За правата врз Арктикот ќе решава Комисија на ОН
30 мај 2008Ќе нема трка по богатствата под Северниот пол, Комисија на ОН ќе решава за тоа кој и на што ќе може да полага право - така се договорија министрите од САД, Русија, Канада, Норвешка и Данска на конференцијата на Гренланд. Рускиот шеф на дипломатијата Сергеј Лавров ја искористи можноста за уште еднаш да и’ соопшти на јавноста дека поставувањето знаме на неговата земја на дното токму под Северниот пол, на длабочина од 4 илјади метри, немало толку сериозна заднина: „Тоа приближно има значење како кога германски алпинисти ќе постават свое знаме на Монт Еверест. За нас тогаш поважно беше да собереме научни докази за да ја убедиме Комисијата на ОН за право врз морето за нашите територијални претензии. А веќе толку често е кажано: какви било аспирации, на било која земја, мора да бидат поднесени пред Комисијата на ОН, па сите ги советувам да го следат овој пример“.
САД опстојуваат врз слобода на морињата
Лавров последното го упати на адреса на САД, кои опстојуваат врз слобода на морињата и отфрлаат аспирации за територија и надвор од појасот од 200 морски милји од брегот, во кои секоја дотична земја веќе ги има сите права. САД се’ уште не ја потпишаа Конвенцијата на ОН за права врз морето од 1982-ра година. Според неа, секоја од арктичките земји мора да докаже дека морското дно кон Северниот пол претставува природно продолжение на нејзиниот копнен дел. Доказите во форма на подморски цврст геолошки материјал идентичен со копнениот секоја земја мора да поднесе кај Комисијата на ОН до 2014-та. Се’ уште не е јасно дали САД ќе ја потпишат Конвенцијата или во каква форма ќе се подложат на заедничките правила кон кои се стремат земјите од арктичкиот регион. Данскиот министер Пер Стиг Мелер беше оптимист пред средбата: „Расположението е добро. Сметам на тоа дека ќе се согласиме да ги прифатиме меѓународните правила. Не треба да дојде до трка за Северниот пол и сите проблеми што можат да искрснат, треба заеднички да бидат решени“. По разговорите тој оцени дека изјавата за искажаната волја е веќе голем успех.
Инаку, ќе поминат повеќе години додека да биде решено прашањето за правото на поседување на дното под Арктикот. Таму се претпоставува дека се крие до една четвртина од сите светски природни резерви на нафта и гас, но експлоатацијата е неизвесна: морето е длабоко, уште и под ледена покривка, не се знае ни колку длабоко треба да се дупчи под дното. Сето ја прави експлоатацијата премногу скапа и компликувана. А, прашање е дали воопшто некогаш сосем ќе се стопи арткичкиот поларен мраз, што е прв предуслов за можната експлоатација