1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За шовинизмот, национализмот и тематизмот

19 септември 2019

Веста за уште едно коалициско здружување меѓу македонската и албанската опозиција на локално ниво би требало да предизвика значаен интерес на медиумите, ако не и на јавноста заситена од оперетата Кате 13.

Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

„Ако сакаме да нештата останат како што се, мора да имаме промени – Џузепе Томази ди Лампедуза.

Според сите параметри, веста за уште едно коалициско здружување помеѓу македонската и албанската опозиција на локално ниво (прво Дебар, сега Гостивар)  би требало да предизвика значаен интерес на медиумите, ако не и на јавноста заситена од оперетата Кате 13 и циклични европски дејтинг ритуали. Сетики, на власта и нејзините медиуми не и одговораат вестите за таквите дружби надвор од нивната орбита. Додека пак самите актери на здружувањето не би сакале да таквото коалиционирање ја наруши конструираната етно-патриотска ексклузива пред сопствените симпатизери и гласачи. Но нервозата е сепак присутна, видлива и читлива помеѓу речениците исполнети со апели дека опозицијата нема поминато низ mea culpa пургаториумот од сопствените минати зла. Во тие строго контролирани морални тестови наметнати од строго конотролирани партиски интелектуални детектори на моралноста, нема да најдете трунка критика за алергичноста од прочистување на сопствените партии. Но ќе најдете сосема конкретна нервоза и изненадување од можноста да гласачите го сторат несфатливото – да и простат на опозицијата денешна онака како што и имаат простено на опозицијата довчерашна.      

Ликовите кои се дрзнуваат да изнесат такви селективни мемории, не заслужуваат озбилни осврти. Што не важи и за прикриената манипулација која предолго и упорно се наметнува. И на која, поради опортунизам или клиентелизам, јавноста не сака да реагира со контра-аргументи. Затоа, кога веќе збориме за катарзи, време е да истата ја разголиме до срж. Во која лежи долго култивираната и конструирана црно-бела претстава за СДСМ како urbi et orbi прифатена партија на граѓанскиот концепт, меѓу-етничка толеранција и про-западна ориентација. За ВМРО-ДПМНЕ како per definitionem националистичка, шовинистичка, анти-западна братија. И ДУИ, тоа чисто и невино тематски адаптабилно гнездо кое пати и липти за ЕУ вредности и НАТО принципи. Дали е тоа баш така во реалноста? Дискутабилно, најблаго речено. Доколку би мереле според историјските искуства, аурата и ловориката на фактичкиот шовинизам им припаѓа на СДСМ, на галамџијскиот национализам на ВМРО, а тематскиот цинизам на ДУИ.

Дали е потребно да се набројат сите шовинистички мотивирани екцеси на владите на СДСМ превземени против албанците? Почнувајќи од аферата Паравојска, крвавата казнена експедиција во Гостивар, полицијското оргијашење низ Бит Пазар, Тетово, Лабуништа. Се во име на одбраната на било што од курентната политичка бајка за маскирање на суштината: системски гаена омраза, маскирана во лажен граѓански концепт моделиран врз рушевините на лажниот социализам на братство и единство. Оние кои ќе реагираат со став дека тоа е нешто што припаѓа на минатото и нема никаква врска со сегашноста или со ова, наводно, ново СДСМ, се само делумно во право. Делумно индивидуално, бидејќи гледано во ретроспектива, во севкупната историја на СДСМ само еден лик имал доблест, формат и одговорност да понуди извинување за сопствените (не)дела: Бранко Црвенковски, во сопствено име. За жал, и покрај сите полугласни изговори и самооправдувања, ни сегашниот претседател не најде морална доблест во себе да побара прочка за неговата улога во настаните од тој период.

Од другата страна на таа црно-бела претстава, ВМРО-ДПМНЕ ќе остане запаметена како типичен пример на пост-комунистички шунд-национализам кој со соптвениот накараден вокабулар и вербална хистерија ќе ја востоличи и промовира СДСМ како граѓански столб на толеранција. Но настрана хормоналниот патриотизам на ВМРО, се наметнува прашањето: колкав е бројот на убиени Албанци за време на владеењето на таа партија? Првичната реакција поврзана со 2001г. е несоодветен бидејќи станува збор за воен конфликт со жртви на двете страни. Вториот пример, Кумановските настани, се – види чудо – сосема неистражени и апсолутно нерасветлени настани, за кои ниту ДУИ не дига премногу врева. Во третиот пример на Монструм, интересно, првата реакција е дека жртвите биле Албанци (поради сомнителните апсења кои следеа) а не дека жртвите се всушност етнички Македонци. Во следните примери, од Бродец па до екзекуцијата на Харун Алиу остана нерастветлено кој дел е по заслуга на ВМРО-ДПМНЕ, а кој на ДУИ или ДПА. И на крај, претставата за ВМРО-ДПМНЕ е базирана врз објавените разговори на нивните ракодводители. За разлика од СДСМ, чии телефонски дискусии и квалификативи за Албанците се сеуште педантно криена државна тајна. Или барем така мислат во СДСМ.

Судејќи според наведеното, логичниот заклучок е дека ВМРО-ДПМНЕ е националистичка партија лишена од шовинизам. Како и се друго, и тоа е залажувачки половична констатација. Иако на сметка на ВМРО-ДПМНЕ може да се признае историјската спона на соработка со Албанците, надградена со кусиот entente cordial помеѓу Љубчо Георгиевски и Арбен Џафери, не може да се пренебрегне ескалацијата на албанофобијата во времето на Груевски и неговата македонска верзија на нео-конзерватизам изграден од увезената братија на разочарани левичари. Токму во тој детал на Груевистичката албанофобија се крие врагот на премолчената болна вистина за самата партија. Анализата на таа ескалација не може да биде целосно расветлена доколку претходно не се земе во обзир не-ВМРОвското потекло на лозата Груевски-Мијалков и влијанието на марксистичките нео-патриоти и нивните потомства. Не е за чудење што најозлогласените пропоненти на анти-албанскиот шовинизам на Груевски всушност беа ново-приклучените не-Вмровски кадри превземени од една друга, поранешно виножитна партијска конструкција од лева провиниенција. Исто како што и не треба да не изненади фактот што омилената шовинистичка провокација на про-руските кругови околу ВМРО за тоа дека „Албанците ќе пливаат во Јадранско море” за прв пат е јавно искажана (во 2001 година) од еден познат сдсмовски професор, интелектуален паљачо, а денес истакнат следбеник на Зоран Заев.

Бидејќи се такви, нели, чудни, патиштата на историјските беспатија, не е за чудење што години подоцна тој истиот лик ќе биде приморан да преку неговите speed-dial Албанчиња побара спас и помош токму од неговите омилени пливачи – Албанците на ДУИ. Помошта која ја побара и ја доби (белким) токму поради споделената шовинистичка природа на ДУИ, омилената албанска партија на македонскиот и меѓународен естаблишмент, поточно на СДСМ и на квази-вмровско крило блиско до Груевски. Пост-воената политичка коректност налагаше да се заборави пред-партијската историјска епизода на Ахмети со неговиот куриозитетен вокабулар вперен кон „славо-Македонците” и кон „предавниците на албанството”, славните Коминикеа на УЧК со кои со се бараше она за што денес Ахмети ги сомничи сите останати дека „не и сакаат добро на Македонија”. Во таа политичка коректност и ден денес е скандалозно да се изведе „попис на коски” во кои треба да се утврди колку Албанци загинале во мирнодобие и под сомнеж вперен кон ДУИ, а колку поради сомнеж за ангажман на ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ. Почнувајќи од заборавениот масакр пред Чаирчанка. Па до убиствата низ Куманово. Ахмети не е Црвенкоски за да побара лично извинување пред Македонците. Неговото извинување пред Македонците е дадената согласност за систематско затварање на неговите војници.

За жал, доминатната ментална склопка на нашата јавност и ден денес ќе се најде скандализирана пред ваквиот кус пресек на нашите искуства со парфимираниот крвав шовинизам и смрдливиот скржлав национализам на нашите партијски номенклатури. Напротив, добар дел од нив во наведеното ќе најдат причина повеќе за симатизирање на СДСМ (кај македонците) и ДУИ (кај албанците), на линија на логиката „тие знаат како треба со нив”. На таквата приглупост на домашната јавност е тешко да им се укаже дека етничкиот шовинизам е всушност само површинскиот врв на огромната самнта мраз која ја разјадува земјата и општеството. А тоа е секако социалниот шовинизам, како нормален, логичен, природен и извршен додаток на етничкиот шовинизам. Искуствата од минатото, од транзицијата, ТАТ, Скопје 2014 па сѐ до етнички чистиот скандал Рекет, упатуваат на традиционалниот паралелизам во наметнување на меѓу-етнички тензии со кои се дефокусираше вниманието од наметнувањето на социјална дискриминација и економски шовинизам по над-етнички линии.   

Логичниот заклучок кој се наметнува од првиот пасус па да завршниот опис е дека обидите на Мицкоски за градење на некој нов ВМРО-концепт базиран на националистичка нарација, растеретена од шовинизми е однапред ставен под знак прашање. Како поради споделениот социален шовинизам на СДСМ, ДУИ и меѓународната заедница, така и поради сеуште силната анти-албанска демагогија на груевистичкото крило во неговата партија и опкружување. Вистина, коалицирањата на ВМРО и Алеансата во Гостивар и Дебар се потсетник дека доколку Албанците смогнале сила да им простат на СДСМ, тие би можеле да смогнат сила истото да подзаборават и за ВМРО. Состојбите во земјата се ионака речиси пресликани од времето кога етно-демагогијата на СДСМ и нивните опортунистички свилени кошули во ПДП создаваа терен за пробив на Георгиевски и Џафери. Поставеноста на сцената и актерите на неа се поволни за амбициите на Мицкоски и Села. Она што не е сосема поволно е што ниту еден од нив нема ниту едно ретче сценарио и ниту една линија на дијалог, а камо ли наратива за иднината која си ја посакуваат и на граѓаните нудат. Со криење и пантомима, не бива промена. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми