Уште една порака за „мир, стабилност и добрососедска соработка“ од западнобалканскиот собир во Брисел. На средбата било оценето дека договори како оној меѓу Македонија и Грција за името, се во интерес на целиот регион.
Реклама
Уште еден состанок на лидерите од Западен Балкан во Брисел заврши со изјави за заедничка посветеност кон продолжувањето на патот кон ЕУ, реформските процеси и подобрата меѓународна соработка. Шефицата на дипломатијата на ЕУ, Федерика Могерини, како домаќинка на веќе традиционалниот претпразничен собир на регионалните лидери во Брисел, порача дека партнерите од Западен Балкан „сега повеќе од кога било“, мораат да соработуваат за да напредуваат кон заедничката цел за интеграција во ЕУ.
„Лидерите од Западен Балкан во Брисел ја истакнаа определбата да продолжат со работата за натамошна интеграција на регионот во ЕУ, во духот на добрососедските односи и помирувањето, воздржувајќи се од секакви активности и изјави кои не придонесуваат за севкупниот интерес и стратешките цели на Западниот Балкан“, стои во соопштението на канцеларијата на Високата претставничка, издадено по ручекот со западнобалканските партнери.
Дека состанокот на крајот на годината во Брисел бил добра можност да се резимира постигнатото во 2018 година во процесот на евроинтеграциите и развојот на Западниот Балкан, потврди и претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ.
„Посебен фокус ставивме на прашањето на Македонија, дијалогот Белград-Приштина и прашањето на функционалноста на Босна и Херцеговина. Сите учесници потенцираа дека е многу важно решавањето на овие прашања, бидејќи тоа е во интерес на сите држави. Сѐ додека имаме барем еден отворен проблем, тоа ја загрозува перспективата на сите“, порача Ѓукановиќ.
Тој потврди дека сите лидери од регионот искажале подготвеност да се однесуваат конструктивно, и да им дадат поддршка на соседите кои се во непосредни проблеми.
Повеќе чекори напред
Овојпат, единствено македонскиот премиер Зоран Заев во Брисел можеше да се пофали со успешниот договор со Грција околу името, кој би требало да ѝ стави крај на една од долгогодишните регионални кризи.
„За нас 2018 година беше во знакот на решавање на крупни прашања со соседите и спроведување на суштински реформи на внатрешен план, за да се продолжи патот кон НАТО и ЕУ“, истакна Заев.
Македонија со помош на ЕУ се врати на вистинскиот пат и направи повеќе чекори напред во евроинтеграцискиот процес во текот на 2018 година. Она што Скопје, но и Тирана сега го чекаат, е одлука за започнување на пристапните преговори, која би можела да биде донесена во јуни наредната година. А таа 2019 веќе во најави нема да биде лесна, како за земјите од Западен Балкан, така и за Европската унија и процесот на проширување.
Договор за решавање на спорот за името
Договорот за решавање на спорот за името меѓу Македонија и Грција беше потпишан на 17 јуни 2018. Тој би требало да му стави крај на спорот кој трае четврт век. Но, до неговото конечно спроведување има уште работа.
Договорот за решавање на спорот за името во Псарадес, на грчката страна од Преспанското Езеро, го потпишаа министрите за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас. „Горди сме затоа што избравме решение што нѐ обединува“, оцени македонскиот премиер Заев. Неговиот грчки колега Ципрас рече: „Овде сме да ги залечиме раните што ги остави времето, да отвориме пат за мир, братство и пораст“.
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis
Роденден
Потпис на договорот стави и долгогодишниот посредник на Обединетите Нации во спорот за името, Метју Нимиц. Потпишувањето се падна токму на неговиот 79-ти роденден. „На членовите на моето семејството им реков дека не сакам подароци за овој роденден, зашто двајца премиери ќе ми дадат еден голем подарок“, рече Нимиц на церемонијата во Псарадес.
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis
Вратоврска
Кога по потпишувањето на договорот требаше да се направи семејна фотографија од настанот, македонскиот премиер Зоран Заев, веројатно не сакајќи да се разликува од Алексис Ципрас, кој е познат по тоа што не носи вратоврски, ја извади својата црвена вратоврска и му ја подари на својот грчки колега. Тоа беше поздравено со широки насмевки и громогласен аплауз од присутните.
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis
Договорот зачинет со македонска храна и вино
Официјалната средба по потпишувањето во Псарадес се префрли на македонскиот брег на Преспанското Езеро. Двете делегации до Отешево стигнаа по воден пат, со чамци. Во Отешево се водеа билатерални разговори и имаше свечен ручек. На заедничкиот ручек присуствуваа и претставниците на Европската Унија и Обединетите Нации – Федерика Могерини, Јоханес Хан, Метју Нимиц и Розмари Ди Карло.
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis
Протести во Скопје
Потпишувањето на договорот за решавање на спорот за името предизвика протести во Македонија. Демонстрантите пред Собранието на 17.06.2018 се судрија со полицијата. Во безредијата имаше повредени и приведени лица. Според полициски наводи, има неколку повредени полицајци, како и над 25 уапсени учесници на протестите. Официјален организатор на протестите нема.
Во Грција исто така се протестира. Противниците на договорот за решавање на спорот за името во Атина за време на расправата за доверба на владата на Ципрас се судрија со полицијата пред парламентарната зграда (фото: 16.06.2018). Полицијата мораше да употреби солзавец за да ја разбие толпата која се обиде да влезе во парламентарната зграда. Владата го преживеа гласањето.
Фотографија: Reuters/C. Baltas
Уште многу работа
Ставањето потпис на Конечната спогодба за решавање на спорот за името е само еден од чекорите кои следуваат во наредните месеци до конечно решение. Следува ратификација во македонското Собрание, референдум на кој македонските граѓани ќе се изјаснат за договорот, а потоа и ратификација во грчкиот парламент.
Кога станува збор за ситуацијата на Западен Балкан, во преден план во наредната година ќе бидат односите Белград-Приштина, на кои се осврна и српскиот претседател Вучиќ. Според него, односите во регионот се влошуваат, а примери за тоа се проблемите кои ги има Белград поради едностраните потези на Косово.
„За тоа прашање сме прилично осамени, но се трудиме во сите останати сфери да развиваме што подобри односи и да гледаме да заврши тажната сага со таксите за српски производи на Косово, да го продолжиме дијалогот и да се приближиме кон компромисно решение. Не сум некој преголем оптимист, но не сакам со изјави ниту да ја расипувам божикната и новогодишна идила“, истакна Вучиќ.
Србија и Косово: 15 погледи на „внатрешниот дијалог“
Уставот на Србија вели: „Покраината Косово и Метохија е составен дел на територијата на Србија...“ Уставната рамка главно ја игнорира политичката стварност. Уличните призори зборуваат за расположението во земјата.
Фотографија: DW/D. Dedovic
Српскиот „ѕид на плачот“
Српските граѓани веќе навикнаа на тоа зградата на парламентот да се порабува со лица на загинати и грабнати луѓе во „Вториот косовски бој“. Овој жичен ѕид е отстрануван повеќепати, но тој повторно се појавува како обвинување на сметка на Западот и албанските герилци.
Фотографија: DW/D. Dedovic
Лицата обвинуваат
Лицата на киднапирани Срби од 1989/1999 година служат како главен аргумент за обвинувања на сметка на Северноатлантскиот Сојуз и Европската Унија.
Фотографија: DW/D. Dedovic
Меѓу Косово и Крим
Моден детал со политички некоректна русофилска формула на белградската пешачка зона. Туристите од Запад радо го купуваат бизарниот сувенир.
Фотографија: DW/D. Dedovic
Руска алтернатива
Борис Тадиќ во предизборната кампања во 2008 година го ифрли слоганот „И Косово и Европа“. Овој графит одговара на очекуван начин.
Фотографија: DW/D. Dedovic
Таблоидите србуваат
Острите политички пароли на ѕидовите можеби станаа поретки затоа што сѐ повеќе врескаат насловите на таблоидните печатени производи.
Фотографија: DW/D. Dedovic
Браќата Шпанци
Шпанскиот е популарен во Белград. Не толку во училиштата за странски јазици, колку во „Немањина“ улица, во близина на Министерството за надворешни работи.
Фотографија: DW/D. Dedovic
Срце и аритмии
Додека еден белграѓанин се обидува да пронајде нешто корисно во отпадот, од ѕидот го бодри позната крилатица.
Фотографија: DW/D. Dedovic
Кој не е со нас е против нас
Фудбалскиот сојуз на Србија попусто се бунеше против одлуката на УЕФА од мај 2016-та за прием на Косово како полноправна членка. Одлуката е конечна од почетокот на 2017-та.
Фотографија: DW/D. Dedovic
ЕУ како империја
Космет всушност е кратенка (Косово и Метохија). Во зборот „Евробска“ се сокрила придавката „робска“.
Фотографија: DW/D. Dedovic
Вдахновение во премин
Плод на патриотско-поетско вдахновение на ѕидот на премин меѓу главната и една споредна улица во Лексовац.
Фотографија: DW/D. Dedovic
На КиМ со благослов
Дел од уличните призори во градовите се и повиците за обиколка на манастирите и на српските општини на Косово, со благослов на црковните власти.
Фотографија: DW/D. Dedovic
Римување, некому стравување
Опомена за српската политичка елита, доколку некој случајно помислува на некаков вид признавање на косовската независност.
Фотографија: DW/D. Dedovic
Урнатини кои опоменуваат
Своевиден споменик кој со својата наказност во градскиот пејсаж потсетува на бомбите кои во 1999 година ги испрати НАТО.
Фотографија: DW/D. Dedovic
Албанци кои се сакаат
Актерската легенда Беким Фехиу од 2010 година (кога си го одзеде животот) не е меѓу живите белграѓани, но неговата книга и натаму е хит во излозите на белградските книжарници.
Фотографија: DW/D. Dedovic
Трунка надеж
Повеќето графити на улиците сепак се тематски надвор од „внатрешниот дијалог“. Можеби најрадикалните пароли се преселени на социјалните мрежи.
Фотографија: DW/D. Dedovic
15 фотографии1 | 15
Од друга страна, претседателот на Косово, Хашим Тачи, изрази надеж дека до договор помеѓу Белград и Приштина може да дојде во блиска иднина:
„Охрабрува фактот дека сите лидери во регионот ги поддржуваат напорите на Косово и на Србија за постигнување конечен договор“, рече Тачи. Тој додаде дека Косово изградило одлични односи со Македонија, Албанија и Црна Гора и оти охрабрува тоа што постои неподелена поддршка од целиот регион за договорот помеѓу Македонија и Грција за името, но и за договорот за демаркација на границата меѓу Косово и Црна Гора.