1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Западот ја обвинува Русија за „експлозивна реторика“

ЖА/дпа/миа/афп/ртре24 април 2014

Тонот во украианската криза се‘ повеќе се заострува. НАТО и САД жестоко реагираа на најновите руски изјави за можна воена интервенција ако се загрозени руските интереси.

Фотографија: Reuters

Една недела по договорот во Женева околу роковник за смирување на ситуацијата, во Украина нема ни трага од спласнување на тензиите. Напротив, постојано се вршат меѓусебни обвинувања и закани.

НАТО е загрижен од заканите на Русија дека ќе употреби воена сила против Украина, изјави заменикот генерален секретар на организацијата, Александар Вершбау. Вершбау ја осуди Москва за, според него, острата реторика и ја повика да го поддржи спроведувањето на договорoт за смирување на ситуацијата во Украина, постигнат минатата недела во Женева.

„Користењето закани и спроведувањето воени вежби во близина на украинската граница ги зголемуваат тензиите во една и без тоа нестабилна ситуација и го нарушуваат духот на договорот од Женева“, предупреди Вершбау.

Русија претходно изрази подготвеност да испрати војска во Украина, во случај да и‘ бидат нарушени легитимните интереси во земјата, откако новите украински власти почнаа „антитерористичка операција“ против проруските сепаратисти во источниот дел на Украина.

Главниот командант на Обединетите вооружени сили на НАТО во Европа, генерал Филип Бридлоу во интервју за романски медиум изјави дека руските војници, распоредени долж границата со Украина се многубројни, добро опремени и подготвени, ако добија наредба да влезат во источниот дел на Украина.

Сергеј Лавров упати обвинувања на сметка на САДФотографија: Reuters

Американскиот Стејт департмент пак ги отфрли како „апсурдни и неосновани“ тврдењата на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров дека САД стојат зад политичките нереди во Украина.

„Повеќето тврдења во интервјуто ( на Сергеј Лаврозв за рускиот ТВ канал Раша тудеј, н.з.) се апсурдни и не се засновани на факти“, изјави портпаролката на Стејт Департментот, Џен Псаки.

„Една од нив е дека САД имаат било каква врска со украинските антитерористички операции (...) и дека ние ја ’диригираме претставата’ или ја финансираме. Сето тоа би го сместила под категорија апсурдно“, рече таа, додавајќи дека таквите изјави ги смета за контрапродуктивни.

Лавров во интервју за руската телевизија изрази надеж дека САД нема да мислат само на своите геополитички интереси и уверување дека Украина е само еден од изразите на отсуство на желбата на Американците да отстапат во геополитичката борба.

САД и Европската унија се заканија со нови санкции, доколку Русија не го спроведе Женевскиот договор, толкувајќи дека тој содржи одредба за отстранување на руските единици од руско-украинската граница. Москва, пак, тврди дека нејзините војски легитимно се во пограничниот регион на оддалеченост од граничната линија предвидена со меѓународните одредби поради тензичната состојба во соседната земја која спроведува воена операција во пограничните региони, како и дека такво нешто нема во договорот од Женева.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми