Фолксваген наредното лето ќе запре со производство на популарната „бубачка“. Планови за сличен модел-наследник засега нема.
Реклама
Големи џипови и просторни семејни кочии наместо култните џуџиња на тркала: Фолксваген во летото 2019 година ќе запре со производство на последниот модел на „бубачката“, т.н. „Beetle“. Американската секција на автомобилскиот концерн соопшти дека засега не се планира некаков модел-наследник. Меѓутоа, пред и последната „бубачка“ да излезе од производната лента во фабриката во Пуебла, Мексико, се планираат две специјални едиции на автомобилот.
Концернот, со цел да се прилагоди на барањата на купувачите, во иднина акцентот ќе го стави на т.н. СУВ-возила, кои се сѐ попопуларни и во Германија. Освен тоа, Фолксваген во САД ќе се концентрира повеќе и на модели за целото семејство, а ќе се пробива и на пазарот на електромобили.
Во вакви околности, се чини дека „бубачката“ не се вклопува. Минатата година беа произведени само 15.166 автомобили. Сепак, „губњето на 'Beetle' по три генерации и осум децении, ќе предизвика силни емоции меѓу верните фанови на 'бубачката'“, изјави шефот на Фолксваген за Северна Америка, Хинрих Вебкен.
Класичната „бубачка“ беше произведувана до 2003 година. Последниот автомобил од тој тип е изложен во Волфсбург. Од 1998 година почна производството на новата „бубачка“ (New Beetle), која се произведуваше до 2010 година, а од 2011 година беше заменета од „Beetle“.
„Бубачката“ е сѐ уште жива во Етиопија
Последниот Фолскваген-Бубачка во Германија беше произведен пред речиси 40 години. Овој култен автомобил во Германија денес може да се види ретко, но во Етиопија е и натаму секојдневие на улиците.
Фотографија: Reuters/T. Nigeri
Незаборавен
Фолксваген-Бубачка слави свој камбек во Етиопија. Автомеханичарите во оваа африканска земја одушевено ги поправаат и разубавуваат возилата и на тој начин го осигуруваат нивното преживување.
Фотографија: Reuters/T. Negeri
Сѐ уште во возна состојба
Во главниот град на Етиопија, Адис Абеба, „бубачките“ не се музејски експонати. Тие секојдневно може да се видат на улиците на градот.
Фотографија: Reuters/T. Nigeri
Нови автомобили - нема
Нова „бубачка“ не може да се купи. Производството на малиот автомобил во светот престана во 2003 година, во Германија уште пред 40-тина години. Од фабричките ленти се излезени вкупно околу 20 милиони „бубачки“ ширум светот.
Фотографија: Reuters/T. Nigeri
Поправка наместо купување
Кога возилото ќе остари, автомеханичарите го расклопуваат на делови и потоа составуваат нов функционален автомобил.
Фотографија: Reuters/T. Nigeri
Автомобил од доверба
Ишету Кинфе е автомеханичар. Својата „бубачка“ ја вози веќе 19 години. Жали што Германците престанаа со производство, зашто, како што вели, возилото е силно и можело да се купи поволно.
Фотографија: Reuters/T. Nigeri
Не преживуваат сите
На некои примероци од славните автомобили им нема спас. Тогаш тие завршуваат покрај патот.
Фотографија: Reuters/T. Nigeri
Носталгија и прагматизам
И во Етиопија се зголемува бројот на скапите увезени автомобили. „Бубачката“ му пркоси на ваквиот тренд и сѐ уште е уверлива, зашто е со поволна цена и пристапна и за оние кои немаат многу пари.
Фотографија: Getty Images/AFP/J. Cendon
И за стари и за млади
„Бубачката“ сигурно уште долго нема да падне во заборав. Зашто автомобилот, дури и полн со прашина и во не толку перфектна форма, е и натаму омилен - дури и кај помладите генерации.