1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За Грците во САД Ромни е негативен лик

АМ/миа8 септември 2012

Грчката дијаспора во САД го избра Мит Ромни за најнегативен лик на неделата, поради споредбите во негативен контекст на САД со Грција. Грците бараат од САД исполнување на одредени отворени прашања во грчката политика.

Фотографија: Reuters

Новоформираната грчка организација во САД, Хеленски американски лидерски совет (ХАЛЦ), го критикува републиканскиот претседателски кандидат Мит Ромни поради тоа што во своите говори честопати ја употребува Грција како пример кога сака да предупреди на опасностите што им се закануваат на САД поради нивните големи долгови.

Како што пренесува дописникот на МИА од Вашингтон, Ромни е избран за негативен лик на неделата во изборот што се организира на интернет страницата на ХАЛЦ, каде Грците од САД можат да гласаат за политичари што ги поддржуваат или ги напаѓаат грчките интереси.

Ромни и потпретседателскиот кандидат Пол Рајан обвинуваат дека новите големи расходи на претседатеот Обама ќе ја банкротираат Америка, исто како Грција, а Ромни го исмеваше Обама и за изборот на сценографијата на демократската конвенција во 2008 година, кога кандидатот Обама зборуваше пред огромни столбови кои наликуваа на дел од антички храм.

„Се сеќавам на обраќањето на претседателот пред четири години на конвенцијата во Денвер кога зборуваше на сцена украсена со грчки столбови. Се што прават овие денови потсетува на Грција, а ние не сакаме да бидеме како Грција. Ние ќе направиме Америка повторно да биде Америка“, е реченицата која Ромни честопати ја повторува на своите настапи во кампањата низ САД.

Грците во САД бараат одговор како Ромни ќе одговори на отворените грчки прашањаФотографија: Reuters

Како ќе се постави за отворените грчки прашања?

Освен тоа што ја користат Грција како вреќа за удирање, Мит Ромни и Пол Рајан не даваат претстава кој би бил ставот на евентуалната влада на Ромни по прашањата кои се традиционално важно за грчките Американци. Изборите во целост се посветени на економијата и на домашните прашања.

Во анализата подготвена од Енди Земенидес, извршен директор на ХАЛЦ, стои дека грчката заедница во САД своето влијание на ноемвриските претседателски избори може да го покаже преку гласањето во сојузните држави Флорида, Охајо и Њу Хемпшир, каде има значителен број грчки гласачи, кои можат да влијаат на крајниот резултат на изборите во овие важни држави.

Земенидес смета дека грчките гласови треба да се дадат во замена за поддршка од претседателските кандидати во САД за прашањата за статусот на Кипар, и за положбата на грчкиот екуменски патријарх во Истанбул.

Македонија не е посочена како прашање во оваа анализа, но ХАЛЦ го вбројува спорот за името како една од темите на кои грчката дијаспора треба да биде активна во САД. Во нивните ставови за спорот за името, Република Македонија ја нарекуваат “територијална маса што се прогласува за Македонија”, “создадена од Тито”, а употребуваат и други навредливи квалификации.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми