1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Освен пари, треба и политичка волја

Костадин Делимитов 20 декември 2015

Потписот на историскиот договор од Париз за Македонија носи огромна обврска и макотрпна работа. Обновливите извори на енергија немаат алтернатива, коментираат експертите.

Фотографија: MIA

Сериозна работа, но пред сѐ голема политичка волја ќе ѝ бидат неопходни на Македонија за да одговори на предизвикот за справување со последиците од климатските промени. Како дел од историскиот договор што беше постигнат во Париз, на Македонија ќе ѝ требаат околу 4,5 милијарди евра за постигнување на зададените цели до 2030 година. Надлежните се свесни дека претстои сериозна работа, но се задоволни што конечно е утврдена насоката со заеднички меѓународен консензус:

„Тоа што се постигна во Париз е историски договор и огромен успех на француската дипломатија. Сепак, документот засега е политички, без правна сила. Земјите се обврзаа дека и официјално ќе станат дел од договорот кој официјално ќе биде отворен за потпишување од 22 април 2016. За договорот да стапи во сила потребно е потпис да го стават најмалку 55 земји од светот, односно земјите кои сочинуваат најмалку 55% од вкупната емисија на штетните гасови. Македонија секако дека ќе биде дел од оваа иницијатива, но дотогаш треба да се извршат сериозни и обемни консултации и подготовки. Засега е отворено дали ние како држава ќе одиме со потпишување или директно пристапување преку ратификација. Една од клучните работи за нас како мала држава е што договорот е флексибилен односно предвидува ревизија на секои 5 години врз чија основа ќе може да се ревидираат и потребните ресурси за постигнување на зададените цели, што пак ќе зависи од мерењата за емисија на штетните гасови. Ние уште во септември најавивме дека фокусот ќе ни бидат енергетиката, транспортот. Сепак за справување со овие предизвици потребни се и огромни средства кои нема да можат да се обезбедат само преку странски фондови, туку и преку домашни инвестиции во таканаречен зелен развој, што сметаме дека е од исклучителна важност за економијата“, велат за Дојче веле од тимот на Министерството за екологија, кој беше присутен на конференцијата во Париз, одржана на средината од месецов.

Големи проекции

Што точно значи договорот за Македонија и какви се обврските за неа допрва ќе се расправа. За експертската јавност е многу важно освен декларативно, конечно сериозно да се пристапи кон овој процес:

„Целта на она што е договорено во Париз е на светско ниво температурите да не се покачат повеќе од 2 степена до 2050, односно секоја држава да не дозволи тоа да биде повисоко од 1,5 степен. Секоја земја даде свои ветувања, но сите тие се прилично матни и непрецизни како и кога ќе се остварат. Добро е што овојпат уште во старт има изразено волја, за разлика од Кјото-протоколот и Копенхаген, но допрва треба да се види како тоа ќе се изведе. З а Македонија има проекција дека ќе ја намали емисијата на ЦО2 која создава ефект на стаклена градина и задржување на температурите до одредено ниво, односно ограничување. Идејата е ЦО2 да се редуцира, односно барем да се преполови. Македонија има ветено дека до 2030 тоа ќе го намали за 30% или во пооптимистичката варијанта - за 36%. Се предвидуваат повеќе милијарди евра за потигнување на таа цел, но лично сметам дека бројките се преамбициозно високи, а предвидената цена ниска. Но сепак, споредено со регионот, Македонија е подобра од Албанија и Србија на пример, кои немаат ниту национален модел за следење на климата. Кај нас тоа го имаме, а исто така располагаме и со човечки потенцијал кој се разбира од овие работи“, вели за Дојче веле Лилјана Поповска од ДОМ, единствената партија со зелен предзнак.

Ќе бидат ли исполнети целите?Фотографија: DWS. Toevski

Земја со сонце бега од соларна енергија?

Клучно што треба Македонија да направи, според Поповска, е да се преориентира кон обновливи извори на енергија, но и да се ослободи од политичките стеги кои го гушат овој процес:

„Во Париз е постигнат начелен договор до 2050 да се исфрлат фосилните горива - нафта, бензин, па дури и гас. Ние допрва зборуваме за гасот, кој загадува помалку, но и тој сепак загадува. Затоа целта се алтернативни и обновливи извори на енергија, пред сѐ сонце и ветер. Огромен број домаќинства се греат на сѐ и сешто, имаме термоцентрали со јаглен - РЕК Битола и Осломеј, а се спремаме и за нови и затоа копаме јаглен и вршиме истражување, во исто време кога во Европа тие процеси се затвораат. Зошто се бега од сонцето? Да, недоволната информираност има влијание, но и прикаските на лобисти дека тоа е скап процес. Но, како на пример ѝ успева на една Германија тоа да го направи со минимум сончеви денови, огромна индустрија и 84 милиони жители? Треба да се отвориме и да престанат замајувањата и лобирањата од разните бизнис и политички лоби групи кои имаат интерес во продажбата на фосилни горива, продажбата на струја од увоз... Само затоа што некој од високите кругови е во бизнис со струја, Македонија увезува 30, до 40% од своите потреби и плаќа огромни средства. За тоа е потребна политичка волја, но и многу работа, која верувајте не чини 4,5 милијарди евра. Доволно е да дадете субвенции за соларни панели кои обезбедуваат топла вода. Колку е тоа важно ќе видите од податоците кои покажуваат дека 45% од енергијата ја трошиме за ова. Да се обезбедат поволности за изградба на енергетско ефикасни објекти. Но не да се фрлаат огромни пари како што сме сведоци со објектите кои ги гради државата. Да, тие се енергетско ефикасни, но и многу скапи заради естетскиот момент. Сето тоа треба да биде владина инвестициска програма која на долг рок ќе донесе огромни буџетски заштеди кои ќе можат да се употребат за инвестиции во еколошки проекти. Таквата политика истовремено ќе го отвори и патот кон огромниот број странски фондови“, коментира Поповска.

Во обновливите енергии е спасотФотографија: imago/Eibner

Половни автомобили, стари загадувачи

И невладиниот сектор во континуитет апелира, но и предлага сериозни чекори за намалување на ефектот. Еколошките организации апелираат на намалување на зависноста од јаглен, односно негова замена со други горива, инвестиции во обновливи извори на енергија и нивна максимална диверзификација. Стимулирање на локално производство на енергија, како и мерки во делот на транспортот како еден од поважните сектори што влијаат врз емисијата на штетните гасови. Плановите на надлежните се двојно намалување на потрошувачката на гориво, посебно за лесните возила, преку изработка на практична национална политика за обновување на возниот парк. Преориентирање кон еколошки возила сугерира и бизнис заедницата која инсистира на најмалку ЕУР 4 стандарди. Ваквите мерки за дел од експертите се добредојдени, иако можеби и малку задоцнети со оглед на фактот дека Македонија во изминативе години стана прибежиште за европските половни автомобили: „Увезовме над 150.000 автомобили кои можеби го обновија стариот возен парк кој исто така загадуваше, но што направивме, на улиците сега имаме најмалку двојно, ако не и повеќе автомобили кои иако се поеколошки од, на пример, старо Југо или 101, загадуваат многу повеќе“, коментира Поповска.

Фотографија: DWS. Toevski
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми