1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За 24 декември, без емоции

Гордан Георгиев
25 декември 2018

Веројатно најважниот симболичен одглас од 24 декември 2012 беше неочекуваната смрт на парламентот. Истиот тој парламент потоа доживеа уште една смрт на 27 април 2017 година. Колумна на Гордан Георгиев.

Gordan Georgiev
Фотографија: privat

Мојот предлог да се забрани месец декември и директно од ноември да прејдеме на јануари не помина. Мачно изгледа декември во Македонија доколку сте во состојба однапред да ѕирнете во јануари. Бескрајни предновогодишни забави, опивања и заборавања, простувања, самопрегор и величествени планови за следната година. Тој меур пука веќе на први јануари, заедно со главоболката и однапред неостварените очекувања. Ваквите целодекемвриски сатурналии понекогаш ми личат на последните недоиспиени чаши шампањ на Титаник. Велам, ми го одбија предлогот сите едногласно, иако секој од различни причини. Некој едноставно сака да слави и да заборави, без разлика на јануарската фактура. Некој друг по инерција се приклучува на останатите во славењето. Реткиот трет навистина имал добра година и очекува уште подобра во 2019. Се разбира, малкумина, речиси никој, го поврзува декември со тнр. Црн понеделник, 24 декември, 2012 година.

Луѓето, групите, нациите, повеќе се сплотуваат и обединуваат во мачните историски настани отколку во убавите моменти. Тешките премрежја низ кои поминува една држава се камен темелник за иднината, историски точки кои ги споделуваме сите заедно, ги чествуваме и повикуваме на незаборав и неповтор.

24 декември 2012 година треба да биде таков ден, кога пратениците и новинарите беа насилно исфрлени од собраниската сала за потребите на извршната власт. Но 24 декември сепак не стана таков ден. Некако остана на маргините на сеќавањата, како лошо деноноќие што сакаме да го заборавиме. Лоша совест за нашето потценување на реалноста. Овој прогон на совеста важи за сите три вклучени страни во настанот. ВМРО-ДПМНЕ го прогласи за тоалетна хартија уште кога беше во врвот на својата моќ и своето бесчестие. Подоцна дознав дека имаше луѓе-пратеници кои навистина се срамеа од тој настан, некои потоа и приватно се извинуваа, но заради потребата за монолитност на нивната партија изостанаа личните покајанија и исповеди. Некои од нив веќе не се пратеници, со некои дури и кафе знам да испијам, па еве ги повикувам да посведочат за тој ден, можеби ќе ги намали траумите на луѓето.

СДСМ, пак, заради дивергентните интерпретации на отпорот идеолошки се подели после настанот, и би рекол никогаш не се опорави после тоа. СДСМ стана жртва на правилните проценки околу природата на режимот на Груевски, проценки и оценки кои не ги споделуваше меѓународниот фактор (од свои причини, а тие ќе се дознаат еден ден), и најважно од се’, жртва на стравот, клиентелизмот и удобноста на мнозинството на народот да живее во лажниот рај на груевизмот. Ова е третата засегната страна на 24 декември, она големо мнозинство на граѓани кои дома, молчешкум, во предновогодишна атмосфера го проследија настанот, одбраа да го третираат како непотребна еднодневна непријатност која не може и не смее да им го наруши фестивалското расположение.  

Други колумни од Гордан Георгиев:

-Историјата е опасна

-Сетете се дека нѐ сакавте

-Не заборавајте дека се мразиме

Сепак, јануарското отрезнување дојде по своето. 24 декември бавно но темелно ги подразбуди граѓаните и им укажа дека Груевски не се шегува. Дека Ѓаволот сепак чукнал на вратата и ја однел шегата. Им го стави пред очи паралелниот свет во кој долго живееја, хранет со многу страв и малку субвенции. Ги подразбуди и странците, на кои секогаш подолго од што треба им треба да сфатат дека можеби „кучкиниот син и не е наш". Подоцнежните настани и бомбите на Заев ќе покажат дека и тогаш, како и сега, странците имале драматично погрешни проценки за природата на македонското општество. 24-ти како постконфликтно одзвонување во ушите ја покажа и подготвеноста на Груевски да судри народ со народ во конечна битка, што би рекол тој самиот, „до истребување“. И подготвеноста, ако треба, да ја уапси цела опозиција. Сето тоа ни се повтори како ново проклетство на 27 април. 24-ти остави и се' уште свежи рани кај некои кои беа во првите редови а не добија „боречка пензија". А повеќето ја заслужија.

Веројатно најважниот симболичен одглас од 24 декември беше неочекуваната смрт на парламентот. Тоа беше завршниот удар на извршната власт (полицијата) врз законодавната власт (онаа која одлучува за буџет на извршната власт и потребите на Груевски да може обилно да ги сервисира локалните избори, ах каква кусогледост!). На тој ден колективното тело наречено парламент, кое претставува несовршен претставник на сите граѓани, престана да дише. А општеството не беше подготвено да ја констатира оваа клиничка состојба и веднаш да побара темелна аутопсија.

Истиот тој парламент потоа доживеа уште една смрт на 27 април, без во меѓувреме да воскресне, иако второто умирање не беше толку очигледно и не се случуваше директно во собраниската сала. Оттаму, можеби прикладно е да се каже дека ако 24-ти беше смртта на парламентот, 27-ми беше ненајавената и сепак неуспешна смрт на општеството.

Двата настани (24-27) ќе бидат дел од важната историја на Република Македонија. Едниот е посимболичен, другиот е пострашен. Овие настани требаше да ја сплотат нацијата, а тие ја разделија уште повеќе. Гледаме деновиве дека 27-ми е повод за фиктивно помирување, на кое сепак мораме да му дадеме шанса да се прелее во општеството. 24-ти беше исфрлање на половина Македонија од политичката арена, остракизам кој го гледавме на малите екрани. Ако сакаме да бидеме чесни, и референдумот и бојкотот на голем број на граѓани исто така е исфрлање на половина Македонија надвор од арената. Ваквите „исфрлања“ ни се случуваат постојано, те на едната те на другата страна. Толку мала држава, со толку кревко тело, не може повеќе да издржи толку интензивни потреси.

Од друга страна, секогаш со восхит го гледам британскиот парламент, неговата старост, неговата мудрост и отстоеност, небаре црвено вино. Утехата која понекогаш ме смирува, обземен од виорот на настаните, е дека за се’ треба време. Не е до зградата и старите тули во неа, туку до штелување на практиките, прифаќање на непишаните правила, почитта меѓу колегите, одговорноста на партиите кога ги кандидираат пратениците. Ех, уште колку многу имаме за изодување. Но да започнеме прво со домаќинската работа. Овозможете му на парламентот да стане куќа, или поточно дом. Дајте му буџет кој сам ќе го распределува, дајте му независност на својата администрација и можности за напредување на вредните вработени, дајте му сам да се грижи за сопствената безбедност. Дајте му на домарот одврзани раце, заедно со станарите, да одлучува во име на сите. Бидејќи во парламентот сите треба да бидеме како дома. Убеден сум дека на (било кој) претседател на парламентот не му е лесно да биде партиски обоен, туку тој или таа пред се (треба да) гледа да се грижи домот да биде чист и спастрен, да има храна за сите а станарите да бидат задоволни. Парламентот треба да создава, а не да слуша. Но парламентот треба да биде и место на обединување, обединување во различностите. Се караме, се смируваме, ама ние сме ЕДЕН парламент, бидејќи сите сме таму. Тоа се важи, и во добро и во зло.

Еве, следната година нека биде година на парламентот. Не, сегашните пратеници нема да станат подобри, дури ни вербалните тензии најверојатно нема да се намалат. Но убеден сум дека може да се постават темелите на еден нов парламент, за во иднина, за некој друг состав, за некои подобри од нас. А за составот нека мислат партиите, а најмногу граѓаните кога го даваат својот глас.

***

Поминаа 6 години од проклетиот понеделник, не сум напишал ни збор за тоа. Не сум го чествувал, или само ретко како израз на солидарност кон колегите кои никако не дозволуваа да се заборави. Од оваа дистанца тој ден не ми значи ништо лично, освен тешките трауми кои ги преживеа Ана со шестмесечно бебе дома и бесот на татко ми, кој подоцна дознав преминал во потреба за освета. Толку. Но тоа „толку“ не е малку. И денес кога случајно ги гледам снимките и се гледам себеси како партал исфрлен од собраниската сала, морници ме полазуваат. Кога отпосле дознавме дека парламентарните избори во 2011 биле наместени, станува појасно зошто Груевски, Јанкуловска и останатите имале потреба физички да не’ отстранат од општеството. Да, парламентот е квинтесенција на општеството, исфлитрирано претставување на граѓаните преку претставници на народот. Од оваа шестгодишна дистанца и обид да се лишам од емоциите, разбирам колку значаен беше тој ден.

Затоа, сегашната власт има должност кон општеството да го расветли Црниот понеделник, па макар потоа и галантно да додели амнестии. Некои деновиве потсетија дека нерасчистувањето на 24 декември го отвори патот за 27 април. Тешко е да се направи каузалитет помеѓу овие два настана, но местото на злосторот е истото, а семето на поделбите и потребата да се уништи политичкиот противник претставен како непријател се’ уште вирее во парламентот, иако врз него сега се посадени качунките на помирувањето. Посакувам 2019 година да биде година на македонскиот парламент, место на среќавања а не на разделби, место во кое различностите ќе се уважуваат а сличностите прокнижуваат како заеднички успех.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми