Запоставениот центар
28 мај 2016Не може да се превиди ерозијата на демократиите. Речиси насекаде граѓаните одненадеж се определуваат за десничарски или екстремно-десни партии. Тоа е оној центар, кој му се препушта на еден афектен радикализам. Тоа се просечни граѓани кои се чувствуваат запоставени од партиите и на „системот“ му ја префрлуваат вината за својата лутина и фрустрации. Тие ги отфрлаат партиите и владеењето на елитите. Лутите граѓани се незадоволни од државата и тој став е насочен како против демократската способност за консензус, така и против доселениците, слободната трговија и глобализацијата. Лутиот граѓанин од десниот спектар живее во своjата зачауреност. Тој сака да си го зачува огништето, татковината и е скептичен, па дури и недоверлив – понекогаш повеќе против Брисел и ЕУ. Лутиот граѓанин се побунува против „оние горе“ – така е во Франција, Велика Британија, Полска, Италија, Германија, Данска и САД.
Лутите се здружуваат
Лутиот граѓанин си бара партии кои на тие фрустрации, на тој бес им даваат програма – францускиот Националниот фронт, британскиот УКИП, данската Народна партија, германската АфД, Вилдерс во Холандија или фламанската Народна партија во Белгија. Тие граѓани се од понискиот среден слој. Тие се накострешуваат. Нивните вредности се вредности на стари добри времиња, одамна поминати. Тие не се космополити, не се отворени кон светот. Голем дел од нив ги одбиваат доселениците и туѓинците, првенствено ако се од културни кругови кои им се страни, како од земји со исламски белег - од Авганистан до Мароко.
Нивната програма гласи: бранете се од туѓото, одбивајте го. И, колку повеќе етаблираните партии, умерените политичари од полулево или полудесно се здружуваат против лутите граѓани и избирачи, толку посилно еродира општеството, толку поубедено се обединуваат и незадоволните против „оние од горе“. А успехот сплотува. Мнозинското општество е несигурно и не знае како да му се спротивстави на тој афектен радикализам.
Лутината се претвора во омраза
Тонот во дебатата станува се` погруб – во интернет и онака, но секојдневие стануваат исмејувања и навреди под секое ниво, како на пример против Ангела Меркел. Се чини дека е загубена секоја мера и пристојност. Се чини дека стана мото - колку погласни и поекстремни, толку поуспешни. Јасно е и дека веќе не помагаат апели за разумност и пристојност, ниту добри манири. Во демократските општества на благосостојба има агли во кои политиката едноставно веќе не допира. Таму се накострешени, таму цутат теории на заговор, таму лутината често се претвора во омраза.
Тоа е фрустрација на запоставените, на Центарот кој се чувствува запоставен. Тоа е центарот кој е носечки за општеството и државата – со верноста кон државата и со даноците што ги плаќа. Тоа е центар кој мора да гледа како ја губи заштедата поради политиката на нула камати на Европската централна банка. Тоа е центар кој гледа како богатите и супербогатите, а понекогаш и претпријатија, не плаќаат даноци или бегаат во даночните рајови. Тоа е центарот кој гледа како милиони млади, и покрај доброто образование, се` и остануваат невработени. Тоа е центар кој гледа како се трошат или расфрлаат милијарди евра од данокот, кои недостасуваат во нормалното секојдневие. Тоа е центар кој крајно неволно гледа како луѓето се оставени да излегуваат на крај без работа. Тој центар го дава гласот за десницата со левичарска патетика. Тој се радува дека „оние горе“ – а во тоа се вбројуваат и медиумите – реагираат со морални апели за сплотеност, за потоа да го одбие тоа. Фрустрацијата од десно подолго ќе биде присутна во демократиите отколку што сметаат елитите.