1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

EU Erweiterung

24 јули 2009

Колку поголема станува ЕУ, толку е потешко да го одржува курсот во политиката на проширување. Многу поединечни - и спротивставени интереси. Некои земји се многу воздржани, други многу се залагаат за прием на нови членки

Фотографија: European Communities

Од искуствата со Бугарија и Романија некои земји на ЕУ извлекуваат заклучок дека нови членки треба да бидат примени дури тогаш, кога тие навистина ќе ги исполнат сите критериуми за пристап, утврдени на самитот во Копенхаген во 1993 година. Нивниот прием беше политички мотивиран, иако беше познато дека кај нив има значителни недостатоци во борбата против корупцијата и во правосудството. Хрватска е зрела за прием, но на крајот од пристапните преговори е спречена поради граничниот спор со Словенија, членка на Унијата. Хрватска со право укажува дека веројатно повеќе ги исполнува критериумите, отколку Бугарија и Романија.

Како да се спречи меѓусебна блокада на екс-југословенските земји?

Но, земјите заинтересирани за пристап, што произлегоа од некогашна Југославија и на кои ЕУ повеќепати им вети прием, имаат посебен проблем: тие имаат за порамнување стари меѓусебни сметки. Можно е Хрватска, ако еден ден стане членка на Унијата, да ја блокира Србија, или Црна Гора да ја блокира Србија - или обратно. Босна и Херцеговина, со сегашната етничка подвоеност, не е држава во смисла на Договорите на ЕУ. Истото важи и за Косово, кое дури ни не е признаено како држава од сите членки на Унијата. Македонија уште не го реши спорот околу името со Грција, членка на Унијата.

Фотографија: AP GraphicsBank/DW

Поради тоа се поставува принципиелното прашање: треба ли државите од Балканот да бидат примани по ред, или сепак сите заедно во еден потег, за никој да не може никого да блокира? Тоа тешко ќе оди, оти Хрватска така веројатно би морала да чека уште 10 години додека и последната џуџеста држава од Балканот да биде подготвена за прием. Во моментов во Брисел никој нема одговор на ова прашање. Се’ уште е можно прикривање зад Лисабонскиот договор, оти без негова ратификација, не е можен прием во ЕУ.

И Исланд малку ќе почека

Во меѓувреме Исланд, очигледно од економски мотиви, сака колку што е можно побргу да влезе во ЕУ. Државата исполнува многу од копенхашките критериуми, но има и отворени прашања, како риболовот, земјоделството, финансиски прашања, волја за европска интеграција. Пристапот кон Унијата нема да биде толку бргу, колку што се замислува владата. ЕУ мора да има обѕир и кон државите, кои со години чекаат на ред.

Исланд и најголемиот дел од балканските земји имаат еден адут кој може да им помогне во пристапните разговори - тие се мали. Дали Унијата ќе прими некоја земја со 300 илјади или еден милион жители, тоа не игра преголема улога при вкупно речиси 500 милиони жители на ЕУ. Сосем поинаков е случајот со Турција. Големата земја со муслимански белег и население од 75 милиони, кое уште и бргу се зголемува, економски и политички трајно би ја променила Унијата.

Нужна е искрена дебата во ЕУ околу проширувањето

Фотографија: dpa - Bildfunk

Преговорите со Турција тапкаат во место поради нерешеното кипарско прашање. Голема грешка беше што не е решен тој конфликт пред пристапот на Кипар или барем пред почетокот на пристапните преговори со Турција. Од случајот со Кипар, Унијата требаше да извлече поука, нови членови да прима дури откако ќе бидат решени нивните спорови. Ако тоа сознание се вгради во основата на идните пристапни преговори, тогаш веројатно ќе трае уште многу долго додека државите од Западен Балкан навистина ќе можат да бидат примени во ЕУ.

Повеќе од неопходна е искрена дискусија во Унијата за целта и обемот на проширувањето. И, се’ додека балканските држави не бидат на чекор пред прием, Украина, Грузија и Молдавија не треба да имаат никакви надежи за посакуваното пристапување кон ЕУ.

Коментар на Бернд Ригерт

Превод: Зоран Јордановски

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми