1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За македонското сценарио во Србија

Јован Близнаковски
14 април 2017

По српските претседателски избори, крилото на Вучиќ во СНС станува доминантен актер во извршната власт, што во комбинација со веќе воспоставената превласт во парламентот, комплетно ги брише точките на контрола на власта

Serbien Aleksandar Vucic
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/D. Vojinovic

Неочекуваната појава на името на Александар Вучиќ на кандидатската листа за српските претседателски избори би можела да го доведе до забуна наивниот набљудувач на политиката, кој можеби сѐ уште не сретнал сличен случај каде еден исклучително амбициозен политичар на врвот на својата популарност претендира да ја замени најважната достапна функција за друга, далеку помалку влијателна. Секако, знаејќи го нивото на популарноста на новоизбраниот српски претседател, истиот тој набљудувач не би бил зачуден од исходот на изборите што се спроведоа пред десетина дена. Би можел и да го поздрави исходот, задоволувајќи се со констатацијата дека сепак, земајќи ги предвид бурното српско минато и линиите на политичка поларизација, на изборите победила проевропската страна на Србија. Но, дали работите се толку едноставни? И што всушност значи овој несекојдневен маневар на најпопуларниот српски политичар?

Краток вовед во српскиот политички систем

Како и во Македонија, клучен актер во формално пропишаниот српски политички систем е владата. Владата ја трасира и имплементира државната политика, но во исполнување на својата функција е во голема мерка зависна од претседателот на државата и од парламентот. Активен претседател и активен парламент, кои нема да функционираат како машини за исполнување на желбите на владата, можат во голема мерка да придонесат кон подобри државни политики, ограничувајќи ја нерамномерната моќ која главниот орган на извршната власт ја има на располагање. Но, повторно, како и во Македонија, институционалниот развој во Србија во практика оди спротивно од овие претпоставки: парламентарното мнозинство по дефиниција одлучува во согласност со владините позиции, а претседателот ретко ја користи својата можност суштествено да влијае врз формулирањето на државните политики. Во законодавната сфера, на пример, претседателот може да одбие да потпише указ за прогласување на одреден законски акт, по што парламентот ќе мора да обезбеди мнозинство од две третини за прогласување без разлика на мислењето на претседателот. Во моментов, коалицијата на СНС предводена од Вучиќ има комотно мнозинство во српскиот парламент, но, од друга страна, Вучиќ не може да биде сигурен дека квалификуваното двотретинско мнозинство ќе биде постигнато за сите прашања од интерес. Затоа, контрола на претседателската функција е многу значајна за СНС, без разлика на превласта на оваа партија во владата и во српскиот парламент. Вон законодавната сфера, претседателот е клучен актер и во процедурата на избор на лица за редица јавни функции, предлагајќи ги пред парламентот, и во одредени аспекти од надворешната политика каде соработува тесно со владата.

Сепак, претседателските должности и привилегии во делот на формулирање на државните политики брзо се исцрпуваат (во споредба со оние на владата) и претседателот станува највидлив (особено доколку е пасивен) во редицата церемонијални привилегии кои формално ги поседува. Така, српската јавност навикна да гледа на улогата на претседателот во заминување Томислав Николиќ како на т.н. „англиска кралица“ - подбивен термин кој ја истакнува пасивноста на носителот на една јавна функција. Но, овие церемонијални привилегии не се тривијални: можат да носат голем симболички набој, кој понекогаш е клучен за политичките процеси. Уставот на Србија вели дека претседателот „го изразува државното единство“ и ја „претставува“ Републиката, односно е нејзиното лице, како внатре така и надвор. Ваквата симболичка позиција е исто така привлечна и потребна за Вучиќ и СНС.

Следствено, тоа се двете точки кои за Вучиќ би можеле да бидат влијателни во неговата одлука да се кандидира за претседател на Србија: симболичката тежина на претседателската улога (преку која Вучиќ би можел посилно да го персонализира целокупниот државен апарат според својот лик и дело) и поцврстата контрола во законодавниот процес, која тој може да ја овозможи за својата партија. Се чини дека овие констатации одѕвонуваат и во изборниот слоган на Вучиќ, преку кои тој ја искажа својата амбиција за побрза, посилна и подобра Србија.

Јован БлизнаковскиФотографија: Privat

Операција: реструктуирање на поделбата на власта (или, што всушност се случува?!)

Во продолжение, сакам да се откажам од политичката коректност во претходниот пасус во овој текст и да му објаснам на наивниот набљудувач што всушност во моментов се случува во Србија. Имено, следиме значаен чекор во консолидацијата на начин на владеење кој систематски ги поткопува демократските претпоставки на политичкиот систем. Крилото на Вучиќ во СНС ќе остане единствен актер во извршната власт, ситуација што сама по себе е сигнал за посилно устројство на оваа гранка (секако повисоко од она со Николиќ во играта), која во комбинација со веќе воспоставената превласт врз парламентот, комплетно ќе ги избрише точките на контрола врз практикувањето на власта. Да го искористам веќе познатиот слоган: лично, не се сомневам дека по овие избори државниот апарат во Србија ќе биде побрз и посилен, но цврсто сум убеден дека нема да биде подобар. Вучиќ, едноставно, ќе нема формално пропишан предизвик кој ќе треба да го надмине за да ги оствари своите замисли за Србија (земајќи предвид и дека премиерската функција по заминувањето на Вучиќ ќе биде пополнета со „човек од доверба“). Коалицијата на СНС ќе биде побрза и посилна во спроведувањето на својата визија, но веќе е извесно дека таа визија ќе биде лишена од различните погледи во српското општество за тоа како треба да се развива државата. Ваквата ситуација нема да води до подобра Србија: едностраното практикување на власта води до државен апарат кој фаворизира едни на сметка на други. Зошто сум толку сигурен во сето ова? Затоа што, како што би рекле србите, оваа операција е „већ виђена“, а видена е токму во Македонија.

Никола Груевски и Ѓорге ИвановФотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Македонија и Србија: варијации на иста тема

Тоа што всушност ме инспирираше за овој коментар се бројните паралели кои се воочливи во оваа дискусија меѓу анти-демократскиот развој во Србија и Македонија. Токму систематското поткопување на поделбата на власта е клучна претпоставка за зацврстување на демократски дефицитарните режими на Вучиќ и Груевски. Колку е важен претседателот на државата е веќе кристално јасно за демократски ориентираните граѓани во Македонија, кои во последната година го видоа најлошото од својот претседател, кој во служба на партијата ги доведе државата и општеството пред целосен колапс. Иако Вучиќ одбра друг пристап или модел од тој на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ кои само инсталираа (или, попрецизно осигураа победа на) личност која се откажа од своите формално пропишани должности, идејата и целта и на двете операции е иста: да се поткопа поделбата на власта кон безмалку никаква контрола кон активностите на владеачката партија.

За крај, кратка вежба по политичка метеорологија

Што е следно за Србија по овие претседателски избори? Можеме да направиме една предвидувачка вежба, водејќи се од развојот во македонскиот случај. Мојата претпоставка е дека прво ќе проследиме инсталација на т.н. „англиска кралица" за премиер на Србија, личност од владејачката коалиција, која ќе биде брзо јавно маргинализирана на сметка на носителот на претседателската функција, кој во секој свој чекор ќе биде глорифициран од страна на медиумската (под политичко влијание) машинерија. На среден рок, ќе видиме повисока поларизација на српското општество и излевање на политичкиот конфликт надвор од институциите, кои, под тотална контрола на владејачката партија, ќе ја изгубат позицијата на менаџери на општествените конфликти. На долг рок, ќе видиме и дека Вучиќ, како и Груевски, ќе сфати дека полесно се освојуваат институциите отколку општеството и дека првото само по себе не е доволно за затворање на сите приоди до власта за политичките противници. Како и за Груевски, така и за Вучиќ, целосното освојување на општеството може да биде невозможна мисија, околност која директно ги поткопува претпоставките на модусот на владеење кој и двајцата го споделуваат. А на темата дали Вучиќ ќе биде доблесен да ја предаде власта кога ќе ја изгуби на демократски избори не можеме да кажеме што точно ќе се случи: равојот во македонскиот случај сѐ уште не ни дава предвидувачка поткрепа за да направиме ваква паралела. А токму во оваа точка стои тенката линија која ги разликува демократските општества од недемократските: спремноста на политичките елити да ја предадат власта кога демократски ќе ја изгубат.

Со оваа кратка предвидувачка вежба го оставам нашиот наивен набљудувач понатаму да ја следи реверзибилната консолидација на балканската политичка сцена.

Јован Близнаковски е член на Институтот за демократија „Социетас цивилис“ Скопје. Колумната е во рамки на соработката на Институтот за демократија и Дојче веле.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми