1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Засилена економска соработка на Западниот Балкан

БГ/миа15 јули 2014

На самитот во Дубровник, земјите од Западен Балкан се заложија за засилена економска соработка. Денеска претседателите од регионот ќе имаат средба со германската канцеларка Ангела Меркел.

Фотографија: DW

Претседателите на осум земји од Западен Балкан синоќа во Дубровник се заложија за зајакнување на економската соработка во регионот, која беше попречувана поради војните во последната деценија на минатиот век.

„Ги повикувам лидерите да го поддржат водењето на политика поволна за регионалната економска соработка“, изјави хрватскиот претседател Иво Јосиповиќ во обраќањето на средбата на врвот на западнобалканските држави в Дубровник. Јосиповиќ, без да посочи конкретни имиња, предупреди дека определени политички сили продолжуваат да се спротивставуваат на таа соработка.

„Заостануваме далеку назад зад ЕУ што се однесува до економскиот развој“, рече Јосиповиќ. Вчера во Цавтат, во близината на Дубровник, се одржа и бизнис-форум на кој се собраа стотина бизнисмени од регионот за да ги разгледаат потенцијалните можности за соработка, поконкретно во прехранбената индустрија, енергетиката и туризмот. За денеска е предвидено шефовите на држави да имаат неколкучасовна средба со германската канцеларка Ангела Меркел.

„Нејзиното доаѓање покажува интерес на Европа кон регионот“, рече Јосиповиќ. Тој ги определи Хрватска и Словенија, двете западнобалкански земји-членки на ЕУ како распространувачи на европската политика на Балканот.

Теми на состанокот ќе бидат политичката состојба и односите во регионот, продолжувањето на политиката на проширување на ЕУ, инфраструктурните проекти со акцент на завршувањето на Јадранско-јонскиот автопат и железничкиот коридор Минхен-Истанбул, како и енергетската политика.

Според најавите од Загреб, се очекува лидерите од регионот и овојпат акцентот да го стават на потребата од конечна консолидација на европскиот простор, а од германската канцеларка да укаже на важноста на регионалната соработка, врз која почива ЕУ.

Посетата на Меркел во германските медиуми се најавува како подготовка за Конференцијата за Западниот Балкан која ќе се одржи на 28 август годинава во Берлин.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми