1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За кого ќе гласаат Курдите во Турција?

Налан Сипар / Симе Недевски9 август 2014

За првпат еден припадник на најголемото малцинство во Турција учествува во трката за претседателската функција. Но дали курдскиот кандидат ќе освои мнозинство од гласовите на Курдите, е неизвесно.

Фотографија: Nalan Sipar

Селахетин Демирташ се залага за повеќе демократија и права за малцинствата и е далеку најмладиот кандидат за претседател на Турција. Овој 41-годишен Курд ја застапува„ Демократската народна партија“ (ХДП) во претседателската трка со премиерот Реџеп Таип Ердоган и Екмеледин Исаноглу, кого го поддржуваат секуларистите и националистите. Гласачите ќе одлучат за победникот на изборите во недела, на 10. август.

„Курдите всушност ќе избираат меѓу Ердоган и Демирташ“, вели политикологот Вахап Џоскун од универзитетот Дикле во Дијарбакир, градот кој важи за политичко упориште на Курдите. Што се однесува до Исаноглу, овој стручњак вели дека тој за Курдите едноставно е преголем националист.

Курдите меѓу реалноста и идеалите

Курдскиот кандидат ДемирташФотографија: picture-alliance/dpa

Ердоган би можел да го победи Демирташ дури и на домашен терен, тврди Џоскун. Причина за тоа е што многу средовечни Курди и натаму полагаат надежи во актуелниот премиер. „Истражувањата покажуваат дека Курдите се задоволни со досегашните инвестиции на владата на Ердоган во тој регион“, објаснува овој стручњак. Се очекува и продолжување на вложувањата во образованието, здравството и инфраструктурата. Припадниците на најголемото турско малцинство долго беа економски запоставувани и сега заслугите за подобрувањето на состојбата му ги припишуваат на Ердоган. Тоа го покажаа и резултатите од локалните избори во март, на кои владејачката партија АКП мина прилично добро.

Наспроти тоа, Демирташ ја ужива поддршката на младите луѓе, на кои приоритет им се демократијата и човековите права. Тоа е и главното тежиште на неговите предизборни обраќања, вели Џоскун. Во согласност со тоа, тој во кампањата алудира на минатогодишните протести за паркот Гези во Истанбул и движењето кое настана од нив. „Тие сечат дрвја чија ладовина не успеаја да ја продадат. Ги затворија кината, ги испразнија плоштадите. Што се случи со нашиот град? Останаа само ѕидови!“, порачува претседателскиот кандидат Демирташ . Неговите приврзеници се залагаат за „одбрана на курдскиот идентитет“, вели Џоскун, но и тие се надеваат на нови инвестиции во областите во кои живеат Курди.

Сите ги поврзува потрагата по мир

Една од клучните теми за курдските гласачи во кампањата е и мировниот процес меѓу турските власти и Работничката партија на Курдистан (ПКК). И Ердоган и Демирташ најавија продолжување на преговорите, доколку победат на претстојните избори.

Турската влада спроти изборите донесе и нов закон со кој се даваат правни гаранции за мировните преговори и се ветува повторно вклучување на некогашните членови на ПКК во општеството. „Таквите закони кај Курдите создадоа голема доверба во владата“, истакнува Џоскун, а тоа, се разбира, е јасна предност за Ердоган.

Премиерот ЕрдоганФотографија: Reuters

Демирташ пред изборите се заврте и кон другите малцинства во Турција. Тој себеси се нарекува „кандидат на народите кои живеат во Турција“ и се залага за поголеми права за малцинствата, еманципација на жените и почитување на правата на хомосексуалците. Тоа значајно придонесе за неговиот политички углед, но не е доволно за поголем успех на изборите, оценува Џоксун.

Мировните преговори и економската стабилност се теми кои му одат од рака на Ердоган, дури и во претежно курдските области. Демирташ тешко ќе добие преку седум насто од гласовите, смета турскиот новинар Ченгиз Џандар, кој со години пишува за Курдите и нивните политички партии. Демирташ со своите заложби за демократијата и правата на малцинствата успеа да се воспостави како значајна опозициска сила во Турција - независно од исходот на изборите.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми