Сите меѓународни договори се само визија. Во живот ја преобразуваат само граѓаните на државите кои ги потпишале. Со тоа што го прифаќаат компромисот и стапуваат во дијалог со соседите. Колумна на Кица Колбе.
Реклама
На 14 јуни, пред една година, првпат на мојот Фејсбук-профил напишав текст со речиси истиот наслов „За Договорот, за името Македонија”. Го напишав откако го прочитав англискиот текст на уште непотпишаниот Договор, како израз на мојата поддршка. Три дена подоцна, на денешен ден, на 17 јуни 2018-та, министрите за надворешни работи на двете земји, во Преспа, го потпишаа меѓународниот договор. Со тоа завршија три децении спор за името Македонија. Македонците, но и многу нивни пријатели во светот, веруваа дека немало досега погротескен спор од тој, во кој две држави спорат за име. Меѓутоа, тој спор, за мене, беше симптом и за ненадминатата траума од Граѓанската војна во Грција. Само народи кои живееле долго во страв од соседите, се караат и за нешта, кои во „нормалниот” свет се решаат со политички компромис. Југославија имаше протоколарно добри односи со Грција. Но, и тие се должеа на договор за пријателство и соработка помеѓу Грција и Титова Југославија, потпишан уште во текот на Граѓанската војна, 1948-та година. Сепак, социјалистичка Македонија немаше директни односи со својот јужен сосед. Меѓу нив долго стоеше ненадминатото историско паметење. Затоа не беше чудно што Грција и Македонија, три децении по распадот на Југославија, не можеа да разговараат за името Македонија без посредник од ОН – Метју Нимиц. Кога политичарите во двете земји имаа храброст да стапат во директни преговори, сигурно и со помош од меѓународната зедница, тие најдоа компромис. Тоа е географската додавка во името на државата. По една година, во Република Северна Македонија, не се изгуби ниту името Македонија, ниту македонскиот идентитет, како што уште стравуваат многумина. Притоа е разбирливо што за многумина компромисот е се‘ уште премногу болен. Тоа, е така, впрочем со сите компромиси. Најважно, притоа, е што Македонците првпат во историјата се присутни секаде, каде што се расправа и одлучува за нивната држава. Дури и ако Договорите со соседите Бугарија и Грција уште се одвиваат тешко, затоа што „духовите на старата историја” на Балканот се уште силни, сепак, патот на новата европска историја на Македонија е отворен токму со Договорот во Преспа.
Уверена сум дека местото не било случајно избрано. Преспа има голема, трагична симболика и за Грција и за голем број луѓе во Македонија. За тие што, по таа војна, во Југославија ги викаат „Егејци”. Ние, нивните потомци, ја паметиме само траумата на нашите фамилии. Многумина не ја залечија раната во себе до ден-денес. Нашите предци-бегалци ја пренесоа ненадмината траума и на следната генерација. На родените по војната, зад границата. Токму затоа многумина од нив денес толку жестоко го напаѓаат Договорот од Преспа. Затоа што мислат дека ако го прифатат, тогаш ќе го изневерат споменот на нивните предци-бегалци. Тој став, иако е разбирлив во психолошка смисла, го попречува токму процесот, во кој може да се надмине траумата од таа војна од двете страни на границата.
Договор за решавање на спорот за името
Договорот за решавање на спорот за името меѓу Македонија и Грција беше потпишан на 17 јуни 2018. Тој би требало да му стави крај на спорот кој трае четврт век. Но, до неговото конечно спроведување има уште работа.
Договорот за решавање на спорот за името во Псарадес, на грчката страна од Преспанското Езеро, го потпишаа министрите за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас. „Горди сме затоа што избравме решение што нѐ обединува“, оцени македонскиот премиер Заев. Неговиот грчки колега Ципрас рече: „Овде сме да ги залечиме раните што ги остави времето, да отвориме пат за мир, братство и пораст“.
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis
Роденден
Потпис на договорот стави и долгогодишниот посредник на Обединетите Нации во спорот за името, Метју Нимиц. Потпишувањето се падна токму на неговиот 79-ти роденден. „На членовите на моето семејството им реков дека не сакам подароци за овој роденден, зашто двајца премиери ќе ми дадат еден голем подарок“, рече Нимиц на церемонијата во Псарадес.
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis
Вратоврска
Кога по потпишувањето на договорот требаше да се направи семејна фотографија од настанот, македонскиот премиер Зоран Заев, веројатно не сакајќи да се разликува од Алексис Ципрас, кој е познат по тоа што не носи вратоврски, ја извади својата црвена вратоврска и му ја подари на својот грчки колега. Тоа беше поздравено со широки насмевки и громогласен аплауз од присутните.
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis
Договорот зачинет со македонска храна и вино
Официјалната средба по потпишувањето во Псарадес се префрли на македонскиот брег на Преспанското Езеро. Двете делегации до Отешево стигнаа по воден пат, со чамци. Во Отешево се водеа билатерални разговори и имаше свечен ручек. На заедничкиот ручек присуствуваа и претставниците на Европската Унија и Обединетите Нации – Федерика Могерини, Јоханес Хан, Метју Нимиц и Розмари Ди Карло.
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis
Протести во Скопје
Потпишувањето на договорот за решавање на спорот за името предизвика протести во Македонија. Демонстрантите пред Собранието на 17.06.2018 се судрија со полицијата. Во безредијата имаше повредени и приведени лица. Според полициски наводи, има неколку повредени полицајци, како и над 25 уапсени учесници на протестите. Официјален организатор на протестите нема.
Во Грција исто така се протестира. Противниците на договорот за решавање на спорот за името во Атина за време на расправата за доверба на владата на Ципрас се судрија со полицијата пред парламентарната зграда (фото: 16.06.2018). Полицијата мораше да употреби солзавец за да ја разбие толпата која се обиде да влезе во парламентарната зграда. Владата го преживеа гласањето.
Фотографија: Reuters/C. Baltas
Уште многу работа
Ставањето потпис на Конечната спогодба за решавање на спорот за името е само еден од чекорите кои следуваат во наредните месеци до конечно решение. Следува ратификација во македонското Собрание, референдум на кој македонските граѓани ќе се изјаснат за договорот, а потоа и ратификација во грчкиот парламент.
Имено ние, Македонците, дури и кога сме со егејско потекло, најчесто забораваме дека во војните страдаат двете страни. Грците за нас, во егејската приказна, отсекогаш беа само „монархо-фашистите”. Или тие што ги изгонија нашите предци од татковината. Притоа зборававме дека нашите роднини, иако беа грчки граѓани, ги изгони, одземајќи им го грчкото државјанство, грчката власт што настапи по војната. Таа, прогонувајќи и стигматизирајќи ги засекогаш како непожелни, им ја нанесе истата неправда на нашите роднини и родители, како онаа на сите прогонети по исцртувањето на новите граници по Втората светска војна во цела Европа. „Егејската траума” беше малку позната во светот само затоа што по крајот на Граѓанската војна, токму по битката во Преспа, настапи долгата „Студена војна”. Всушност, со Договорот од Преспа, токму на местото на крајот на Граѓанската војна, заврши молкот на „Студената војна” и за егејските бегалци. Сега во Грција многумина пишуваат за неправадата кон егејските бегалци. Тоа беше незамисливо пред Договорот.
Крајот на сите војни завршува со протерувања и со затворени граници. Истите драми, како тие во нашите егејски фамилии, се одигруваа и во грчките фамилии. Граѓанската војна остави длабока траума и во грчкото општество. Зборот „Преспа” и таму е поврзан со болно паметење. Таа траума и во Грција не е залечена. Како што не е залечена ниту кај потомците на егејските бегалци. Затоа што предолго сите, од обете страни на границата, живееја сами со својата траума, затворени во неа како заробеници. Затоа верувам дека ние, потомците егејски, вистинските соговорници за нашата фамилијарна бегалска приказна ќе ги најдеме во потомците на Грците кои ја искусиле. Тоа ќе се случи само кога ќе настапи пријателство меѓу двете држави. Кога Македонците и Грците ќе почнат да градат однос на доверба едни кон други – нешто, што денес уште се чини утопија – тогаш тие ќе можат да ги „допрат” и скриените рани во себе од таа војна. Секако, тоа ќе биде и болно и тешко.За да се залечи раната, таа треба повторно да се отвори. Затоа што траумите не се надминуваат со заборав и потиснување. Траумите се надминуваат само со вистинско соочување со нив. Со средби и размена на паметењето на таа траума на тие што биле погодени од неа, на двете страни на фронтот. Со востановување ритуали на заедничко културално и историско паметење. Со обележување и заштита на „местата на паметење” како културно наследство, толку значајно за образованието на младите генерации во мир и толеранција. Такви се местата со силно симблично значење. Како Преспа. Како планините Вич и Грамос. Но, за да се случи тоа во иднина, македонските и грчките граѓани треба да почнат да се навикнуваат на поимот „споделена историја”. Тоа ќе биде тешко и долго, но е возможно. Впрочем, и соработката на научниците во образованието од Германија и Франција, односно, Германија и Полска траеше неколку децении. Важно е што тој процес на идното пријателство помеѓу Грција и Македонија започна во Преспа, со Договорот.
Уште го паметам, за мене, таинствениот блесок на тоа неделно претпладне, кога на Фејсбук во директната снимка ги здогледав моторните бродови, во кои си приоѓаа во пресрет делегациите на двете држави. Трепет ме обземаше додека ги гледав спокојните води преспански, невидени дотогаш од таква перспектива, која ми ги покажуваше планините со длабока зелена шума. Како да се будеше се‘ околу тоа езеро од длабок и мачен сон. Секако, само јас го читав тоа невидливо писмо во глетката. Затоа што зборот Преспа е дел од мојата егејска биографија. Таму, по бегалската рута преку планините преспански, на крајот од октомври 1948-та пребега целото семеството на мајка ми. Сите што беа останати во нејзиното село Бапчор пред почетокот на една од најголемите офанзиви во август 1948-та, пребегаа. Со себе ги понесоа и стадата овци, по што бил прочуен Бапчор. Најнапред, на слободната територија во Преспа, во селото Роби. Таму чекаа да помине офанзивата, за да се вратат дома. По три месеци таму, на врвот на една од тие преспански планини, моите роднини, нивните соселани бапчорски, се разделуваа од стадата овци и од својот роден крај. Пребегаа преку планината, удолу кон Преспанското езеро, во селото Дупени, само со облеката на себе. Се‘ друго драгоцено и свое – се‘ оставија зад границата.
Децениски спор за името меѓу Македонија и Грција
Спорот за името меѓу Македонија и Грција траеше речиси три полни децении, и беше окончан со Преспанскиот договор. Спорот беше проследен со многу протести, блокади и вето за членството на Македонија во НАТО.
Спорот меѓу двете земји ескалираше веднаш по прогласувањето на независноста на Македонија од поранешна Југославија. Грција го блокираше приемот на земјата во ОН и признавањето од страна на Европската заедница и покрај позитивната препорака од т. н. Бадинтерова комисија.
Фотографија: Dnevnik
Забрана за зборот „Македонија“
Првичната грчка позиција на почетокот на 1990-те години беше дека во името на соседната држава не смее да се содржи зборот „Македонија“. Носители на таквата политика беа владата на премиерот Констанин Мицотакис, и подоцна особено шефот на дипломатијата Андонис Самарас. Самарас поднесе оставка и предизвика пад на владата на Мицотакис по приемот на Македонија во ОН под референцата БЈРМ.
Фотографија: Reuters/A. Avramidis
Привремената спогодба од 1995 година
На 13 септември 1995 година во Њујорк беше потпишана Привремената спогодба која требаше да води кон нормализација на билатералните односи. Претходно, на 6 јануари 1992 година, Македонија го смени државното знаме со симболот на сонцето од Вергина и Уставот во делот кој, според Грција,содржеше иредентистички позиции. Со тоа беше ставен крај и на 18-месечното трговско ембарго кон Македонија од Атина.
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Antonov
Меѓународно признавање
По спогодбата со Грција, Македонија успеа да се избори за меѓународно признавање под уставното име од 118 држави, како и да влезе во најзначајните европски и светски институции. Но, спорот остана да се влече и во децениите кои следеа. Посуштествени напори од двете страни да се реши спорот, според неофицијални информации, се направени во 2001 и 2005 година, но без успех.
Фотографија: picture-alliance/ dpa
(Нe)потребна провокација
Кон крајот на 2006 година, новата влада на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Никола Груевски одлучи да го преименува аеродромот Петровец во Скопје во „Александар Велики“. Грција остро реагира, а спорот полека се враќа на голема врата, сѐ до целосната ескалација на самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Самитот во Букурешт
И покрај обидите на медијаторот Метју Нимиц со засилени дипломатски напори и под притисок на САД да се изнајде решение за спорот до самитот на НАТО во Букурешт, тоа не се случи. Атина го блокираше приемот на Македонија во воената Алијанса. На 3 април 2008 година, НАТО му порача на Скопје дека поканата за членство останува отворена доколку се најде компромис со Атина за името.
Фотографија: AP
Тужба во Хаг
Во ноември 2008 година, македонската влада одлучи да покрене тужба пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг против Грција поради ветото во Букурешт. На 5 декември 2011 година, Судот пресуди во корист на Македонија и заклучи дека Грција ја прекршила Привремената спогодба. Но, во истовреме Судот заклучи дека нема правна сила да ѝ нареди на Грција да го повлече ветото.
Фотографија: MIA
Антиквизација
Процесот што започна со преименувањето на аеродромот во Скопје во 2006 година, по самитот во Букурешт доби далеку пошироки димензии. Владата на ВМРО-ДПМНЕ започна со масовно преименување на објекти и улици и изградба на проектот Скопје 201, во чиј центар се наоѓа споменикот на Александар Велики (наречен Воин на коњ). Проектот чинеше повеќе од 600 милиони евра и ѝ донесе многу критики на земјата.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Преговори во (не)пријателска атмосфера
Иако преговорите околу спорот за името продолжија и во следните години, по самитот во Букурешт, ескалираа националистичките страсти и навреди меѓу двете држави. Грција остро реагираше на билбордот (на фотографијата) на кој грчкото знаме беше претставено со свастика. На слични провокации од грчка страна, особено од страна на грчката армија, реагираа и македонските власти.
Фотографија: picture-alliance/ dpa
Чија е Македонија
И во северна Грција во меѓувреме речиси сите позначајни објекти го носат името „Македонија“. Официјалната „црвена линија“ на Атина во меѓувреме е дека мора да се најде заеднички прифатливо име за меѓународна употреба „ерга омнес“ со географска додавка. Најчесто се споменуваат придавките северна и горна кон името Македонија.
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Barbarousis
„Вечниот“ Метју Нимиц
Единствена константа во деценискиот спор остана американскиот правник и дипломат, Метју Нимиц. Именуван од страна на Обединетите нации за медијатор во спорот пред 23 години, Нимиц и натаму е оптимист и верува дека може да се најде решение за проблемот. Последната серија средби со политичките лидери во Скопје и Атина ја имаше во јули годинава.
Фотографија: MIA
Нов оптимизам
Смената на власта во Македонија и падот на ВМРО-ДПМНЕ донесоа нов оптимизам дека може да се најде решение за спорот. Владата на Заев по секоја цена сака да обезбеди прием во НАТО на следниот самит на Алијансата во 2018 година. Пречката за тоа и натаму останува Грција, но провејува оптимизам дека под притисок од меѓународната заедница и со нова политика во Скопје, би можело да дојде до исчекор.
Фотографија: Reuters/C. Baltas
12 фотографии1 | 12
Се родив три години по тоа бегство, во второто бегалско прифатилиште на моите родители. Во напуштена, разурната куќа, во едно велешко село во Македонија, во Југославија. Бегалството и Граѓанската војна, Грција и грчко-македонската граница се дел од бегалската траума на мојата фамилија. Токму затоа јас сите нешта што се случија на денот на потпишувањето на Договорот во Преспа ги доживував со силна симболика. Силно го чувствував присуството на сите мои предци. Тие, кои, пред седум децении, како и преплашените овци од другата страна на планината, бегаа удолу, низ шумите, кон езерото. Иако веруваа дека преку границата, во Југославија, ќе останат само додека трае војната, за нив грчко-југословенската граница остана затворена се‘ до смртта. Барем за татко ми, кој на шестнаесет години, 1947-та, пребега со татка си од Овчарани во Битола. Токму затоа што го паметам заветот на моите баби, кога ги раскажуваа бегалските страдања, постојано велејќи дека на овој век нема полошо нешто од војни и омраза, од прогонство и разделба од домот, јас треперев од длабока возбуда на овој ден пред една година. Од возбуда која беше и радост и тага. Радост што јас, првото дете родено во фамилијата по бегството, го доживеав тоа. Токму во Преспа да биде потпишан договор за мир и пријателство помеѓу Грција и Македонија. Моите родители не чекаа со копнеж ништо друго, освен тоа што јас го гледав во директната снимка тоа утро. Грчките и македонските политичари да си излезат во пресрет. Да се договорат да градат пријателство. За да имаат отворени, европски граници. Знаев тогаш, во утрото на 17 јуни, додека гледав како сонцето си играше спокојно, како неуко дете, со водите на Преспанското езеро, кое во себе ја крие тајната на најкрвавата битка со која заврши Граѓанската војна, дека Договорот ќе стане шанса за нова, поинаква, мирољубива и пријателска историја на двете држави. Впрочем, сите меѓународни договори се само визија. Во живот ја преобразуваат само граѓаните на државите кои го потпишале. Со тоа што го прифаќаат компромисот и стапуваат во дијалог со соседите. Подготвеноста за компромис значи, пред се’, разум и мудрост, далекувидост и самосвест за највисоките цели на една заедница. Првата и највисоката цел на сите држави денес во Европа е надминувањето на војните. Европскиот проект е, пред се‘, проект за мир и соработка на слободни граѓани. Во тоа го гледам остварен и заветот на моите предци, егејските бегалци. Никогаш и никој од нас, нивните потомци, да нема повеќе војна во својата фамилијарна историја.
Пост-референдумски вокс-поп: зошто (не) гласав за промена на името
Нашата фоторепортерка Каролин Вајнкопф мина неколку недели во Македонија, пред и по референдумот. Со својот објектив, но и низ разговор со граѓаните се обиде да ја сондира атмосферата во државата. Еве што забележа
Фотографија: DW/B. Georgievski
Мојот идентитет не зависи од името на државата
Оли има 40 години и е сопственик на кафе бар во Скопје, организира техно забави и е јога инструктор. Оли гласал „За“ и смета дека тоа било негова граѓанска должност. Тоа што многу негови сограѓани го бојкотираа гласањето или едноставно не им било грижа, го прави тажен, но го очекувал. Оли вели дека не му е грижа за името на државата. Неговиот идентитет не зависи од тоа.
Фотографија: DW/Carolin Weinkopf
Не се откажувам од мојот идентитет и достоинство
Филип има 29 години и работи како ИТ инженер во Скопје. Свесно го бојкотирал референдумот. Филип сака неговата земја да биде во ЕУ и НАТО, но одлучил да не гласа како протест против владата.„Името е дел од мојот идентитет и моето достоинство. Не сакам да се откажам од тоа“, вели Филип. На прашањето: зошто тогаш не гласал против, Филип вели дека немало кампања за „против“.
Фотографија: DW/Carolin Weinkopf
„Против“ како протест против Владата
Тони има 37 години, роден е во Скопје и работи како консултант. Тој е меѓу ретките кои гласале „против“. Тони смета дека бојкотот е глупав и неодговорен. Тој чувствувал обврска да гласа, а со неговиот глас „против“ сакал да и порача на владата дека е разочаран од неа. Како на етнички Албанец не му пречи промената на името, но се чувствува како Македонец и силно се идентификува со својата земја.
Фотографија: DW/Carolin Weinkopf
Не се осмелија ни да споменат „Северна Македонија“
Златко има 37 години и по професија е епидемиолог. Тој го бојкотирал референдумот. Зошто? „Затоа што тоа е спротивно на сѐ во што верувам. Гласањето ќе му дадеше значење на прашањето, кое воопшто не е ни за дискусија“. Според него, владата се обидела да ги измами граѓаните. „Немаа храброст ни да напишат Република Северна Македонија на ливчето. Затоа што не се осмелија да го кажат тоа гласно“.
Фотографија: DW/Carolin Weinkopf
Подобра иднина за децата
Со Хиснија (60), неговата сопруга Фериде (55) и нивната ќерка Зумра (31) разговаравме на полињата со тутун во прилепско. Тие гласале „За“ затоа што се надеваат на подобра иднина во ЕУ. Сакале на децата да им обезбедат подобра иднина. А влезот во ЕУ и НАТО според нив значи подобра иднина. Тажни се дека референдумот не успеал. Имале големи надежи во него и сега не знаат што да очекуваат.
Фотографија: DW/Carolin Weinkopf
Какво достоинство ни остана?
Дарјан има 36 години и работи во дигитален маркетинг во Скопје. Гласал „За“ но чувствува внатрешен судир во врска со одлуката. Смета дека многумина бојкотирале, но потајно се надеваат дека парламентот ќе го изгласа договорот. Тоа е начин на протест. „Никој не сака да го смени името... се работи за достоинството! Но Македонија е толку падната ниско во моментов... какво достоинство ни остана?“
Фотографија: DW/Carolin Weinkopf
„Чудна кампања“
Рипа има 27 години, а во Македонија се доселила од Ерменија пред 5 години. Работи како шеф на маркетинг во познат ланец хотели. Во меѓувреме добила и државјанство, а на референдумот гласала „За“. Таа мисли дека кампањата била „чудна“- прашањето било поставено како Македонија утре да ќе влезе во ЕУ, а самата промена на името не била правилно наведена.