1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Западот - следна цел на Исламската држава?

Ј. Фриче/Б. Георгиевски4 септември 2014

Стотици борци се приклучуваат во редовите на Исламската држава во Ирак и Сирија од Северна Америка и Европа. На Западот, расте стравот дека милитантните повратници би можеле да организираат напади.

Фотографија: picture-alliance/abaca

Американскиот претседател Барак Обама во средата јасно порача дека целта на неговата земја е да „ја уништи“ исламистичката терористичка група Исламска држава. Неговиот потпретседател Џо Бајден употреби и потешки зборови: САД ќе ги бркаат убијците на двајцата новинари до портите на пеколот!

Некои набљудувачи стравуваат дека борците на ИД од Европа и од Северна Америка би можеле лесно да се вратат во своите матични земји и таму да изведат терористички напади.

Повеќе од 12 илјади странски борци, меѓу нив околу 100 Американци и илјада Европејци заминале во Сирија во последните три години, вели Метју Олсен, директор на американскиот Центар за антитероризам. Терористите со државјанство од западните земји, кои би можеле да организираат терористички напади, предизвикуваат најмногу грижи.

ИД поопасна од Ал Каеда

„Ниту една друга група не успева толку брзо и ефективно да ја спроведе својата пропаганда“, вели Олсен. Исламистите стигнуваат до потенцијалните борци преку социјалните мрежи.

„Тие се многу добри во целењето кон младите“, вели Џон Хорган, психолог на Универзитетот во Масачусетс за весникот „Њујорк тајмс“. „Исламистите ги привлекуваат регрутите со пораката: 'Бидете дел од нешто што е поголемо од вас и сторете го тоа сега'“.

Олсен вели дека ИД се заканува наскоро да стане најмоќната светска терористичка организација. Групата би можела да стане поголема закана дури и од Ал Каеда, која ги организираше терористичките напади од 11 септември во САД. Исламската држава е финансиски добро поткрепена: во моментов групата има приходи од околу еден милион долари дневно, меѓу другото и од откуп на заложници.

Покривање на трагите

Но, за разлика од Ал Каеда, борците на ИД употребуваат поинаква тактика, вели Олсен. ИД помалку се фокусира на големи поединечни напади, туку на мали брзи напади, како што беше случајот со нападот врз Еврејскиот музеј во Брисел. Борците на ИД, исто така, избегнуваат електронски комуникации, поради што нивното следење и набљудување е многу тешко.

Фотографија: picture alliance/dpa

Но, Олсен смета дека на Западот во моментов не му се заканува акутна опасност. „ИД не е Ал Каеда од пред 11 септември“. И американските разузнавачки агенции сега се далеку посвесни за опасноста од тероризмот и разменуваат повеќе информации. Во моментов нема докази за постоење на терористички келии на ИД во САД или во Европа.

Сепак, борбата против ИД е долгорочна мисија, смета Олсен. Битката против нив ќе мора да се води и политички, како на пример со формирање на преодна влада во Сирија, која би го заменила режимот на Асад. Само тогаш, САД ќе можат да ја исполнат заканата на Обама дека ИД ќе биде уништена.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми