1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку подолго ќе живеете доколку дишете чист воздух?

БГ
4 септември 2021

Загадениот воздух им го скратува животот на македонските граѓани, во просек, за половина година. Најзагрозени се оние кои живеат во неколку скопски општини.

Nord-Mazedonien: Umweltproteste in Skopje
Фотографија: picture-alliance/AP/B. Grdanoski

Просечниот македонски граѓанин губи по 0,6 животни години поради загадувањето на воздухот со ПМ честички во земјата. Берово е единствената општина во Македонија каде нема да ви се скрати животот поради неквалитетниот воздух, додека живеењето во неколку скопски општини може да ви го скрати и за цела година. 
Податоците кои ги објави организацијата Животен индекс на квалитет на воздухот (AQLI) покажуваат дека без почитување на препораките на Светската здравствена организација (СЗО) за загадувањето на воздухот, секој човек во светот ќе губи просечно по 2,2 години од животот.
За особено критични за човечкото здравје се сметаат ПМ10 и ПМ2,5 честичките. Препораката на СЗО е дека првите не смеат да надминуваат вредност од 25 микрограми просечно на годишно ниво, додека вторите се ограничуваат на вредност од 10. Во С. Македонија просечната количина на ПМ2,5 честички во воздухот е малку над 16, но во зимските месеци честопати знаат да надминат и 50.

Интерактивната карта на организацијата дозволува да се прегледуваат податоците за С. Македонија и по општини. Од неа произлегува дека во земјата најзагрозени се скопските општини Центар, Карпош и Бутел чии жители губат над 1 една година од животот во просек, поради загадувањето на воздухот. Во слична ситуација се и жителите на Чучер Сандево, Велес, Куманово, Гази Баба, Ѓорче Петров, Чаир и Аеродром. Во речиси сите овие општини просечната концентрација на ПМ2,5 во воздухот на годишно ниво е околу или над 20 микрограми. На другата страна, како општини со најчист воздух, освен Берово, се и Конче, Пехчево, Ново Село и Дојран. 

Неколку скопски општини се рекордери во загадувањето со ПМ2,5 честичкиФотографија: picture-alliance/AA/N. Batev

Поголем „убиец“ од пушењето

Честичките како ПМ10 и ПМ2,5 се дефинираат според аеродинамичниот дијаметар, кој во конкретниот случај се мери во микрометри. Еден микрометар е големина еднаква на еден милионити дел од метар. 

Загадениот воздух им го скратува животот на милијарди луѓе дури и до шест години, и станува поголем „убиец“ и од пушењето, сообраќајните несреќи или ХИВ/СИДА. 

Најголем виновник за загадувањето на воздухот е користењето јаглен, а најтешко погодена е Индија чии жители губат во просек 6 години од животот поради отровите во воздухот. 

Од друга страна, Кина која со децении важеше за најголем загадувач, во последните седум години успеа драматично да го намали нивото на загадување, иако и тамошните жители умираат 2,5 години порано. 

Аерозагадување - Скопје се гуши во отровна магла

05:12

This browser does not support the video element.

Светска банка и други организации со години предупредуваат дека загадувањето на воздухот во С. Македонија е меѓу највисоките во Европа. Црната статистика вели дека годишно над 1.300 смртни случаи се последица на загадувањето на воздухот, а постојано расте и бројот на оние на кои им е потребно соодветно лекување.

Изворите на загадувањето најчесто се лоцираат во металуршката индустрија, затоплувањето на домовите и производството на енергија, додека во Скопје најголем удел имаат сообраќајот, согорувањето на биомаса и индустријата.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми