За талибанците принцот Хари има ментални проблеми
22 јануари 2013„Има 49 земји кои со својата моќна војска потфрлаат во борбата против муџахедините и сега овој принц доаѓа и ја споредува војнава со неговите игри, со Плеј стејшн или како и да ги нарекува“, рече порпаролот на талибанците Забибулах Муџахид.
Талибанците реагираа на првото интервју, коешто принцот Хари го даде по завршувањето на војничката мисија во британската база „Камп Бастион“ и во кое призна дека со својата хеликоптерска единица учествувал во операции за уништување на непријателски позиции. Во интервјуто тој рече: „Ако има луѓе кои се обидуваат да им направат лоши работи на нашите момци, тогаш ние ќе ги извадиме нив надвор од игра“.
Еден новинар го праша: „Ако си повикан, дали би пукал, а веројатно и си пукал, и би убил непријател?“
„Секако, како и многу други луѓе што мораат. Мојата единица беше таму. Секој во одредена мера пукаше. Веројатно малку повеќе отколку истото време претходната година“, одговори принцот Хари.
Тој е обучен за пилот-топџија на борбените хеликоптери „Апачи“. Во британската армија тој не е принц, туку официр кој е регистриран како капетан Велс. Сепак, разговорот на Хари со британските весници, од безбедносни прични, се оддржа откако тој го напушти Авганистан. Таму британскиот прин мина четири месеци и тоа беше негово второ учество во војната против талибанците.