1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Затвор за новинарите кои си ја вршат работата

Далиа Мортада/бг12 ноември 2015

Чанан Чоскун се соочува со долгогодишна затворска казна поради својата работа како новинар. Нејзиното судење е уште еден удар врз слободата на печатот во Турција, каде драматично растат нападите врз новинарите

Фотографија: picture-alliance/dpa/T. Bozoglu

Турската новинарка Чанан Чоскун денеска пред суд ќе биде соочена со обвиненија поради кои може да биде осудена на 23 години затвор. Нејзиното злосторство? Таа објави истражување за измами во системот на извлекување кој им овозможил на обвинители и судии од владејачката Партија на правдата и развојот да купуваат поволни недвижнини од јавна компанија за недвижности.

Откако во февруари објави текст во „Чумхуриет“ беше обвинета за „нарушување на угледот на јавни функционери со објавување на нивните имиња“, со други зборови, обвинета е затоа што наводно ги навредила оние кои се инволвирани во скандалот.
Ваквите случаи не се реткост- БиБиСи јави дека од април 2014 до март 2015, 236 лица биле под истрага за навреда на претседателот Реџеп Таип Ердоган, од кои половината биле обвинети. Минатиот месец новинарот Неџат Догру од весникот „Сосцу“ беше осуден на 11 месеци затвор за навреда на претседателот. Но, на новинарите не им се суди само поради објавени текстови. Некои се обвинети и поради објавени постови на Твитер кои се оценети како навредливи.
„Поради обвиненијата против мене, турските новинари наскоро би можеле да бидат во ситуација да им биде забрането да имплицираат јавни службеници во нивното критичко известување“, изјави Чоску за виенскиот Меѓународен институт за медиуми. „Во мојата приказна нема ниту збор критика за должностите на членовите на правосудството. Тој само беше базиран на фактот дека одредени судии и обвинители купиле луксузни куќи и станови со посебен попуст“.

Твитер профилот на Чанан ЧоскунФотографија: Twitter/Canan Coskun

Иако случајот на Чоскун е меѓу потешките примери на притисок врз новинарите, изминатите неколку месеци беа забележани и засилени извештаи за апсење, напади врз новинари и медиуми и откази од работа. Минатата недела двајца уредници на магазинот Нокта беа уапсени за „поттикнување вооружено востание“. Причина беше насловната страница на магазинот: „2. Ноември, понеделник: Почеток на граѓанска војна во Турција“. Премиерот Ахмет Давутоглу за СиЕнЕн изјави дека слободата на мислата и на печатот за него се „црвена линија“, но алудираше и на насловот: „Еден од новинарите објави наслов дека на 2 ноември ќе започне граѓанска војна. Дали е ова новинарска работа или провокација?“ праша Давутоглу.

Најава за она што следува

На една недела пред парламентарните избори, безбедносните сили упаднаа во телевизиите Каналтурк и Бугун и ги затворија. Компанијата која е сопственик на телевизиите наводно одржувала врски со радикалниот свештеник Фетула Гулен. Владата ја обвини компанијата дека „финансира тероризам“.

„Клучен момент беше владиниот упад, со што им порача на луѓето дека кога сака може да преземе било кој весник или ТВ станица“, вели колумнистот Емре Деливели. И тој остана без работа по објавен критичен коментар. Деливели предупредува дека таквите настани и убедливата победа на АКП на изборите ги турка новинарите кон самоцензура.
Иако најмногу на удар се домашните, сепак и странските новинари не се изземени од напади, депортации и притвор. Летово, холандската новинарка Федерике Гердинк беше депортирана поради „помагање на терористи“, додека ирачкиот новинар Мохамед Расул е во затвор во очекување на судење, поради наводни врски со ПКК.
Организацијата Фридом Хаус оценува дека слободата на печатот во Турција назадува во последните пет години. На ранг-листата на оваа организација, земјата се води како „неслободна“, додека според Репортери без граници Турција е на 149-то место од 180 земји во светот.

Емре ДеливелиФотографија: E. Deliveli

Турците најчесто и не добиваат информации за апсењето или затворањето на новинарите во земјата. Деливели објаснува дека информации за судењето на Чоскун можат да се најдат само во странските извештаи. „Доколку не знаете англиски или некој друг странски јазик во Турција, осудени сте на темнина“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми