1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Застојот во инвестициите ја кочи германската економија

Томас Штраубхар
26 август 2019

Германскиот економски просперитет не е загрозен ниту од агресијата на Трамп, ни од заканите на Кина, ниту од тврдиот Брегзит. Слабата инвестициска дејност е она што ја кочи земјата, оценува Томас Штраубхар.

Symbolbild | Punk in der DDR
Фотографија: imago images/Seeliger

Вознемиреноста околу тоа кога и дали Германија е во рецесија ги занемарува многу поголемите опасности за благосостојбата. По кризата на финансиските пазари во 2008. и падот на економијата кој следеше, во Германија малку се вложува. Инвестициите во опрема во 1991 изнесуваа и до 10% од БДП, во 2008 - 8%, а актуелно изнесуваат помеѓу 6 и 7 проценти од БДП. Колку драматично се одразува на долг рок бавното темпо во инвестициските активности на иднината на германската економија се чита пред сѐ во продуктивноста на работната сила. Таа е огледало на инвестициите, бидејќи ја мери стекнатата вредност која просечно се остварува по глава на работник или одработен час. Па така, може да се види дали работниците на градилиште работат со голи раце, лопати и алат, или пак со багери и тешка механизација и дали податоци се обработуваат мануелно со дигитрон и едноставни помагала за сметање, или пак се користат ласери, паметни алгоритми и вештачка интелигенција. Колку повеќе се користат компјутери и роботи, толку повисока е продуктивноста, меѓу другото и заради тоа што со употреба на нови автоматизирани процеси се отвора врата и за техничкиот напредок во производството. Колку поефикасно и поефективно се продуцира, толку поатрактивни се понудите и поголем капиталот од заработката, кој потоа е на располагање и за работна сила и машини.

Минимално придвижување во продуктивноста

Томас Штраубхар, реномиран економистФотографија: picture-alliance /dpa/J. Kalaene

Продуктивноста на работата во Германија по час во поранешните години на економски развој во втората половина на 1970-те години реално се зголемувала за просечно 3,4% годишно, во 1980-те за 3%, во 1990-те за 2,2% и во периодот 2000-2008 за 1,4%. За време на речиси десетгодишниот пораст од 2009. до 2018. продуктивноста пораснала за само 1,1%. Намалувањето на продуктивноста како последица на воздржаните инвестициски активности и со тоа и бавното темпо на воведување иновации ќе има своја цена по економскиот просперитет на земјата и тоа многу повисока од сите други фактори заедно, како агресијата на Трамп, заканите од Кина и нерегулиран Брегзит. Растот на продуктивноста на работата е основата од која се изведува порастот на платите.

А, тука важи простото правило: слаба инвестициска дејност денес, утре води до само мал напредок во продуктивноста на работата со што стагнираат платите или само бавно растат, многу побавно отколку во земји каде нашироко има безготовинско купување без чекање на каси, канцеларии без хартии и секретарки, софтвер робот за фактури, обработка на потврди за осигурителни друштва со вештачка интелигенција или нејзино користење во медицинска дијагностика на рентген снимки. За намалената инвестициска активност и од неа произлезениот слаб пораст во продуктивноста има повеќе причини. Но, една од нив заслужува посебно внимание заради тоа што е клучна за идно подобрување на нештата.

Повеќе:

Германија: Нема доволно пари за вештачка интелигенција

Иднината на живеењето - роботизирано и вмрежено

Харц-реформите имаа несакани ефекти

Агенда 2010 која започна кон средината на минатата деценија, во времето на тогашниот канцелар Герхард Шредер и неговата црвено-зелена влада, во која реформите за пазарот на труд беа именувани според креаторот Петер Харц, имаше за цел да привлечат што повеќе луѓе да добијат работа. Соодветно на тоа се зголеми притисокот врз невработените - дека мора да работат и да прифаќаат и полошо платени работни места. Како резултат на тоа вработеноста во Германија брзо се зголеми. Невработеноста опадна од пет милиони на почетокот на 2005, на 2,275 милиони регистрирани ова лето – огромен успех.

Но овој успех со вработеноста имаше и несакани ефекти. Ова резултираше во ограничување на платите во замена на креирање и одржливост на работни места. Но, кога бизнисот се сведува на евтина работна сила, тогаш недостасува и поривот да се инвестира во машини, роботи и нови дигитални технологии. Зошто да се даваат пари за скапи автоматски машини кога работната сила е толку евтина? Токму поради ова изостанува модернизацијата.

Едноставно, фокусот е на вработување на луѓе, а не на нови машини. Овде денес сѐ уште многу работи се прават рачно, а не со автоматски машини и роботи – што во принцип е вообичаена и востановена практика во високоразвиените економии. На други места многу повеќе од Германија се користат софтвери и алгоритми во сметководство, логистика, финансии и осигурување, па дури и во медицинската дијагностика.

Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Charisius

Како во ГДР?

Она што беше карактеристично за ГДР – неограничено вработување, како и висока гаранција со ниска продуктивност, соодветно мала плата и ниско ниво на општ напредок - ѝ се заканува на сојузната држава во време на дигитализација и податочна економија доколку премногу долго се држи до застарените догми на индустриското општество.

Во иднина пред сѐ треба да стане збор за продуктивноста, а не за масовни вработувања по секоја цена. Креирање работни места, во многу области со евтина работна сила, за нешто што роботи и со помош на вештачка интелегенција може да се изработи без грешка, многу подобро и тоа 24/7, е стратегија осудена на пропаст.

На долг рок, конкурентноста и просперитетот може да се обезбедат со повеќе инвестиции (и во образованието и истражувањето) и следствено на тоа да се постигне поголем степен на иновација и продуктивност. Сѐ на сѐ, помалку е подобро, помотивирачки, поздраво, избалансирано и затоа далеку попродуктивно од денес – ова мора да биде целта на идната политика на пазарот на труд. Само така ќе може да се исплатат високи плати, кои ќе овозможат понатамошно зголемување на животниот стандард за идните генерации.


Овој коментар првпат беше објавен на welt.de

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми