Захариева со нови обвинувања кон Скопје
30 март 2021Последните постапки на властите во Скопје не ни даваат многу причини за оптимизам, вели министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева во интервју за „24 часа“. Таа е децидна дека ставот на Софија кон Скопје нема никаква врска со изборите, иако такви тези слушала долго време од македонските политичари.
„Имаме Договор од 2017 година што не се спроведува, рамковна позиција на Владата и едногласно усвоена декларација од Парламентот. Во Република Северна Македонија го знаат мислењето на сите бугарски партии и народот, 83,8 отсто од граѓаните не се согласуваат да ја поддржат С. Македонија за членство во ЕУ додека не се постигне договор за фактите за историското минато на Бугарија“, вели Захариева во интервју за бугарски „24 часа“.
Таа во интервјуто се осврнува и на случајот со Васил Гарванлиев, македонскиот претставник на Евровизија, кој објави дека има и бугарско државјанство.
-повеќе на темата: Гарванлиев: „Музиката е мојот пасош“
„Нивниот кандидат за Евровизија доби повеќе од 400 закани по животот затоа што рече дека имал и бугарско државјанство. Дали е нормално во 21 век да не може да се каже дека сте државјанин на две земји? Или да разговараме дали да го отстраниме од конкуренцијата поради тоа? Сè уште немаме објаснувања од Скопје и зошто нашето Министерство за надворешни работи треба да побара дозвола за бугарските книги. Тие сакаат да бидат членка на ЕУ, а не можат да земат донација на книги од земја-членка! Да не ја спомнувам кампањата за клевета против нас од страна на невладина организација од Словенија, тесно поврзана (вклучително и до неодамна со финансиски договор) со Владата на РСМ“, вели Захариева.
-повеќе на темата: Писмо на „Иван Михајлов“ за нови судири меѓу Скопје и Софија
Интервјуто на Захариева следи откако таа вчера имаше средба со битолчанецот Љубчо Георгиевски, претседателот на Културниот центар „Иван Михајлов“ од Битола, кое неодамна испрати писмо до бугарските власти и побара Бугарите да бидат споменати во македонскиот Устав . „Бугарија нема да ве остави на цедило - ова беше мојата порака до Љубчо Георгиевски и Георги Црномаров од Центарот за култура Иван Михаилов во Битола. Тие ми раскажаа за бројни случаи на закани и дискриминација на граѓани од Р.С. Македонија со бугарски идентитет. Луѓето се исплашени и често не сакаат да збируваат за тоа“, напиша Захариева на Фејсбук.
-повеќе на темата: Стан на улицата „Леге“ во Софија е „дом“ на 45.000 Македонци со бугарски пасоши
Судирите на релација Софија – Скопје траат веќе подолг период, а зачестија за време на изборната кампања во Бугарија. Бугарската амбасада неодамна упати протестна нота до македонското Министерство за надворешни работи поради тоа што, како што тврди министерката Екатерина Захариева, царинските службеници на Граничниот премин Деве Баир не му дозволиле на бугарски државјанин да внесе во Македонија бугарски книги. Според Захариева, станува збор за пратка од 920 бугарски книги за Бугарскиот културно-информативен центар во РСМ. Примероците од ‘Бугарски народни песни од браќата Миладинови’ биле пренесувани од бугарскиот државјанин Виктор Стојанов, кој на граничниот премин ‘Деве Баир’ го покажал договорот за донација со кој книгите ќе бидат доставени во нашиот културен центар, тврди Захариева. Со нотата, амбасадата бара објасување „зошто се наметнува посебно овластување за увоз на литература од земја членка на ЕУ, што никаде не е регулирано и апсурдно е да се случува во 2021 година во земја која тврди дека сака да влезе во ЕУ“.