1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Западниот Балкан во ЕУ - Македонија да се стрпи!

22 март 2010

Претседателот на Европскиот парламент Јежи Бузек во Берлин порача -Македонија треба да биде трпелива за добивање датум за почеток на преговори. Унијата сака да се прошири кон Западен Балкан, тоа би бил најголем успех.

Јежи БузекФотографија: AP

„Европската Унија се отвора кон Западниот Балкан. Сакам да подвлечам дека Унијата сака да се прошири кон овој регион. Овие народи, кои до пред две децении војуваа, сега се во фаза на соживот. Тоа е така зашто сите се во чекалната за влез во Унијата и знаат дека ЕУ не може да толерира тензии. Вредностите на Европската унија станаа дел од заложбите на земјите од Западниот Балкан и тоа е еден од нашите најголеми успеси“, подвлече претседателот на Европскиот парламент, Јежи Бузек, во говорот за Европа, кој традиционално го оддржуваат еминентни имиња од високата политика на Хумболт Универзитетот во Берлин. Ова беше всушност хај-лајт од посетата на Бузек на Берлин, во која се предвидени и разговори со сојузниот претседател Хорст Келер, канцеларот Ангела Меркел, првиот човек на Бундестагот Норберт Ламерт и бројни пратеници.

Против блокадите!

Јежи Бузек, говорејќи за проширувањето на Европската унија, се изјасни против блокадите кои одредени членки им ги поставуваат на идните претенденти, потсетувајќи на примерот на Кипар и Турција, но и на Словенија и Хрватска, која според него за две -три години ќе стане дел од европското семејство. Блокадата која на Македонија и‘ ја поставува Грција не беше спомената. Поради тоа го прашавме претседателот на Европскиот паралмент Бузек до кога Македонија ќе чека на почеток на пристапните преговори, ако се има предвид дека Европската комисија минатиот декември позитивно го оцени текот на реформите, а датумот не е добиен единствено поради нерешениот спор околу името со Грција?

Фотографија: Petr Stojanovski

„Европската комисија е во функција од пред само еден месец. Минатата година работите ги вршеше времена комисија. Европскиот парламент даде зелено светло за новата комисија пред еден месец, значи таа ефективно работи од пред четири недели и има многу нешта да заврши. Затоа не треба да изненади доколку одлуката мора да почека. Господинот Филе има цел куп обврски. Пред него се сите источни партнерства, Евро-медитеранското партнерство, Блискиот и средниот Исток и многу, многу друго. Чекор по чекор, тој се’ ќе организира. Значи - бидете трпеливи! Само трпение, зашто нема друга опција", изјави Јежи Бузек за Дојче веле.

Инаку, Бузек во обраќањето на Хумболт Универзитетот акцентот го стави на солидарноста која треба да постои меѓу членките на Унијата. Нема солидарност без одговорност на секоја членка на Унијата, подвлече Бузек, според кого оваа претпоставка ќе треба да се потврди и во актуелниот случај со презадолжената Грција. Зашто во една заедница како ЕУ, ваквата солидарност би требало да се очекува!

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Жана Ацеска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми