1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Западот мора да остане подготвен за компромис

Инго Мантојфел / Превод: Симе Недевски16 ноември 2014

Самитот на Г20 во Бризбејн не донесе решение за конфликтот во Украина. На Западот му е потребна разборитост и нова стратегија, смета Инго Мантојфел во својот коментар.

Фотографија: Andrew Taylor/G20 Australia via Getty Images

Иако требаше да станува збор за глобалните финансиски и економски прашања, првиот ден од Самитот на Г20 во Бризбејн протече целосно во знакот на конфликтот во Украина. И германската канцеларка Ангела Меркел поразговара со рускиот претседател Владимир Путин, без конкретни резултати, за кризата во Европа, која многумина веќе ја гледаат како почетна точка за нова Студена војна.

Новата конфронтација меѓу Русија и Западот околу политичката иднина на Украина се разгоре и масивно се заостри поради руската анексија на Крим и политиката на дестабилизација на истокот на Украина. Сепак, Западот не смее хистерично да си дозволи да му биде наметната нова Студена војна од страна на руските „соколи“.

Неопходни се присебност, увид во реалните можности и опасности, како и нова стратегија. И сосема важно и исправно е она што го прави Ангела Меркел: да се одржуваат отворени комуникациските канали со Кремљ и посебно лично со претседателот Путин, дури и ако овие разговори во прв момент не даваат резултати.

Увид во опасностите и можностите

Руската политика предизвика многу недоверба и вџашеност. Сепак, да се остане во разговор со Путин, мора да биде важна цел на западната дипломатија. Само ако повторно се создаде минимална основна доверба, можни се одржливи договори. Доказ за неопходноста од вакво нешто не се само кршливоста на Договорот од Минск и постојаното разгорување на судирите во Доњецк, туку фактот дека најголемата опасност за светскиот мир се крие во тоа дека руското покажување мускули, со бомбардерите во Северното море и воените бродови пред брегот на Австралија, би можело да предизвика ескалации кои не би можеле да се контролираат.

Покрај тоа, Западот и владата во Украина би требало да ја прифатат непријатната вистина дека без содејство на Русија, фактички е невозможно да се заврти на подобро економската и социјалната состојба во Украина. Кремљ не само што го има главниот збор околу снабдувањето со гас, околу транзитните издатоци за гасот, околу пазарот за пласман на украинските индустриски стоки и околу уплатите во рубљи на Украинците кои работат во Русија, туку никој не смее веќе да се сомнева во тоа дека со оглед на политиката за Крим и Донбас, Кремљ е подготвен тоа максимално да го искористи за сопствена предност.

Руски цели, украинско-западни одговори

Затоа е неопходен еден уогласен концепт меѓу државното реководство во Киев и западните влади, за на Кремљ да му се направи понуда за неговите стратешки цели. Се разбира дека притоа не смее да дојде до признавање на неоимперијалистичките зони на влијание, а исто така и развојот на правната држава и пазарното стопанство во Украина, по европски пример, не смее да биде спречувано или отежнувано од надвор.

Инго Мантојфел, автор на коментаротФотографија: DW

Сепак, компромисот би можел да се состои во тоа, Украина и натаму безбодносно политички да остане неутрална и за прво време да не се стреми кон членство во НАТО, потоа асоцијацијата на Украина кон ЕУ да не доведе до големи економски штети за Русија и да дојде до децентрализација на Украина со повеќе права за регионите. Последното украинскиот претседател Петро Порошенко веќе принципиелно го вети. А исто така и за економските последици за Русија од асоцијацијата кон ЕУ на Украина, Брисел веќе презеде нешто со одложувањето на спроведувањето на Договорот за асоцијација на 1. јануари 2016. година

Меѓутоа, патот до одржлив политички компромис со согурност е долг. Нема да биде лесно ниту Кремљ да се увери во тоа да се откаже од агресивната линија. Меѓутоа наместо секогаш одново само туку-така да се најавуваат казнени мерки, западните влади треба нивните санкии и закани за санкции да ги поврзат со постигнувањето на еден таков политички компромис.

Сето само наивна помирувачка политика?

Разбирливо е дека насекаде владее лутина и недоверба. Повиците за постигнување компромис на Западот брзо ќе бидат жигосани како наивна помирувачка политика. Меѓутоа на Украинците не им помага ни тоа што од морална гледна точка се во право, ниту пак конфликтот може да се реши по воен пат, како што впрочем покажаа горките загуби кај украинските владини трупи во август годинава.

Едно нешто е исто така јасно: до враќање кон односот меѓу Западот и Русија, каков што имаше пред кризата, нема да дојде толку брзо. Пред повторно да се зборува за стратешко партнерство, мора да се променат многу нешта. Исто така неизбежен е и огромен западен Маршалов план за Украина. САД и ЕУ се обврзани на ваква жртва. Меѓутоа, без компромис со Русија сите напори ќе бидат залудни. Тоа премногу добро го знае и претседателот Путин и затоа во Бризбејн на самитот на Г20 делуваше толку непопустливо.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми