За Сирија ќе расправа Советот за безбедност на ОН
25 октомври 2005Во извештајот се товарат припадници на сириските и либанските тајни служби дека биле вмешани во атнетатот од средината на февруари. САД и Франција според најавите имаат намера да поднесат резолуција во Советот, со која Сирија ќе се принуди на потполна соработка околу расветлувањето на случајот. Официјален Вашингтон впрочем веќе подолго бара воведување санкции против Сирија поради конфликтот во соседен Ирак.
За американскиот претседател Џорџ Буш и неговата влада Сирија е веќе поодамна трн в око, бидејќи е потенцијално собиралиште на терористи кои оперираат во Ирак. Освен тоа владата во Дамаск ја поддржува и исламската организација Хизболах, која пак оперира во Либан. Затоа, извештајот на Детлеф Мелис сега и‘ оди токму од рака на американската администрација:
„И‘ се јавив на министерката за надворешни работи Рајс и и‘ дадов како задача да свика седница на Советот за безбедност на ОН и тоа што е можно побрзо„ – посочи претседателот Буш.
Шефицата на Стејт департментот освен тоа не губеше време да и‘ појасни на меѓународната заедница што очекува од неа. Уште за време на посетата на Канада, таа нагласи оти со заеднички сили треба на Сирија да и‘ се даде на знаење дека е неприфатлива недоволна соработка со известувачот на ОН, Детлеф Мелис. Таквото однесување не и‘ доликува на членка на меѓународната задница – посочи Кондолиза Рајс. Истовремено таа нагласи дека не е за воведување санкции по секоја цена. Доколку Сирија сигнализира готовност на соработка околу истрагата на Рафик Харири, тогаш САД ќе и‘ остават доволно време. Зад ваквиот став на Вашингтон има и објаснение. Имено, на Американците им е битно да го спречат навлегувањето на терористи од сириска територија кон Ирак. А тоа подобро ќе го постигнат ако ја приволат Сирија на соработка, отколку ако тргнат во дипломатска битка против неа преку Советот за безбедност на ОН.
Сигналите од другата страна во секој случај се позитивни. Сирискиот претседател Башар ел Асад уште од средината на месецот отпочна кампања за уверување на американската јавност. Тој меѓу другото и‘ даде опширно интервју на американската ТВ мрежа СиЕнЕн, при што ги отфрли обвинувањата оти сириски служби биле вклучени во убиството на Харири.
„Прво тоа би било противно на нашите принципи, а второ би било и против нашите интереси!„
Сирискиот шеф на државата сигнализираше и готовност на соработка, не само околу атентатот на Харири, туку и околу проблемот со терористите во Ирак:
„Наш интерес како Сиријци е стабилен Ирак. Ако таму има востанија или тероризам, тогаш има и поголем хаос и тоа значи поделен Ирак!„