Предизборие со враќање на истиот стар наратив: пробив кон ЕУ и НАТО на сметка на компромиси со локални корумпирани политичари кои сега се во позиција да го закочат овој процес, исто како и за Преспанскиот договор.
Реклама
Во целиот галиматијас околу предизборието, Законот за ЈО, ратификацијата на протоколот за НАТО, мислам дека треба да очекуваме дополнителна ескалација на тензиите, на незалечените комплекси, на деградација на принципи и ситен предизборен популизам.
Во ваков амбиент, за мене беше исклучително освежување интервјуто на Јоргос Папандреу. Во една созреана аргументација, без трошка огорченост и нереален романтизам, во основа најмногу без непотребни комплекси, човекот ги нацрта линиите и позициите помеѓу двете држави со исклучителна пристојност и политичка финеса. Малку ме депримираше квалитативната разлика помеѓу неговиот политички речник и она на кое сме навикнале во локалниот политички дискурс, но се потсетив како изгледа интервју на политичар без комплекси. Притоа, човекот не кажа ништо спектакуларно, немаше некоја нова геополитичка теза, ниту пак откри нова нијанса во односите и во предвидувањата. Едноставно беше нормален и зрел, и тоа не изненадува – што е секако многу лош коментар за нивото на нашата политичка сцена.
Наспроти оваа смирена поза на Папандреу, локалните маријачи се пуштиле на најјако. Опозицијата овде, на пример, упорно инсистира да се противи на законот за ЈО, на имплементацијата на преспанскиот договор, во една неконзистентна и релативно хистерична варијанта без реална позиција. Не видовме реално објаснување на нивните контрадикторни позиции за тоа како ќе ја забрзаат евроатлантската интеграција на Македонија противејќи се на основниот стожер за нејзиниот пробив – преспанскиот договор. Тврдоглаво се противат на законот за ЈО, дотаму што успеаја целата меѓународна заедница да му ја постројат на Заев на услуга и помош (дури дотаму што амбасадори му помагаат да обезбеди мнозинство), нешто што тој самиот никако не можеше да си го обезбеди волку ефикасно.
Причината за овој наратив на опозицијата е јасна. Таа се потпира на претпоставката дека со ваквите потези, колку и да создадат проблеми кај критичната јавност, тие ќе мобилизираат голем дел од своето гласачко тело, а на некои места дури и ќе поентираат (надежен им е законот за ЈО). Она што недостасува во оваа калкулација е мобилизацијата која притоа ја прават кај разочараните гласачи на СДСМ (кои сега се уплашени од можноста ВМРО ДПМНЕ да се врати на власт па со тоа да ги проблематизира евроинтеграциите преку блокада на преспанскиот договор), како и мобилизацијата која ја прават во полза на СДСМ кај меѓународната заедница, која сега име чувство за итност, и во законските проекти пред собранието, и за претстојните разговори за датумот за преговори, и воопшто околу тоа кој може да биде сериозен и посакуван партнер на домашната политичка сцена.
Притоа, анализата е јасна: кај Преспанскиот договор, ризикот од негова блокада ни носи само штета, никако корист. Евентуалното проблематизирање на имплементацијата на договорот, нема да го поништи, укине, или смени ниту договорот ниту обврските кои произлегуваат од истиот, значи цената нема да се намали. Тврдоглавоста единство може да ги одземе придобивките од договорот – да ги спречи европските преговори, да не заглави во недогледно ново лимбо околу реформите и слично. Значи, дупло голо: зијанот ќе остане, само ќарот ќе го снема.
Сите истраги на македонското СЈО
Таргет, Титаник, Тортура, ТНТ, Транспортер, Тврдина, Трезор, Топлик, Тендери, Тарифа и Тенк се 11-те случаи кои досега ги отвори СЈО. Осомничени или обвинети се многу актуелни и поранешни државни и локални функционери.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Катица Јанева
Катица Јанева беше избрана за Специјален Јавен обвинител на 15 септември 2015 година од страна на Советот на јавните обвинители, а нејзиниот тим се комплетираше со уште 12 обвинители на 4 ноември лани. Нејзиниот избор беше дел од Договорот од Пржино за што согласност дадоа сите лидери на политички партии и големо мнозинство пратеници во Собранието.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Од шионажа до злосторничко здружување
Заклучно со март годинава, во првиот шестмесечен период од работењето, СЈО отворило вкупно 30 предмети против 80 лица. Кривичните дела кои им се ставаат на товар на осомничените и обвинетите се движат од Повреда на избирачко право, Злоупотреба на службена положба до Насилство, Шпионажа и Злосторничко здружување.
Фотографија: MIA
Обработка на прислушуваните материјали
Во септември годинава, СЈО го претстави и вториот шестмесечен извештај за својата работа. Во меѓувреме, ова обвинителство брои 74 вработени. Во тој период, обвинителите преслушале и обработиле 55.240 аудио фајлови, односно 12 проценти од вкупно добиените прислушкувани материјали.
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Charisius
Насилство и фалсификат
Паралелно со поднесениот втор Извештај за својата работа, СЈО ги обелодени и првите две обвиненија. Во првиот предмет, обвинети се седум лица - службеници на УБК кои го уништиле доказниот материјал за неовластеното прислушување. Во вториот, обвинети се 14 лица кои го поттикнувале или извршиле насилство при протестите пред општина Центар во јуни 2013 година. Меѓу нив е и експремиерот Груевски.
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski
Меѓународна поддршка
СЈО во меѓувреме добива отворена поддршка од претставниците на меѓународната заедница. Шефот на германската дипломатија Франк-Валтер Штајнмајер на 1 септември годинава порача дека е важно „СЈО да може непречено да продолжи со својата работа за разјаснување на обвинувањата за злоупотреба на моќта, за повторно да се засили довербата на македонското население во демократските институции на земјата“.
Фотографија: Reuters/I. Kalnins
Титаник- број 1.
Во февруари 2016, СЈО го обзнани својот прв случај, за изборни измами за кои постои сомнеж дека ги извршувала група која ја предводеле ексминистерката Јанкулоска, ексминистерот за транспорт Јанакиески и секретарот на Владата, Божиновски. Осомничени се за криминализација на изборниот процес со незаконско издавање лични карти и вметнување во избирачкиот список на лица, како и насилство, поткуп...
Фотографија: Petr Stojanovski
ТНТ- Како се уриваше Космос
Во април 2016 година беше отворен случајот за незаконското уривање на комлексот „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски. Иако првично не беа опфатени во истражната постапка, поради аболицијата од претседателот Ѓорге Иванов, осомничени во случајот „ТНТ“ се и експремиерот Груевски, ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и актуелниот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски.
Фотографија: Petr Stojanovski
Транспортер- Битола како Токио
Случајот во април 2016, обвинителката Фатиме Фетаи го најави како „веројатно најскапиот превоз за ученици во светот“, кој го плаќал градот Битола. Градоначалникот на Битола Владимир Талески и претседателот на комисијата за јавни набавки на општината, според СЈО, нанеле штета на буџетот од околу 360.000 евра. На Талески му беше одреден и домашен притвор, но во меѓувреме е пуштен на слобода.
Фотографија: DW/Z.Purkovic
Тврдина- уништување на доказите
Во предметот Тврдина кој на јавноста и беше претставен во март 2016 година, осомничени се двајца началници на УБК и ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. Тие во 2015 година противзаконски уништиле системи за следење на комуникации, при што е нанесена штета на државата во висина од околу 10 милиони евра. Истите системи претходно биле користени за незаконско следење и прислушкување
Фотографија: MIA
Тортура- изживувањето врз Љубе Бошкоски
На 28 март 2016, СЈО објави дека започнува нова истрага под името „Тортура“, која се однесува на апсењето на лидерот на партијата Обединети за Македонија и поранешен министер за внатрешни работи Љубе Бошковски. Поднесени се кривични пријави против седум лица, меѓу нив шестмина припадници на полициската единица Алфи, а како првоосомничен е тогашниот директор на УБК Сашо Мијалков.
Фотографија: DW/P. Stojanov
Трезор- Финзи и УБК
„Трезор“ е кодното име на последниот предмет на СЈО, и прв што се однесува на економски криминал, а произлегува од незаконското следење на комуникациите. Како што рече обвинителката Фатиме Фетаи, предметот се однесува на груба злоупотреба на средствата од буџетот на Република Македонија од страна на три раководни лица во УБК и едно раководно лице во Министерството за внатрешни работи.
Фотографија: picture-alliance/dpa
„Топлик“ и „Тендери“
Во предметот „Топлик“ се осомничени шест лица, кои преку злоупотреба на службената должност и кршење Законот за јавни набавки сториле кривични дела со кои го оштетиле буџетот во висина од 1 милион и 44.000 евра. Во „Тендери“ првоосомничено е раководно лице од Министерството за култура, поради фаворизирање на компанијата „Бетон - Штип“ при изградбата на Музејот на македонската борба.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
„Таргет“- масовно прислушување
СЈО соопшти дека илјадници луѓе биле незаконски следени во периодот од 2008 до 2015 година од страна на Управата за безбедност и контраразузнавање. Вкупно десет лица, дел од кои поранешни високи функционери се осомничени дека го организирале и го координарале незаконското прислушување. Незаконски била следена комуникација на најмалку 4.286 телефонски броеви без судски наредби
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Pape
„Тенк“ и „Тарифа“
СЈО сомничи седум лица дека ја злоупотребиле службената положба во случајот „Тарифа“ кој се однесува на постапка за јавна набавка на софтвер за потребите на АД ЕЛЕМ. Истрага е отворена и против две лица кои учествувале во набавката на службениот „Мерцедес“ на екс-премиерот Никола Груевски кој државниот буџет го чинеше 572 илјади евра.
Фотографија: picture-alliance/dpa/J.-P. Strobel
14 фотографии1 | 14
Истото важи и со законот за ЈО. Со сите негови недоследности, здружениот напор на меѓународната заедница е индикација дека е тој тесно поврзан со веројатноста за одлука за почеток на преговори во март. Дури и да не ни се допаѓаат некои решенија внатре, сепак, најдоброто нешто што можеме да го направиме за владеење на правото во Македонија е да почнеме преговори со ЕУ, па така, било која цена, во смисла на правни забелешки, на сегашниот ЗЈО е прифатлива, бидејќи обратната теза е полоша. Во изборот дали ќе донесеме совршен закон, но не почнеме преговори, или да донесеме компромисен закон, ако тој обезбеди преговори, немам дилема дека втората опција ќе донесе повеќе правда и владеење на правото во државата.
На крајот, се враќаме на истиот стар наратив: пробив кон ЕУ и НАТО на сметка на компромиси со локални корумпирани политичари кои сега се во позиција да го закочат овој процес, исто како и за Преспанскиот договор. Ова е резултат на длабоката поделеност на општеството: кога вие имате опозиција која го одбива Преспанскиот договор кој го овозможи членството во НАТО, но самото членство го прифаќа, која одбива да го гласа законот неопходен за одлука за преговори, но бара преговори со ЕУ, а во средината имате мал број пратеници кои можат да обезбедат мнозинство, мислам дека изборот и не е баш некој избор.
Пост-референдумски вокс-поп: зошто (не) гласав за промена на името
Нашата фоторепортерка Каролин Вајнкопф мина неколку недели во Македонија, пред и по референдумот. Со својот објектив, но и низ разговор со граѓаните се обиде да ја сондира атмосферата во државата. Еве што забележа
Фотографија: DW/B. Georgievski
Мојот идентитет не зависи од името на државата
Оли има 40 години и е сопственик на кафе бар во Скопје, организира техно забави и е јога инструктор. Оли гласал „За“ и смета дека тоа било негова граѓанска должност. Тоа што многу негови сограѓани го бојкотираа гласањето или едноставно не им било грижа, го прави тажен, но го очекувал. Оли вели дека не му е грижа за името на државата. Неговиот идентитет не зависи од тоа.
Фотографија: DW/Carolin Weinkopf
Не се откажувам од мојот идентитет и достоинство
Филип има 29 години и работи како ИТ инженер во Скопје. Свесно го бојкотирал референдумот. Филип сака неговата земја да биде во ЕУ и НАТО, но одлучил да не гласа како протест против владата.„Името е дел од мојот идентитет и моето достоинство. Не сакам да се откажам од тоа“, вели Филип. На прашањето: зошто тогаш не гласал против, Филип вели дека немало кампања за „против“.
Фотографија: DW/Carolin Weinkopf
„Против“ како протест против Владата
Тони има 37 години, роден е во Скопје и работи како консултант. Тој е меѓу ретките кои гласале „против“. Тони смета дека бојкотот е глупав и неодговорен. Тој чувствувал обврска да гласа, а со неговиот глас „против“ сакал да и порача на владата дека е разочаран од неа. Како на етнички Албанец не му пречи промената на името, но се чувствува како Македонец и силно се идентификува со својата земја.
Фотографија: DW/Carolin Weinkopf
Не се осмелија ни да споменат „Северна Македонија“
Златко има 37 години и по професија е епидемиолог. Тој го бојкотирал референдумот. Зошто? „Затоа што тоа е спротивно на сѐ во што верувам. Гласањето ќе му дадеше значење на прашањето, кое воопшто не е ни за дискусија“. Според него, владата се обидела да ги измами граѓаните. „Немаа храброст ни да напишат Република Северна Македонија на ливчето. Затоа што не се осмелија да го кажат тоа гласно“.
Фотографија: DW/Carolin Weinkopf
Подобра иднина за децата
Со Хиснија (60), неговата сопруга Фериде (55) и нивната ќерка Зумра (31) разговаравме на полињата со тутун во прилепско. Тие гласале „За“ затоа што се надеваат на подобра иднина во ЕУ. Сакале на децата да им обезбедат подобра иднина. А влезот во ЕУ и НАТО според нив значи подобра иднина. Тажни се дека референдумот не успеал. Имале големи надежи во него и сега не знаат што да очекуваат.
Фотографија: DW/Carolin Weinkopf
Какво достоинство ни остана?
Дарјан има 36 години и работи во дигитален маркетинг во Скопје. Гласал „За“ но чувствува внатрешен судир во врска со одлуката. Смета дека многумина бојкотирале, но потајно се надеваат дека парламентот ќе го изгласа договорот. Тоа е начин на протест. „Никој не сака да го смени името... се работи за достоинството! Но Македонија е толку падната ниско во моментов... какво достоинство ни остана?“
Фотографија: DW/Carolin Weinkopf
„Чудна кампања“
Рипа има 27 години, а во Македонија се доселила од Ерменија пред 5 години. Работи како шеф на маркетинг во познат ланец хотели. Во меѓувреме добила и државјанство, а на референдумот гласала „За“. Таа мисли дека кампањата била „чудна“- прашањето било поставено како Македонија утре да ќе влезе во ЕУ, а самата промена на името не била правилно наведена.
Фотографија: DW/Carolin Weinkopf
7 фотографии1 | 7
Истовремено, на ова додадете го фактот дека власта има сопствени проблеми со наративот, преголем фокус на меѓународната политика, со фактичка импотентност во спроведувањето на реформите за владеење на правото дома, од објективни или субјективни околности, сеедно, албански партнер кој сака да биде пријател и со СДСМ и со ВМРО ДПМНЕ, и калабалакот станува комплетен. Во вакви околности, не треба да не чуди политичката шизофренија од сите актери на сцената.
Среќа што има некој што си стои на зборот: Шпанија ја почна ратификацијата на протоколот по итна постапка, па изгледа сепак ќе треба тетоважите со ЈНА ‘73 да ги менуваме со НАТО ‘20.