1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зап. Балкан припаѓа кон ЕУ колку и Полска или Унгарија, но не и Турција

16 мај 2006

Романија и Бугарија во ЕУ – тоа му помага на регионот да се стабилизира, коментираат германските весници денеска

Фотографија: AP

Денешното изјаснување на Комисијата на ЕУ во врска со пристапувањето на Романија и Бугарија е повод за германските весници да го коментираат процесот на проширување на Унијата.

„Берлинер цајтунг“ оценува:

„При сета можна и нужна критика на слабостите на ЕУ, токму во ова лежи нејзината неспорна полза: таа ја направи Европа побезбедна. Тоа важи за внатрешната безбедност. Но, дури уште повидливи се успесите кај решавањето на политичките конфликти на еден континент, на кој со текот на вековите, во менливите констелации, практично секој на секого еднаш бил непријател и се наоѓал во војна. Членството ги носи Бугарија и Романија во една функционирачка безбедносна структура, аргумент кој и не може да се вреднува толку високо, колку што заслужува, како што покажа последната еднаипол деценија. Балканот е најнестабилниот регион на Европа. Таму некои од конфликтите се’ уште не се надминати, туку – како на Косово – само замрзнати. Нема сомневање, Романија и Бугарија во ЕУ му помага на регионот да се стабилизира“ – смета „Берлинер цајтунг“.

„Пристапувањето на Романија и Бугарија кон ЕУ би требало да биде завршна точка на досегашната политика на проширувањето“ - пишува „Ди Велт“. Во подолгиот коментар понатаму се вели: „Таа беше ориентирана според побарувачката, немаше ни концепти, ниту дебати. Проширувањето беше елитен проект кој не знаеше за граници. Крај на повеќедецениската парадигма на ЕУ ’кој сака, смее да дојде‘. Тоа станува посебно јасно на примерот на Бугарија и Романија: иако обете земји не се зрели за ЕУ поради тешките недостатоци кај правната држава, ним уште од пред една година им беше ветено членство. Тоа го намали реформскиот притисок пред се’ во Бугарија и ги деградира на фарса актуелните тренирања мускули на ЕУ кај прашањето дали пристапот ќе биде во 2007-ма или 2008-ма. Со најновите давења околу проширувањето ЕУ загуби од веродостојноста и респектот...Да нема дилеми: ако се подвлече црта, досегашната политика на проширување на ЕУ претставуваше успех. Таа го зголеми притисокот за трансформација во младите јужно- и источноевропски демократии, таа ги направи побезбедни надворешните граници на старите држави на Унијата и извезува стабилност, индуцира добивки за севкупниот стопански напредок...Кој дискутира за способноста за апсорпција и за границите на ЕУ, мора да го има пред очи чувството на заедничка припадност. ЕУ не е наменски сојуз, туку заедница на вредности, која се базира врз заеднички неменливи принципи и историски идентитети. Заедничката политичка култура на Западот мора да биде решавачкиот критериум за способноста за прием и за границите на ЕУ. Тоа значи и дека од денешен агол на гледање државите на Западен Балкан исто толку припаѓаат кон ЕУ, колку и Полска или Унгарија, но не и Турција“ – смета „Ди Велт“.

„Ное Рур / Ное Рајн цајтунг“ од Есен коментира:

„До пивниците одамна стигна добрата вест дека привлечната сила на најефикасната агенција за модернизација на континентот, имено ЕУ, не опаѓа, туку расте. Но, таму бриселските елити се чувствуваат нелагодно; таму, каде владеат разбирливи страхувања од губење на работното место и прекумерен странски елемент, се’ помалку му се верува на технократското брборење за Европа која станува се’ поголема. Причина се самите шеф-Европејци, кои уште само тивко ја раскажуваат успешната сторија ЕУ. Штета. Оти, приемот на Бугарија и Романија е важен камен во мозаикот на напорите за натамошно помирување чекор по чекор на една од војна раскината Европа“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми