1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Успешен мултиетнички бизнис со политика на интеграција

Костадин Делимитов
22 септември 2020

Субвенции по мултиетнички клуч и форсирање двојазичност во приватни фирми е спротивно на коцептот на граѓанско општество. Бизнисмените реагираат и бараат политичарите конечно да излезат од застарените матрици на поделби.

Mazedonien Zentrum von Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Субвенции по етнички клуч среде промовирање на општество eднакво за сите нема да донесе ништо поволно за бизнисот во државата. Бизнис заедницата реагира на ставовите и пораките на политичарите од албанскиот политички блок, кои деновиве заговараат субвенции за вработување на Албанци, или форсирање на двојазичност во приватните фирми, оти младите Албанци не го познавале македонскиот јазик. Ваквите ставови на економските министри во Владата, но и на коалициониот партнер отвораат повеќе дилеми околу вистинскиот концепт на власта за поттикнување на економскиот развој на земјата и само дополнително ќе влијаат на поделби во општеството кои не носат ништо добро на економијата.

„Ова не се вистинските мерки кои бизнисот ги очекува од политиката. Ако таа сака да создава услови за кој било здрав економски амбиент тие други работи во поглед на етничкото третирање на населението може да се решат само со две реченици во уставот. Буквално се` да важи за сите подеднакво во оваа држава и ете решение. Оти нема потреба од делумно, или присилно и насилно да заговараш мерки и да иритираш други етникуми. Затоа во ова што се заговара  препознаваме политика, а не економска мерка која ќе им донесе добро на буџетот на граѓаните“, реагира бизнисменот Мендерес Кучи од Стопанската комора на северозападна Македонија.

Ако политиката сака навистина да му помогне на бизнисот, според Кучи, треба да се решаваат вистинските проблеми кои ја обременуваат економијата и го кочат развојот. Вака вели тој само се оди спротивно на концептот кој нема алтернатива, Европската унија: 

„Еднаш засекогаш политичарите ќе го лечат ова стопанство ако го намалат бројот на нивните административци и тоа по каков било клуч нека го третираат. Само така ќе го намалат товарот врз реалниот сектор и граѓаните кои плаќаат за нив. Решенија има многубројни, но очигледно никој нема волја ниту познавање за такво нешто. Треба поинаков, позрел и посовремен пристап, а не да враќаме некои работи наназад во минатото, под таков клуч, кога претендираме за Европа, каде знаеме како се третираат овие работи и како се решаваат. Не сме само ние со мешано етничко население. Во Европа имаме мигранти и тие институционално имаат права, државата има специјален третмнан за нив, но и таму гледаме како тоа се прифаќа од страна на обичните граѓани и тоа е менталитет. Затоа не можеш да го натераш никого на сила да смени мислење. Но кога ќе почнат тие деца да се дружат во училишта, не по присила туку по природен пат, секако многу брзо ќе се интегрираат и ќе препознаваат дека станува збор за човечко битие кое има подеднакви потреби и можности за развој на општеството“, коментира Мендерес Кучи.

Дека станува збор за промовирање погрешен концепт критикуваат и други стопанственици. Миле Бошков, претседател на Конфедерацијата на работодавачи предупредува дека е поразително што и натаму дел од политичките фактори не можат да се извлечат од синдромот на дневна политика.

„Секое потенцирање на одредени исклучоци во општеството, дали било јазик, вера или определба е на некој начин истакнување на слабиот демократски капацитет. И тоа во едно слободно демократско општество каде патем патем овие права се стекнати со самото присуство, учество во него, особено врз основа на тоа дека сме граѓанско општество. Така што ова што го слушаме наликува дури и на примитивен популизам“, критикува Бошков.

Повеќе:

Танго на македонски начин

ФАЦ: Експеримент на Заев и Ахмети со новата влада

Програма на Владата: План за рестарт

Истражување: Додека владата ги укинува, привремените вработувања се множат

Според него, клучно за бизнисот и стопанствениците е да се креираат политики и мерки кои ако не пред, тогаш барем да бидат со времето: 

„Вообичаено политичарите кога предлагаат мерки тие треба да бидат применливи, модерни, пред времето и да бидат поттикнувачи на еднаквост. Имаме кај нас многу примери во кои се истакнува различноста, а кои не придонесуваат кон истакнување на заедничкото живеење. Така и за бизнис, или бизнис концепт мислам дека не е потребен класичен популизам, ниту вакви идеи мерки или иницијативи кои не му помагаат ниту на бизнисот, ниту на општеството, ниту на потрошувачот ниту на концептот на граѓанско општество какво што е македонското“, предупредува Бошков.  

Идејата за етнички пристап и во приватниот сектор го промовираше вицепремиерот Артан Груби со ставот дека Владата планира со субвенции да поттикнува вработување на Албанци во приватниот сектор. Откако јавноста реагираше со критики, Владата се правдаше дека Груби всушност зборувал генерално за сите етнички заедници, а ваквата политика била дел и од владината програма која според планот ќе се операционализира од наредната година. Дополнително и изјавата на владиниот коалиционен партнер Биљал Касами од Беса кој отворено ги повика фирмите да воведат двојазичност оти како што вели, дел од младите Албанци имале потешкотии со македонскиот јазик.

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска порача дека ДУИ нема да отстапи од вработувањата на помалите етнички заедници, дека тоа го има во програмата на Владата, но дека оваа мерка нема да важи само за Албанците, туку за сите етнички заедници, па дури и за Македонците. Тој се обрати до сите оние кои по неговата изјава давале коментари, и ги повика да ја прочитаат добро владината програма.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми