1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зближување меѓу Косово и Србија

Бахри Цани / Александар Методијев18 декември 2012

Србија и Косово за првпат заедно воспоставија два гранични премини. За сега инцидентите изостанаа. Заедничката контрола на границата се смета за чекор кон нормализирање на односите меѓу двете соседни земји.

Фотографија: Carsten Koall/Getty Images

Нема блокади, инциденти и насилство и по една недела од почетокот на заедничкото управување со граничните премини Јариње во северниот дел од Косово и Мердаре на југот од Србија.

Но, меѓу Белград и Приштина и натаму постојат отворени прашања. Поранешната српска провинција прогласи независност во 2008-ма година, но Србија тоа и до ден денес не го признава. До сега и пет земји членки на ЕУ не ја признаа косовската независност – Шпанија, Грција, Романија, Словачка и Кипар. Но, и покрај тоа Белград се согласи на заедничка контрола на границата. Одговорноста за тоа ја презеде владата во Белград предводена од националистичката Српска напредна партија и Социјалистичката партија на Србија. На компромисот за заедничкото гранично управување се гледа како на предуслов за натамошно пристапување на Србија кон ЕУ.

Лутите непријатели сега се среќаваат, седат на иста маса и разговараат. Тачи, лево на фотографијата, и Дачиќ, десно, треба да се сретнат уште еднаш во јануари во БриселФотографија: DW

Поранешните воени непријатели на преговарачка маса

„Ние сега дојдовме во ситуација која за нас беше незамислива до пред неколку години, а тоа е дека ЕУ, па дури и Албанците од Косово се изненадени од нашата конструктивност. Мислам дека тоа е вистинската позиција преку која ќе им помогнеме на нашите пријатели за да ни помогнат“, рече српскиот премиер Ивица Дачиќ.

Ова објаснување дојде по последната рунда од дијалогот со косовскиот премиер Хашим Тачи. Во 1999-та година двајцата беа противници во косовската војна. Ивица Дачиќ беше еден од најблиските соработници на поранешниот српски диктатор Слободан Милошевиќ, а Хашим Тачи беше политички водич на Ослободителната армија на Косово, попозната како УЧК.

Од октомври до сега поранешните непријатели се сретнаа трипати во Брисел, седеа на иста маса и водеа разговори. Првите резултати се позитивни, иако на почетокот двете страни не сосема со добра волја започнаа со овој дијалог, оценува експертот за Балканот Душан Рељиќ.

„Се зголеми притисокот од надворешните фактори врз Белград и Приштина во последниве недели и месеци. Мораме исто така да се потсетиме дека во регионот беа американската министерка за надворешни работи Клинтон и високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Кетрин Ештон и дека двете страни ставија на знаење дека во Вашингтон, Брисел и другите европски градови се очекуваат придвижувања кои ќе донесат обновен пристап. Фактот дека е дојдено до заедничко контролирање на граничните премини е само еден чекор, ама само еден чекор на прилично долгиот пат“, вели Рељиќ.

Двете страни различно го толкуваат договорот за заедничко контролирање на границатаФотографија: Carsten Koall/Getty Images

На повидок не е брза нормализација

Експертот за Балканот не верува во рапидна нормализација на односите меѓу Србија и Косово. Причина за тоа, меѓу другото, е што многу договори и меморандуми се толкуваат различно од страна на Белград и Приштина, како што е и договорот за заедничкото управување со границата. Српската влада нагласува дека се работи за контрола на административна, а не на државна граница меѓу Србија и Косово. Владата во Приштина, пак, на ова гледа како на чекор кон признавање на косовската независност.

„Во моментот во кој Србија прифати да го имплементира овој договор, во истиот тој момент таа де јуре и де факто ја призна границата меѓу Косово и Србија“, изјави за Дојче веле косовскиот министер за надворешни работи Енвер Хоџај.

При примената на договорот остануваат многу прашања отворени, а пред се’ дали Србите треба да платат царина на граница и кој потоа ќе ги добие тие пари. Ова прашање треба да биде дел од следната рунда на разговори меѓу Дачиќ и Тачи на 17 јануари во Брисел. Тогаш треба да се разговара и за статусот на северниот дел од Косово.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми