1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Музика

За 40 години „Џез“ недостасуваат само две имиња

Ана Арсеновска-Зафирова
20 октомври 2021

По 2000 изведувачи кои минале низ концертните простори во Скопје, без славеничка помпа, а со богата програма, денеска започнува 40-от „Скопски џез фестивал“. За јубилејното издание - разговор со Оливер Белопета.

Nordmazedonien Oliver Belopeta Direktor des Jazz Festivals in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Препознатливата октомвриска џез атмосфера веќе се чувствува во градот со отворањето на изложбата „Компликувај едноставно“ (Coamplify simply), на која се изложени 24 плакати од постерите на фестивалот со кои се освоија најголемите награди на светските маркетиншки фестивали. 

ДВ: Како ви изгледа годинешново издание на фестивалот, втора година по ред во пандемија?

Оливер Белопета: Ние програмата ја подготвувавме во мај, кога ситуацијата со Ковид-19 кај нас беше во едноцифрени броеви и затоа го зазедовме ставот „Ковид 0“ додека го подготвувавме јубилејното 40-то издание. Инаку, мерките кај нас и во светот се јасни, немаме проблеми во однос на тоа, затоа што и ние и изведувачите беспрекорно ги почитуваме. Но, точно е дека е јубилеј, ама ние јубилејот не го славиме. Не се работи за славење, коктели, некои црвени килими. Во целата организација нѐ водеше само една идеја - фестивалот да биде со богата програма и практично да го одбележиме со таква богата програма.

На богатата листа од гостувања во изминатите 40 години во Скопје ги донесовте сите значајни џез-имиња, но има ли некои што Вам ви недостасуваат?

Сѐ е донесено што е актуелно и значајно. Но, ако погледнам наназад, можеби само две имиња недостасуваат. Починатиот Мајлс Дејвис, за кој немаше услови да дојде додека беше жив на почетокот на фестивалот. И остана само едно име, а тоа е Кит Џаред, за кој апсолутно немавме услови да го донесеме, пред сѐ инфраструктурни, а тој сега е болен и веќе не настапува.

За 40 години „Џез“ недостасуваат само две имиња

03:33

This browser does not support the video element.

Колку Скопскиот џез фестивал е заложба на Оливер Белопета?

Голема е таа моја заложба, со тоа што морам да бидам коректен и да кажам дека фестивалот сепак почна во Младинскиот културен центар, и јас бев само сегмент од неговите први неколку години и тогаш тој беше заложба на повеќе луѓе.

А последниве 20-30 години тука е мојот процент на заложба доста голем, се разбира со почит на тој многу мал тим којшто работи на фестивалот.

Оливер Белопета со славниот американски џез-музичар Тито Пуенте и неговиот синФотографија: Skopje Jazz Festival

Дали тоа значи дека Скопскиот џез фестивал треба да се институционализира и да очекува директна помош од државата?

Џезот е веќе институционализиран како установа за уметнички дејности од непрофитен карактер. Тоа е од 1998/99 година, таа трансформација се изврши со новиот закон за култура. Она што е страшно за државата е што гледаме дека со таквиот правен и организационен формат, ние останавме единствени тука. Тоа е европскиот модел кој се прифати. Тоа што нашето министерство и законодавство не ги следи тие промени што се случуваат во светот... Да не мислите дека некој чита европски закони во културата? Инаку кај сите фестивали во Европа, а се работи за илјадници, пресудно е учеството на јавните пари, независно дали се работи на ниво на државата, министерство или се работи за регионално или градско ниво.

Каква е иднината на фестивалот?Фотографија: Skopje Jazz Festival

Што му посакувате на фестивалот?

Посакувам од многу причини да се стави точка и да престане фестивалот. Тоа беше и едно чувство што се имаше и оваа година, а има и зошто е тоа така. Секогаш сме имале проблем со инфраструктурата тука кај нас, но годинава е најлошата, со најмногу проблеми. Финансиите се многу кревки, а пореално е да кажам дека ова е финансиски најлошата година. Значи има многу елементи кои ми даваат за право да ставам една точка, бидејќи фестивалот се прави со еден ентузијазам, но тешко е да се одржи тој ентузијазам. Но, сега има и големо количество на инает. А има тука и едно друго чувство, кое малку пошироко треба да нѐ загрижи, но не и мене. Фестивалот има еден одреден број на посетители, од првата до последната година, кои не пропуштаат ништо и токму тие неодамна ми воочија дека дошле до чувството оти џез фестивалот веќе природно не припаѓа на оваа средина. И морам да кажам дека се во право, дека и јас го имам тоа чувство. Но, само да се оградам, не мислејќи на потребите на публиката и самата публика која постои овде.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми