Притисокот врз македонскиот здравствен систем продолжува да се намалува со оглед на благиот пад на бројот на нови инфекции. Од друга страна вакцинацијата против коронавирусот се одвива со засилено темпо.
Реклама
Епидемиолошката ситуација во земјата, според македонските здравствени власти, постепено благо се подобрува. Бројот на новозаболени од Ковид-19 во државата е во благо опаѓање. Од друга страна пак, продолжува процесот на имунизација. Според министерот за здравство Венко Филипче, термини за вакцинација веќе добиле сите граѓани над 40-годишна возраст од Скопје, кои до 30 април изразиле желба за вакцинирање преку веб-страницата на министерството за здравство.
Според неговата најава во наредните денови, термини за вакцинирање ќе добијат граѓаните над 40-годишна возраст и во останатите македонски градови, кои до крајот на април изразиле желба за вакцинирање преку оваа веб-страница а започната е и имунизацијата на пациентите кои се на дијализа, како и пациентите со трансплантација.
До крајот на следната недела, пак, се очекува да се вакцинираат дополнително пријавените 8.000 постари граѓани кои ќе имаат приоритет пред помладите.
Се очекува имунизацијата на населението да оди согласно предвидената динамика, со помош на 100.000 вакцини на „Синофарм“, кои пред два дена пристигнаа во земјата како донација од кинеската армија.
Инаку, според извештајот на македонското министерство за здравство, во текот на вчерашниот ден биле регистрирани нови 62 случаја на заболени од Ковид-19. Починале 14 лица, а оздравени се 245 пациенти.
Како коронавирусот го промени животот
Пандемијата на коронавирусот го промени од корен начинот на живот на каков што луѓето беа навикнати.
Фотографија: Aleksandra Najdovska/DW
Ставете маска
И покрај тоа што македонските здравствени власти постојано предупредуваат дека носењето маска е важно за превенција од пандемијата на коронавирус, дел од луѓето сѐ уште се противат на носење маски. За неносење маски казната за граѓаните е 20 евра, за правните лица – 2000 евра. Затоа влезовите на продавниците од почетокот на пандемијата се „украсени“ и со вакви предупредувања.
Фотографија: Aleksandra Najdovska/DW
Рестрикции и на отворено
Во С. Македонија маски мора да се носат и на отворено, а забрането е и групирање на јавен простор на повеќе од 4 лица по 21 часот. Не се групирајте, е апел кој постојано се повторува од страна на надлежните. Резултатите се половични – покрај дисцплинираните, сѐ уште има луѓе кои се групираат и не преземаат превентивни мерки. Оваа празна клупа трпеливо чека на крај на пандемијата и рестрикциите.
Фотографија: Aleksandra Najdovska/DW
Здравствена криза, економска криза
Угостителските објекти работат со ограничено работно време – само до 21 часот. Исклучок се оние со сервис за испорака. Празните ресторани и кафулиња ја отсликуваат новата реалност што ја создаде пандемијата на Ковид-19. Многу фирми, посебно малите, се плашат од пропаѓање. Ќе им бидат ли доволни средствата за помош од државата?
Фотографија: Aleksandra Najdovska/DW
Каде се другарите?
Околу 90% од учениците следат онлајн-настава, а без проблеми се одвива и наставата со физичко присуство, тврди министерката за образование Мила Царовска. Пандемијата ја забрза дигитализацијата на образованието. Но, привремено го запре нормалниот детски живот. Како актуелното намалување на социјалните контакти влијае врз детскиот развој ќе биде веројатно предмет на многу истражувања во иднина.
Фотографија: Aleksandra Najdovska/DW
Помала осаменост со домашно милениче
Домашните миленици, во време на затворање дома, можат да бидат добар чувар од психолошкиот стрес што со себе го носи пандемијата. Според студија на универзитетите Јорк и Линколн, 90% од испитаниците сметаат дека домашното милениче им помогнало во емоционалното справување со „локдаунот“, а дури 96% се уверени дека со помош на домашното милениче останале во добра физичка кондиција.
Фотографија: Aleksandra Najdovska/DW
Сѐ за здравје
Од почетокот на пандемијата на Ковид-19, во пораст е побарувачката по витамини и сѐ што може да придонесе за зајакнување на имунитетот. Конзумирањето суплементи стана секојдневна рутина на многумина. Притоа, голем дел од она што го препорачуваат лекарите, не го покрива Здравствениот фонд, туку е приватен трошок. Лекувањето чини пари, превенцијата исто така. Но, сѐ за здравје!
Фотографија: Aleksandra Najdovska/DW
6 фотографии1 | 6
Досега во земјата се направени вкупно 756.480 тестирања на Ковид-19. Со ова, вкупната бројка на дијагностицирани од почетокот на пандемијата изнесува 154.698. Бројката на оздравени пациенти е 145.851, а на починати е 5.211. Има вкупно 3.636 активни случаи.
На инфективните одделенија низ болниците во државата и во Скопје се лекуваат вкупно 514 пациенти. Има околу 740 слободни кревети во ковид-центрите. Од министерството посочија дека поради намален број на болни, затворени се дел од капацитетите наменети за ковид пациенти.