1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За позначаен раст потребни се позначајни реформи

Костадин Делимитов
11 април 2019

Пораките од ММФ и Светска банка се охрабрувачки, но далеку од задоволителни. Стручната јавност предупредува политиката да не ја гуши македонската економија.

Internationaler Währungsfonds IWF
Фотографија: picture-alliance/dpa

Македонската економија се враќа на посакуваните патеки но дали се движи и со посакуваното темпо? Сигналите од меѓународните финансиски институции се позитивни. Економијата на земјата расте, но и натаму послабо од поголем дел од регионот. Меѓународниот монетарен фонд во најновата анализа предвидува растот на економијата годинава да достигне 3% од бруто домашниот производ, што е за 0.2 процентни поени повеќе од јануарската проекција. Прогнозата е позитивна, иако далеку од перформансите на останатите земји од регионот. Со исклучок на Црна Гора и Хрватска, монетарците за сите останати прогнозираат повисок економски раст. За дел од економистите, ваквите податоци се сепак охрабрувачки. Клучно е што економијата продолжува да се движи нагоре, бавно но сигурно:

„Овој тренд на пораст се должи на оптимизмот кој што се појави по отворањето на перспективите за НАТО и ЕУ, што веројатно ги охрабри инвеститорите, домашни и странски, похрабро да влезат во реализација на проектите. Едноставно, успешноста или верификацијата на економските политики е почната, но треба еден подолг тренд на ваков раст за да се покаже дека тие политики на долг рок ќе донесат повисоки стапки со што граѓаните ќе можат многу повеќе да ги почувствуваат придобивките од растот на економијата, но и економијата да стане стабилна, конкурентна а домашните компании похрабро да можат да ги освојуваат и надворешните пазари што е клучно за нас како мала економија“, смета Марјанчо Николов, економист и поранешен претседател на собраниската комисија за финансирање и буџет.

Фотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

Важноста на реформите

Експертската јавност нема дилеми дека на македонската економија ѝ е потребен забрзан раст, кој факт е дека не може да се очекува да се случи преку ноќ. Но предупредуваат дека политичките пазарења, калкулации и бавните реформи непотребно го гушат овој процес со што му штетат на и онака кревкото домашно стопанство:

„Земјава остварува најниски стапки на раст во споредба со регионот веќе долги години и тоа е она што загрижува. Дури и Албанија и Косово со години не се под 4% или 4,4% економски раст. Причините за ова се пред сѐ политички, независно што се реши еден од крупните проблеми и влезот во НАТО. Позитивните ефекти од тоа ќе дојдат, но не утре, туку за неколку години. Но проблемот е друг. Иако се промени режимот, земјата и натаму е на прво место по корупција и криминал во регионот и Европа. Ова никој не може да го побие и негира дека тоа е она што влијае клучно врз економијата. Дополнително, државната администрација која е нереформирана, или нереформираното судство. Гледаме колку тие процеси одат тешко. Дали поради незнаење, или разни други причини. Па во Владата имаме чинител кој беше сојузник со ВМРО-ДПМНЕ и сега очекуваме од таков чинител кој сака само да се спаси да имаме реформа во судството. Сето ова делува да сме последни по растот, за жал без какви било други причини , вклучително и во делот на директните странски инвестиции“, предупредува Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии.

Повеќе:

-Стопанството подготвено за полет, но младите го губат трпението

-Светска Банка: Прекинатата политичка криза ја придвижи економијата

-„Македонија веќе сега е успешна економска приказна“

Политичките кризи влијаат најнегативно

На засилена битка против корупцијата, повикува и ММФ, не само за Македонија, туку во светски рамки. Ова според монетарците се заканува сериозно воопшто на глобалниот раст, паралелно со зголемените трговски тензии. Дополнителни ризици кои демнат, а кои се наведени и во последниот извештај на Светска банка, се и ниската и мала продуктивност на локалните фирми, недоволно квалификуваниот кадар, слабите државни институции, пречките од јавните политики. Економистите предупредуваат дека освен засилените реформи, за бизнисот е клучно политиката да не создава нови кризи, а владата да го реализира она што го ветува:

„Една од опасностите или ризиците е да не дојде до некоја политичка криза бидејќи се покажа дека тие кризи влијаат најнегативно врз економијата. Реформите да бидат во делот на сигурноста на инвестициите, ефикасноста на администрацијата, правниот систем. Да нема чести менувања на законите или тоа да не се прави без претходна консултација со претставниците на бизнис секторот. Секако да продолжи и посветеноста на Владата преку реализација на сите зацртани пред се капитални инвестиции како дополнителен стимул за растот на економијата паралелно со приватните инвестиции. Со тоа оваа проекција на ММФ може да биде и надмината и да се достигне онаа проекција на владата од 3,2% раст за годинава“, предупредува Николов.

Фотографија: DW/P. Stojanovski

Раст од 3 проценти

Проекцијата на ММФ за 3% раст на БДП за годинава и речиси идентичната на Светска банка која ја задржа прогнозата од 2,9%, се пониски од владините очекувања дека 2019 ќе заврши со економски раст од 3,2%. Од Владата уверуваат дека позитивните трендови допрва ќе се почувствувале, главно како резултат на политиката на поддршка на домашните но и странски инвеститори кои годинава според најавите треба да ги има во поголем обем. Премиерот Зоран Заев изрази оптимизам дека растот во првиот квартал годинава ќе достигнел 4%.

И двете меѓународни финансиски институции очекуваат растот да го движи потрошувачката, како и извозот од странските инвеститори. Економистите од ММФ очекуваат растот во 2020-та да биде 3.1%, а во 2024-та да достигне 3.5%. Светска банка пак очекува наредната година растот да достигне 3,2%. За годинава, најоптимистична е монетарната власт. Според ноемвриската проекција на Народната банка, македонската економија во 2019 треба да оствари раст од 3,5%.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми