Заштита на бегалците или одбрана од нив?
23 март 2015 Есенското време честопати попречува воопшто да се стигне до бродот. Но, Средоземното Море тој ден брзо се смири по бурата.
На бродот Виана до Кастело можеме да добиеме впечаток што треба да се постигне со операцијата Тритон. Првенствено, тоа е заштита на европската морска граница. Но, што ќе биде со бродоломниците на отворено море?
На португалскиот брод со акцијата командува морнаричкиот поручник Пресиозо. Од 2 ноември тој и неговата екипа се одговорни за големо подрачје долж италијанскиот брег.
„Главниот проблем е што не можеме да го покриеме целото подрачје, па ни требаат информации од сите извори. Ни треба и поддршка од воздух за да знаеме каде да бараме,“ вели Пресиозо.
Затоа, во мисијата учествува и авион на финската крајбрежна стража. Главна задача на Тритон во воздух и на вода е откривање бродови со мигранти долж европските граници. Потоа екипажот со глисер воспоставува прв контакт со бродовите.
Ако се тие се‘ уште во пловна состојба, крајбрежната стража ги придружува само до следното пристаниште. Ако не се, сите мигранти доаѓаат на палубата.
Овде веднаш ги презема војската. Во обезбедувањето на гранциите спаѓа и давањето прва медицинска помош. По повеќе денови поминати на море, луѓето најчесто се на раб на дехидрација.
„Она што најмногу го сакам кај оваа мисија е хуманитарниот аспект. Ние ја контролираме морската граница, но сме подготвени да им помогнеме на луѓето, кои ја напуштиле својата татковина заради подобра иднина во Европа“.
Прашање е само, колку од овие луѓе воопшто може да спаси операцијата Тритон? За споредба, неодамна завршената италијанска мисија „Маре Нострум“ чинеше околу 9 милиони евра месечно. Тритон има на располагање само една третина од овие пари.
Европската агенција за заштита на границите Фронтекс опстојува на тоа дека Тритон воопшто не е замена за Маре Нострум. Задача на италијанската програма беше барање и спасување на мигранти. Маре Нострум само за една година спаси над 100.000 луѓе од Средоземното Море.
„За восхитување е она што го направи италијанската морнарица. Ние во Фронтекс со нашите операции сме апсолутно посветени на спасување животи, но нашата задача и мандат се јасно поврзани со контрола на границите“, истакнува Изабела Купер од Фронтекс - европска агенција за заштита на границите.
Значи, Тритон контролира значително помало подрачје отколку Маре Нострум и веројатно ќе спаси и помалку мигранти. Некои мислат дека тоа ќе има и позитивни ефекти, зашто помалку луѓе ќе се решаваат на пловидба, бидејќи нема да можат да сметаат на Италијанците. Изабела Купер само делумно се согласува.
„Мораме да се фокусираме на ситуацијата во земјите на потеклото, во земјите од каде доаѓаат мигрантите. Мораме да најдеме начини таму да ја стабилизираме ситуацијата и да изградиме нивен економски просперитет. Мора да го решиме проблемот со мрежите за шверц со луѓе кои во Либија оперираат сосема неказнето“, вели Купер.
Но, до стабилизирање на ситуацијата во тие земји може да поминат децении, или тоа никогаш да не се случи. А бродовите во рамките на операцијата Тритон контролираат само подрачје до 30 милји пред италијанскиот брег, но не и опасните води на отворено море.
Бродски гробишта кај Лампедуза. Мнозинството мигранти го препловуваат Средоземното Море во вакви бротчиња. Тие се целосно пренатоварени, а шверцерските банди најчесто не полнат дури ни доволно гориво. Единствен спас досега беше сателитски телефон и повик до мисијата Маре Нострум.
24-годишниот Мамаду Санех во јуни се реши на патување од либискиот брег.
Сега тој е во овој дом за мигранти на организацијата Каритас во Палермо. Сместувањето вклучува и курс по италијански јазик. Сите овие преживеале благодарение на Маре Нострум.
„Чув дека ја прекинале Маре Нострум, што е голема, голема катастрофа, зашто верувам дека иако ја запрат луѓето сепак и натаму ќе доаѓаат, а нема да има кој да ги спаси. Бротчињата ќе потонуваат, зашто не се доволно силни.“
Кризите и војните во Африка тераат се‘ повеќе луѓе кон Европа. Сонот за подобра иднина е силен мотив. Реалноста меѓутоа често изгледа поинаку.
„Животот во Италија е многу тежок, зашто работата е голем проблем. Овде во Италија нема работа, затоа, кога ќе добијам документи, ако немам работа овде, секако ќе одам на друго место за да најдам добра работа,“ вели Санех.
Која е земјата на вашите соништа?, го прашуваме. Тој не се двоуми:
„Германија е земјата на моите соништа, навистина таа е земја на моите соништа.“
Затоа што толку го сака тамошниот фудбал, додава Мамаду Санех. Останатите соништа, веројатно нема да може да ги оствари ни во Германија.
Но, најважно за овие луѓе овде засега е што благодарение на Маре Нострум стигнале до Европа. Ако се потпреа на новата мисија Тритон, можеби денес нема да беа овде.