За Македонија веќе нема назад
17 април 2016За Македонија, за нејзините граѓани, веќе нема назад. Она што до пред неколку денови или месеци се дефинираше како политичка криза, со амнестијата на претседателот Ѓорге Иванов и распишувањето на изборите од страна на собранискиот спикер Трајко Вељаноски, прерасна во битка за иднината на земјата.
Иднината на Македонија нема да се реши на изборите на 5 јуни. Надежта е дека нема да се одлучува ниту на улица. Тоа би било погубно сценарио за државата која е веќе на колена. Доколку и имаше некои дилеми по „бомбите“ на опозицијата, сега е јасно дека во Македонија институциите на правната држава се само продолжена рака на една длабоко корумпирана, криминализирана партиско-политичка елита. Дури и странските медиуми веќе немаат дилеми истата да ја прогласат за „криминална банда“. Списокот на Иванов само ги овековечи нивните имиња.
Политичката, институционалната и моралната криза во која е потоната Македонија бара сериозен напор од меѓународната заедница која изминативе години напати беше многу блиску до тоа да стане соучесник на авторитарниот режим. Повеќе не смее да има дилеми ни за ЕУ, ниту за САД.
Патетичните соопштенија на официјална Москва за кризата не треба никого да загрижуваат. Напротив. Русија со своето однесување само ѝ олеснува на домашната јавност, но уште поважно и на меѓународната заедница и на тамошната јавност полесно да дефинираат кој е кој во Македонија и уште пофокусирано да се работи на излезните решенија.
Единствениот ефект од соопштението на руското МНР е уривањето на пропагандата која низ САД ја ширеа лобистите на ВМРО-ДПМНЕ во обидите да ја прогласат опозицијата за проруска во нивните текстови платени од пари на македонските граѓани.
Политика „ни риба, ни девојка“
Првиот чекор е направен минатата недела кога повеќе македонски претставници во земји-членки на ЕУ биле повикани на разговор и недвосмислено им било изразено длабоко несогласување со потезите на нивната политичка елита. Македонскиот в.д. амбасадор во Берлин имал можност да чуе дека потегот на Иванов нема никаква врска со правна држава и дека со него му задал одлучувачки удар на Договорот од Пржино.
Викендов, амбасадорите во Скопје уште еднаш ќе се обидат истата порака да им ја пренесат и на домашните политички лидери. Веќе в понеделник Македонија ќе се најде и на агендата на Советот на министри на ЕУ во Брисел.
Трите основни предуслови за одржување избори на 5 јуни: чистење на Избирачкиот список, фер медиумско претставување и одвојување на партијата од државата, не се исполнети ниту во својот минимум. ЕУ и водечките земји-членки веројатно нема да ги поддржат изборите. Прашање е дали тоа ќе го кажат јавно?
Најавите за санкции кон водечки политичари и изолација на земјата, засега се само вербални закани за кои не е сериозно разговарано. Последниот апел на комесарот Јоханес Хан до партиите и граѓанските организации да се вратат на преговарачка маса само го потврдува досегашниот впечаток за политиката „ни риба, ни девојка“ на ЕУ. Европската комисија нема јасна проценка за тоа каде оди кризата, ниту како ќе се решава. Присутен е и стравот од нова ескалација на меѓуетничките односи, однесувањето на ДУИ од западни дипломати се толкува, во најмала рака, како „чудно“, а кумановските настани од мај 2015 година се потсетник за тоа колку лесно домашните служби можат да инсценираат нов конфликт. Состојбата на јужната граница поради бегалската криза дополнително ја усложнува ситуацијата, иако и германски и ЕУ функционери во повеќе наврати повторуваа дека „нема да има попуст поради бегалската криза“.
Нема веќе моркови!
И покрај тоа што во САД е изборна година, а ЕУ е растргната од сериозни внатрешни проблеми, помошта во изнаоѓањето решение за македонската криза не смее да биде преголем „залак“ за нив. Домашните политичари одамнаа го изедоа „морковот“, па време е да добијат малку и од „стапот“.
Време е за јасни и недвосмислени пораки и постапки. Без разлика дали идното решение ќе се бара во Пржино 2 или некој нов договор, ЕУ и комесарот Хан овојпат ќе мораат да останат доследни на тврдењето кое на Твитер го изнесе токму шефот на неговиот кабинет: „ЕУ никогаш нема да прави компромис со слободата и демократијата. Се надевам дека и лидерите во Скопје го сфаќаат тоа“.
Клучна во тој поглед сепак е улогата на македонските граѓани. Масовните, мирни и достоинствени граѓански протести против криминалната власт се најдобриот начин да се покаже дека во Македонија има критична маса која ќе ја изведе земјата од кризата и ќе ја врати онаму каде што ѝ е местото - во семејството на демократските и слободни европски држави. Време е, наместо политичарите, партнерството со слободниот свет да почнат да го градат токму граѓаните. За нивната иднина се работи. ЕУ и САД имаат морална обврска да го помогнат тој процес.