тие да направат сѐ за граѓаните од Западен Балкан да бидат спокојни. Вучиќ вели дека е поголем скептик од црногорскиот премиер во поглед на брзината на добивање членство во ЕУ, но додава:

„Не мислам дека регионот треба да чека (на членство, н.з.), туку да оди напред, политички и економски, како и да се избегнат сите проблеми, несогласувања и евентуални конфликти. Ако го направиме тоа, апсолутно е неважно дали ќе влеземе во ЕУ во 2020, 2022 или 2024 година“, заклучува идниот српски претседател.

Состанокот на западнобалканската шесторка во Брисел беше од неформална природа, при што ЕУ нагласува дека не се очекуваат конкретни заклучоци или решенија. Самата можност овојпат реченото да се спроведе во пракса, а „бриселскиот“ јазик да не се заборави со стигнувањето дома во Сараево, Белград или Тирана, би претставувала огромен успех и напредок како за регионот, така и за ЕУ.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми