Засега нема враќање на визите за Македонија и Србија
9 јуни 2011„Ние не предвидовме суспензија на (безвизниот режим). Механизмот за суспензија беше разгледуван денеска, но не во овој контекст. Суспензијата ќе се прави во специфични услови, утврдени од Комисијата, што ќе се најде во законодавството за визите, како заштитна клаузула“, нагласи европската комесарка за внатрешни работи Сесилиа Малмстром.
Имено според документот на Европската комисија, разгледуван во Луксембург, за враќање на визите може да одлучи во три случаи: ако во период од шест месеци, една земја на ЕУ констатира зголемување од 50 проценти на баратели од азил, или пак зголемување за 50 проценти на илегалци или пак 50 насто повеќе реадмисии за една иста земја.
Земјите од ЕУ треба да се оправдаат за нивниот избор пред Комисијата, која ќе го има последниот збор. Односно како што се нагласува во Брисел, нема да има автоматизми.
За лажните азиланти ќе се расправа и за време на полското претседателство
Малмстром пред новинарите нагласи дека за случајот на Македонија и Србија денеска се водеше долга дискусија на Советот за внатрешни работи и правда на ЕУ овде во Луксембург. „Јасно е дека постои вистински напредок постигнат од овие земји во повеќе погледи, но сепак се’ уште постојат огромен број на баратели на азил кои доаѓаат посебно од Поранешната југословенска република Македонија и од Србија. Некои земји изразија загриженост и за ова прашање ќе расправаме и за време на полското претседателство со ЕУ“, рече Малмстром.
Таа притоа појасни дека помалку од 1% од поднесените барања се прифатени од земјите членки на ЕУ, инсистирајќи на фактот дека најголемиот број од барателите доаѓаат од ромската заедница, кои живеат во многу тешки животни услови, кои треба да бидат подобрени но тоа не се прави преку ноќ. За таа цел се потребни ангажирања на земјите во кои живеат преку информативни кампањи и конкретни акции, рече еврокомесарката.
Во извештајот кој се разгледуваше денеска во Луксембург, се вели дека со визната либерализација за Западен Балкан е остварена главната цел: олеснување на врските меѓу луѓето, подобрување на можностите за деловни врски и културна размена и подобро запознавање со ЕУ.
Првиот шестмесечен биланс е главно позитивен
Општо земено, билансот на првиот шестмесечен извештај изработен во рамките на механизмот за следење на визната либерализација е позитивен, посебно во делот кој се однесува на сигурноста и безбедноста на документите, борбата против корупцијата и криминалот.
Од друга страна како проблем се посочува зголемениот број на азиланти од земјите од регионот, односно злоупотребата на правото на азил.
Тоа беше проблематично по укинувањето на визниот режим, кога граѓаните од земјите со визна либерализација побараа азил, додека други едноставно останаа како илегалци на територијата на Шенген просторот.
Државите од регионот, според извештајот, ќе треба да ги засилат реформите за да се зацврстат и зачуваат постигнувањата стекнати со визната либерализација.
Во извештајот посебно се нагласува дека од досегашните искуства, спроведувањето на договорот за реадмисија е позитивно, и дека државите од регионот направиле значајни напори за борба против злоупотребата на слободниот визен режим и дека се посветени на решавањето на ова прашање.
Автор: Тони Гламчевски
Редактор: Симе Недевски