1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За Јовановски девет, за Јанева седум години затвор за Рекет

БГ
18 јуни 2020

Двајцата првообвинети во случајот „Рекет“, Бојан Јовановски и поранешната СЈО Катица Јанева денеска добија долгогодишни затворски казни. Судот ги прогласи за виновни и нареди конфискација на имот.

Nord-Mazedonien |  frühere Chefin der Sonderstaatsanwaltschaft Nord-Mazedoniens (SJO) Katica Janeva
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева доби казна затвор од седум години, а вториот обвинет во случајот „Рекет“, Бојан Јовановски ќе мора на отслужување деветгодишна затворска казна, пресуди Кривичниот суд во Скопје. Освен неправосилната затворска пресуда, судот наложи на Јовановски да му се конфискуваат облеката од скапи брендови, уметничките слики, мебелот и други предмети, како и 12 илјади во кеш што биле најдени кај него. На Јанева ќе и бидат конфискувани 50 илјади евра.
До правосилноста на пресудата Јовановски останува во притвор во затвор, додека Јанева и натаму ќе биде во домашен притвор. 

- Повеќе на темата: Дојде денот Д за случајот „Рекет“

На изрекувањето на пресудата присуствуваше само Јовановски кој во еден момент за малку ќе беше отстранет од судницата откако побара збор за да се изјасни за мерката притвор, а зборуваше за пресудата.
„Ова е политичка одлука. Парите рекетирани во оваа Македонија барајте ги кај Зоран и Вице Заеви", рече Јовановски.
Јанева одлучи да не дојде на изрекувањето на пресудата.
Од пресудата се незадоволни и обвинителството и одбраната. Обвинителката Вилма Русковска најави дека ќе поднесе жалба за пресудите за двајцата.
„За Јанева очекував помеѓу 7 и 8 години, а за Јовановски не сум задоволна- не очекував под 10 години. Ќе поднесеме жалба и за едниот и за другиот“, рече Русковска.
Адвокатот на Јовановски, Сашо Дуковски пресудата ја оцени како „брутална“.
„Очекувана пресуда, знаевме дека ќе биде ваква брутална казна. Најмалку се заснова на докази- такви нема. Вие бевте сведоци дека нема изготвено вештачење, а судот во образложението се повикуваше на докази, а нејасно е на какви. Нашата борба не завршува тука“, рече Дуковски.
И бранителите на Јанева најавуваат жалба на пресудата.
„Разочарани сме и сметаме дека пресудата за Јанева е превисока. Со вакви пресуди не се враќа довербата во правосудството, затоа што судот треба да суди врз основа на докази. Докази дека Јанева го сторила делото не постојат. Обвинителството не достави никакви докази“, тврди адвокатката Ирена Фрчкоска.
Третиот обвинет во случајот „Рекет“, Зоран Милески – Кичеец уште на почетокот на процесот ја призна вината и доби затворска казна од 3 години, чие извршување го чека на слобода.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми