1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За барање за виза за Германија се чека повеќе од една година

Елизабета Милошевска Фиданоска
22 април 2020

Десетици илјади луѓе од Западен Балкан чекаат на термини во германските амбасади во нивните татковини за да можат да достават барање за виза за преселба во Германија.

Symbolbild Deutschland-Visum
Фотографија: DW

Според одговорот на германската влада доставен по барање на пратеници од партијата Левица, во амбасадата во Скопје до почетокот на март на термин чекале 22.238 луѓе, во Белград 13.393, во Сараево 36.635, во Тирана 41.563, а во Приштина дури 78.005 луѓе. Најмалку луѓе чекаат за термин во Подгорица - 429.

И покрај значителното зголемување на вкупно обработените барања за виза, огромниот интерес за визи кои се добиваат според т.н. Западнобалканско правило ги надминува многу капацитетите во амбасадите, се вели во одговорот на германската влада и се додава дека персоналот задолжен за визи е зголемен согласно можностите. Според Министерството за надворешни работи во Берлин, веќе за годинава е планирано и дополнително проширување на просториите со кои се располага во амбасадите во Белград и Тирана, а наредната година би требало повеќе простор за таа цел да има и во амбасадата во Приштина.

„Чекањето на визата за Германија е најтешко“

02:28

This browser does not support the video element.

Во моментов, времето на чекање за термин за виза во сите амбасади на Западен Балкан е подолго од една година, со исклучок на Подгорица, каде што се чека во просек по осум месеци. Во одговорот на Владата се додава дека треба да се има предвид дека побарувачката за термини и капацитетите за обработка се менуваат во текот на годината (време на одмори, зголемен интерес пред почетокот на семестрите на универзитетите, отсуства, засилување на тимовите во амбасадите и слично).

Затоа, времето на чекање не се пресметува систематски, но на крајот на февруари 2020, на пример, во амбасадата во Скопје од моментот кога бил побаран термин, додека се добил термин за поднесување барање за виза се чекало 6 месеци во случаите кога се работело за спојување на семејство. За истата цел е исто и времето на чекање во Сараево и Тирана, додека во Приштина и Белград за спојување семејство се чека над една година. Податоци за тоа колку се чека во случаите кога се бара виза за да се замине на работа од Скопје и Сараево нема, но во Белград за дефицитарни професии се чека од 10 до 12 недели, додека студентите кои сакаат да работат во текот на распустот за термин чекаат по осум недели. Од 10 до 12 недели во просек чекаат и луѓето од Албанија кои сакаат да работат како негуватели или бебиситери во Германија, како и оние кои сакаат да се школуваат во Германија.

Расте интересот за учење германски јазик

03:23

This browser does not support the video element.

Повеќе:

Работа во Германија - машинеријата се разработи

На работа во Германија само со призната квалификација и обезбедено работно место

Северна Македонија - земја без луѓе

Се бара продолжување на Западнобалканското правило за работа во Германија

Германската влада планира да ги обработи сите барања за виза кои ќе бидат доставени до истекот на Западнобалканското правило на 31 декември 2020 година. Дури и доколку Агенцијата за работа во Германија издала согласност за работа за одредено лице на 31 декември 2020 година, тоа лице ќе добие виза по тој датум. Што се однесува до тоа како ќе се постапи во случаите со лицата кои барале термин за да достават барање за виза, а не го добиле до истекот на рокот, ќе се одлучува дополнително.

„Германија нуди многу опции“

02:25

This browser does not support the video element.

На целиот Западен Балкан бројот на издадени визи е зголемен за трипати од 2015 година, кога беше донесено Западнобалканското правило, до 2019 година, односно од 20 на 65 илјади визи. Од издадените визи минатата година, над 27.000 биле визи за работа во Германија според Западнобалканското правило, односно 29% повеќе отколку во 2018 година, се вели во одговорот на германската влада доставен на барање на пратеници од Левицата.

Со Западнобалканското правило, донесено во септември 2015 година, им се олеснува добивањето работа во Германија на граѓаните од шесте држави на Западниот Балкан во периодот 2016-2020 година. Предуслов за доаѓање е согласност од германската Агенција за работа и имање конкретно работно место, односно место за обука, со плата која е вообичаена за германски услови. Исклучок се лицата кои во последните две години пред да постават барање за работна виза добивале помош за азиланти, кои не добиваат согласност за работа.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми