За Велигден во карантин, олеснување на мерките во мај
БГ
12 април 2020
Нови 68 случаи на заразени со Ковид-19 во земјата во изминатите 24 часа. Карантинот со сигурност ќе продолжи и следниот викенд, со можност да се продолжи и на празничниот понеделник.
Реклама
Ублажување на рестриктивните мерки за движење воведени поради коронавирусот може да се очекува на почетокот или кон средината на мај, а велигденските празници граѓаните ќе ги минуваат дома со можно продолжување на полицискиот час, најавува министерот за здравство Венко Филипче.
Во изминатите 24 часа бројот на заболени од коронавирус надмина 800 луѓе, откако беа евидентирани 68 нови случаи. Најголемиот број-18, повторно се во Куманово, но линеарно зголемување се бележи и во Скопје, Прилеп, Струга и Велес. Асимптоматските случаи на заразата, во кои предничат младите луѓе, и натаму остануваат најголем проблем за здравствените власти, поради што и се најавува можно продолжување на полицискиот час за претстојните велигденски празници.
„Тие поминуваат со многу лесни па дури и со никакви симптоми и се активни преносители на вирусот и во даден момент тие ќе создадат антитела. Ние со рестриктивните мерки за движење успеваме како држава да влијаеме на овој вид ширење на вирусот“, рече Филипче. Владата ќе решава дали и во понеделникот по празникот, кој е неработен ден, ќе важи целосната забрана за движење, вели министерот.
Се уште е нејасно дали починатата жена од Велес, кај која беа пронајдени траги од коронавирусот, била заболена од Ковид-19. Се чекаат испитувања од Инстиутот за судска медицина. Според епидемиологот од Институтот за јавно здравје Владимир Микиќ целиот случај е „контроверзен“.
„Се уште е рано да се утврди со стопроцентна сигурност дали таа жена била навистина инфицирана или не, кога настанала смртта и кои се можните начини воопшто да дошол вирусот кај нејзе“, вели Микиќ.
И анализата на резултатите на зголемениот број заболени од сезонски грип ќе чека подобри времиња, односно надминување на пикот на корона-кризата.
„Кога ќе заврши целата оваа активност, во подобри времиња, ќе направиме истражување во кое ќе кажеме прецизно дали некој од овие случаи со грип, кои се регистрирани во сезоната 2019/2020 имале симптоми слични на Ковид“, изјави доктор Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје на денешната дебата во Владата.
Што научивме во корона-кризата?
01:28
Животната средина зема здив во време на короната
Луѓето се дома, фабриките прават пауза - тоа се одразува и на животната средина. Промените во животната средина се забележливи на најразлични начини ширум светот.
Фотографија: Getty Images/C. Furlong
Во Велс козите го заземаат просторот
Онаму каде што човекот се повлекува, животните си го враќаат животниот простор. На речиси сосема празните улици во британското крајбрежно место Ландидно, си се шета стадо диви кози. Тоа не им е првпат, но сега не им пречи никој. Додека луѓето се затворени дома, козите слободно може да се нафрлат на своето омилено јадење: грмушките крај патот.
Фотографија: Getty Images/C. Furlong
Планета на мајмуните?
Во тајландски Лопбури луѓето се навикнати на мајмуните. Но, во моментов животните се невообичаено напрегнати. Причина за нивните борби е можеби тоа што немаат доволно храна, поради тоа што нема туристи. За мајмуните во Лопбури и други за другите животни кои се навикнале да добиваат храна од луѓето, корона-кризата е голема промена.
Фотографија: Reuters/Soe Zeya Tun
Во Катманду се дише подобро
Чист планински воздух во главниот град на Непал е само желба. Катманду се вбројува во градовите со најзагаден воздух во светот. Градот лежи во долина, во која смогот е „заклучен“ од околните планини. Но, откако владата на 23 март објави забрани за излегување, градскиот сообраќај речиси замре. Оттогаш квалитетот на воздухот е значително подобар.
Помалку возила на улиците, помалку авиони на небото, помалку фабрики кои работат - корона-пандемијата и во Германија донесе намалување на штетните издувни гасови. Според прогнозите, Германија со тоа може дури и да ги постигне климатските цели за 2020 година, се разбира доколку по кризата не се испуштаат што е можно повеќе штетни гасови.
Фотографија: Reuters/Soe Zeya Tun
Кога гондолите се покриени ...
Каналите во Венеција, кои вообичаено се полни со бротчиња и гондоли, сега се празни, а водата е толку бистра, што може да се види дното. Но, тоа нема врска со подобрен квалитет на водата, објасни портпарол на градот за Си-Ен-Ен. Поради намалениот сообраќај, сега само талогот е на дното. Но, она што и овде е дефинитивно подобрено е квалитетот на воздухот.
Фотографија: Reuters/M. Silvestri
Паузата заврши?
Додека во многу земји економијата е во застој, во Кина повторно се почнува со работа, како во оваа фабрика за батерии во Анхуи. Со тоа завршува и паузата за земање здив на животната средина.