1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Култура

За олигарсите и уметноста

Синоличка Трпкова
8 јуни 2018

Како е да се биде богат и моќен во една земја потоната во примитивизам, вулгарност и кич? И зарем ова не е предизвик да се направи напор и да се остави нешто зад себе? Колумна на Синоличка Трпкова.

Sinolicka Trpkova
Фотографија: Privat

„Без уметност, вулгарната реалност

ќе го направи светот неподнослив”

Бернард Шо

 

Во Русија, во едно друго време, комунистичката идеологија најде плодна почва за создавање на комунистичка илузија за еден милионски народ. Денес тоа е земја каде што живеат некои од најбогатите луѓе на земјата. Таму се случи еден експлозивен процес на преоѓање од екстремно комунистичко уредување – во екстремно капиталистичко, за многу кус период. Но не знаеме како живеат обичните луѓе таму и дали и денес се среќни и насмеани како во старите пропагандни филмови. Но оваа земја, без разлика на внатрешното уредување, секогаш создавала голема уметност, што отсекогаш сведочела за неа. И во минатото, но и денес. Филмската уметност во Русија е посебна приказна. Тие се чини секогаш знаеле да создадат исклучителни филмски дела.

Еден од моите филмски откритија годинава беше рускиот филм „Безљубни“ на режисерот Андреј Звјагинцев. Овој негов филм, како и претходниот „Левијатан“, собра многу награди и беше номиниран за Оскар, за најдобар странски филм. Го пропатува светот и ја восхити филмската публика. И двата филма беа рекордно гледани во Русија. Со „Левијатан“ тој раскажа една трагична човечка приказна и до коска ги разголе методите на злото на политичкото уредување во едно мало место - и со тоа си ја затвори вратата на руското Министерство за култура. Рускиот државен апарат, кога станува збор за финансирање филмови, не можеше два пати едно по друго да биде „изигран“ од Звјагинцев. За следниот филм тој мораше да најде нов продуцент, зашто увиде дека државната поддршка за него е секната. Тој како уметник не беше спремен да прави компромиси, ниту пак филмови што ќе ја фалат и величаат Русија. Наместо тоа го направи „Безљубни“ -  филм уште побезмилосен од претходниот во критиките кон татковината.

Пари за уметност што трае

Но во „Левијатанскиот“ капитализам изнедрен во бившите комунистички земји, се појавуваат острови на уметност што го крепат обезличениот човек и неговата креативност и желба за уметност. Филмот „Безљубни“ е еден таков остров. Секој негов кадар ни навестува во какви монструми би можеле да се претвориме додека бескрупулозно итаме кон земните богатства. Иако е направен со буџет од повеќе милиони евра, што не е бројка  за потценување, тој нѐ опоменува да ја сопреме трката по материјалното. Бев изненадена затоа што не очекував дека еден ваков филм можел толку да чини, а да не е финансиран од државата. Љубопитноста ме натера да го побарам изворот на парите за негова продукција. Знаев дека мал дел е финансиран од Европскиот филмски фонд, но поголемиот дел бил обезбеден од руска приватна филмска компанија, на чие чело стои Глеб Фетисов, банкар, економист, олигарх – билионер, а воедно и филмски продуцент.

Други колумни од авторката:

Историјата се повторува, уметноста - не

За културата и за заштитата на нашите „бели мечки”

Очигледно не сите богаташи во новиот капитализам се алчни и недоделкани суровици, жедни само за пари и други материјални богатства. Ете, има и такви што веруваат и помагаат уметност и што се познавачи и вљубеници во филмска уметност. За Глеб Фетисов неколку милиони евра веројатно не значеле ништо, но за нас како публика, овој филм што остава без здив, значи многу. Би сакала да верувам дека и Фетисов ја имал оваа мисла кога издвоил неколку милиони евра, „збогатувајќи“ ги нашите сознанија за тоа до каде сме стасале со цивилизацискиот развој, потсетувајќи нѐ притоа на исконската причина за опстојувањето – љубовта. Но дури и да не е така, тој иако многу богат, веројатно сфатил дека светот нема да стаса никаде со богаташи чија цел се само пари и моќ. И решил да одвои од своите милиони за да се создаде уметност што ќе остане.

Сведок на времето

Уметноста е напор да се создаде или барем да се наслика еден друг, похуман свет. За тоа е потребна храброст. Битките да се дојде до тој похуман свет, оставаат траги во вид на уметнички дела и креации, и сведочат за моќта што културата ја има врз обликувањето на една средина, општество, и свеста на човекот. Кај нас изворите на поддршка на уметноста се при крај заради долгата и безмилосна злоупотреба на државните фондови, но и заради немањето критериуми во избор на она што е „важно“ за обликување и создавање на нашиот идентитет, свест, култура. Убедена сум дека нашите милионери, што се бројат на прсти, имаат дури и поголема финансиска моќ од државата. Но не сум воопшто сигурна дека ја разбираат важноста на културата и уметноста во оваа наша средина, и улогата што тие можат да ја одиграат. Тие се едни од ретките што можат да направат вистинска разлика, поддржувајќи ги уметниците во оваа наша малечка татковина, во која тие се збогатиле. Како е всушност да се биде богат и моќен во една земја потоната во примитивизам, вулгарност и кич? И зарем ова не е предизвик и за нив да направат напор и да остават нешто и зад нив, кога ќе ги нема?

Уметноста сведочи за времето во коешто е создавана. Сведочи и за луѓето што живееле во тоа време, и за уметниците, и за обичните луѓе, и за богатите и за сиромавите. Уметноста ги надживува и кралевите, и царевите, и инквизициите, и режимите, и војните, и останува како безвременска нишка што ја поврзува нашата цивилизација и сведочи за неа. И сознанието дека некој може да помогне во создавањето на вистинска уметност што ќе остане, поскапа од секое земно богатство, е предизвик со кој, за жал, се соочуваат малкумина. Оние што тоа ќе го сфатат, научиле дека таа уметност ќе сведочи и за нив!

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми