Затвор за кинеската новинарка која известуваше од Вухан
Јенс Јенсен
28 декември 2020
Нејзините видеа предизвикаа внимание на социјалните мрежи - Жанг Жан критички известуваше за однесувањето на кинеските власти во пандемијата на коронавирусот. Сега е осудена на затвор.
Реклама
Кинеската новинарка Жанг Жан, која известуваше за ширењето на новиот коронавирус во градот Вухан, е осудена на четири години затвор. 37-годишната Жанг е прогласена за виновна поради тоа што со своите извештаи „поттикнувала кавга и немир“. Познатата блогерка и поранешна адвокатка критички пишуваше за реакцијата на властите во Кина на коронавирусот. Во мај беше уапсена, а во јуни стапи во штрајк со глад. Според наводи на нејзините адвокати, нејзината здравствена состојба е „екстремно лоша“.
Коронавирусот беше првпат утврден кај луѓе на крајот на минатата година. Во рок од неколку недели тој се рашири масовно. Во јануари кинеските власти го изолираа прво градот Вухан, а потоа и целата провинција Хубеи. Во меѓувреме, коронавирусот е раширен во цел свет.
Во Кина пандемијата беше во голема мерка сузбиена со помош на ригорозните мерки на изолација и карантин. Раководството на земјата ја фали својата борба против вирусот како успешна. Критичките гласови се задушуваат. Покрај Жанг, полицијата има уапсено уште најмалку тројца блогери кои пишуваа за настаните во Вухан.
Според организацијата „Репортери без граници“, Кина е една од земјите кои имаат затворено најголем број новинари и блогери. На ранг листата на слобода на печат, земјата е на последните места.
Вухан: Една година по избувнувањето на пандемијата
На крајот на 2019 се појавија првите извештаи а на почетокот на 2020 кинескиот град Вухан стана озлогласен како прво жариште на коронавирусот во светот. Како е сега таму, една година потоа?
Фотографија: Aly Song/REUTERS
Рамо до рамо на преполните пазари
Вухан беше во карантин околу 11 недели откако стана првото глобално жариште на коронавирусот. До средината на мај 50.000 од 80.000 од официјалните случаи на заразата во Кина беа во Вухан. Но, сега животот речиси е вратен во „нормала“ на преполните улични пазари во градот.
Фотографија: Aly Song/REUTERS
Танцување на улиците
За време на карантинот, на жителите не им беше дозволено ниту да ги напуштат своите домови. Сега, тие дури можат да танцуваат заедно во парковите. Според новинската агенција Ројтерс, таму веќе со месеци нема локално пренесување на вирусот.
Фотографија: Aly Song/REUTERS
Нулта точка на коронавирусот?
Зеленчук, риба и месо - дури и диви животни - сето тоа се продаваше на овој покриен пазар. Но, тој ги затвори портите на 1 јануари 2020 година, откако започна да се шири мистериозното заболување на белите дробови и неговото потекло беше пронајдено на пазарот. Научниците сè уште не ја утврдија точната улога на пазарот во ширењето на вирусот, ако воопшто имаше улога.
Фотографија: Getty Images/AFP/N. Celis
Егзистенцијата на рестораните е изложена на ризик
Пред пандемијата, Лаи Јун поголемиот дел од производите за неговиот јапонски ресторан ги купувал во покриениот пазар. „Ги испраќав децата на училиште, појадував, а потоа одев на пазар“, вели 38-годишникот. Од повторното отворање во јуни, тој морал да оди на друго место - а некои од состојките сега чинат петпати повеќе. „Наша цел за наредната година е едноставно да преживееме“, вели тој за ДВ.
Фотографија: Aly Song/REUTERS
Нема повеќе свежа стока
Иако пазарот на приземјето сè уште е затворен, вториот кат е повторно отворен. Но, поголемиот дел од продавниците продаваат очила и други специјализирани производи за оптичари. „Некои луѓе можеби имаат чудно чувство, но сега е само празна зграда“, вели за ДВ една од продавачките, која не сакаше да го каже своето име.
Фотографија: Aly Song/REUTERS
Продавачите се префлија на улиците
Од затворањето на пазарот, некои луѓе почнаа да продаваат месо и друга свежа стока на улиците. Дури и ако продавачите носат маски и ракавици, некои велат дека условите не се во согласност со одредени хигиенски стандарди. Во екот на пандемијата на коронавирусот покриениот пазар беше критикуван поради лошите здравствени и санитарни прописи.
Фотографија: Aly Song/REUTERS
Кловн без маска- заштитна
Повеќето жители на Вухан носат маски на јавни места, особено затоа што коронавирусот не е исчезнати имала одреден број нови случаи на други места во Кина. „Многу луѓе почнаа да складираат маски, средства за дезинфекција и друга заштитна опрема“, изјави за ДВ, 29-годишниот учител по англиски јазик Јен.